Дом далеку од дома

Наслов:
Brooklyn

Режија:
Џон Кроули

Сценарио:
Ник Хорнби

Улоги:
Сирша Ронан, Емори Коен, Џули Вотерс, Домнал Глисон, Џим Бродбент...

Времетраење: 112 мин.

Година на издавање:
2015-та



Малку актерки успеале да освојат номинација за Оскар со само 3-от филм во кариерата, а уште помалку успеале тоа да го направат на возраст од 13 години. Тоа и успеа во 2007-ма година на талентираната Сирша Ронан за споредната улога во драмата Atonement, а следниот месец очекувајте тоа повторно да се случи. Сега за улогата во Brooklyn, но овојпат во категоријата најдобра главна женска улога.



Сирша во Brooklyn е Ејлиш. Девојка од малечко градче во Ирска која како и многуте млади луѓе, не гледајќи иднина дома ќе замине среќата да си ја бара во Америка, поточно во Бруклин. Патот до таму ќе биде екстремно непријатен за Ејлиш, а и самите почетоци во женскиот интернат, надгледуван од госпоѓата Кеох (Џули Волтерс) ќе бидат исполнети со осаменост и носталгија. Нејзиниот спонзор за доаѓањето во САД, свештеникот Флод (Џим Бродбент) ќе ја запише во вечерно школо за сметководство и ќе и најде работа во стоковна куќа, но вистинската промена на подобро ќе дојде со запознавањето на Тони (Емори Коен). Американецот од италијанско потекло кој често ги посетува игранките на ирската заедница. Сепак, кога немил настан во животот на Ејлиш ќе ја стави на емоционален тест, ќе направи да си го преиспита мислењето за тоа каде е нејзиниот дом.



Има толку многу иселенички приказни раскажани на филмското платно, но тоа што ја прави Brooklyn посебна е што во ср’жта сценариото е адаптирано  (од истоимената книга од Колм Тибин) и напишано од маестралниот Ник Хорнби. Зошто посебна? Затоа што тој успеал да внесе и нова доза на човечност, емпатија дури во најтемните моменти на ликовите. И покрај фактот првата половина од Brooklyn е подинамична во темпото, а втората флертува со мелодрама, Хорнби не само што ни раскажал една прекрасна љубовна драма, туку и една од безвременска сторија за иселениците која може да си најде  паралели и во денешно време. Приказната е универзална и покрај тоа што во во филмот е сместена во раните 50-ти. Да, сега таа би патувала со авион и би комуницирала преку Skype со роднините, но носталгијата, осаменоста се истите. Секаде и секогаш се истите, а тие се можеби најдобро прикажани преку ликот на Ејлиш. Самиот филм има огромен бенефит што ја има Сирша Ронан во улогата на главната хероина - Ејлиш. Ако не сте запознаени доволно со талентот на 21-годишната Ирка, можеби Brooklyn е доволен мотив тоа да го сторите. Сирша тука прави неверојатна работа нејзиниот лик да излезе од кожурецот и да се трансформира во прекрасна пеперутка. Тоа што во првите 40-на минути го гледаме од Ејлиш е само почеток на трансформацијата од бледа, резервирана, носталгична девојка во силна и самоуверена жена.



Маестралната Џули Волтерс како госпоѓа Кеох е скриено богатство во споредните улоги на Brooklyn, а истото може да се каже и за одличниот Донал Глисон како Џим Фарел познаникот на Ејлиш назад во Ирска. Но, сепак посебен аплауз треба да се даде на младиот Емори Коен. Тој успеал толку навидум стереотипната улога на Тони (лик со италијанско потекло) да не ја претвори во клише. Тоа е особено важно ако обрнете внимание на манирите (не и во говорот) и самата перцепција на актерот за ликот кој го портретира. Се разбира, благодарение на Хорнби да не стане само уште еден лик кој инаку би го нашле во дело од Марио Пузо. Тој е чесен и искрен. „Штом не те заморува со муабети за мајка си или за бејзбол, тој вреди да го задржиш“, ќе и соопштат на Ејлиш за Тони.



И ако веќе се обидуваме да ја анализираме главната хероина, забележете ја и визуелната трансформација во нејзиниот изглед потпомогната од костимографот Одил Дикс - Мироу. На почетокот костимите со потемни земјени бои ја надополнуваат не само безнадежната состојбата на карактерот, меланхолијата во расположението, а како што таа полека се приспособува и ја пронаоѓа смислата на нејзиното присуство во САД (и се разбира ја пронаоѓа љубовта) фустаните стануваат се посветли и гледаме палета на светло жолта, црвена, зелена, бела и сина.



Но, покрај основата, во под-темите режисерот Кроули и сценаристот Хорби начнале и теми како очекувањата на жената во општеството, женските односи, малограѓанштината и стандардите кои мора една жена да ги исполнува дури и во физичкиот изглед за да биде прифатена. Дури во една сцена гледаме како Ејлиш со лажица и вилушка вежба правилно да јаде шпагети пред да замине на вечера кај семејството на Тони.

-Мораш да носиш наочари на плажата, ќе и соопштат цимерките на Ејлиш во куќата. Ако не луѓето ќе зборуваат за тебе, и вели една од девојките.

-Зачудено и по малку револтирано госпоѓа Кеох прашува... А што точно ќе кажат?

-Тоа е поентата. Никогаш нема да ти кажат во лице, одговара една од девојките.



Сепак, можеби целата поента на нејзината внатрешна борба за да си го најде својот дом, каде и да е тоа, ќе ја најдете во една од најтрогателните сцени не само во филмот туку воопшто. Сцената во народната кујна за време на Божиќ. Забележете ги добро лицата на присутните постари мажи додека се пее народната песна и во само неколку минути ќе ја сфатите болката, носталгијата и тагата на сите мигранти, не само на Ејлиш... Филмот можеше да биде и само таа сцена, и поентата ќе беше на место. Но, од тоа што ни е прикажано во останатите 100 минути, Brooklyn е еден од најдобрите, најтрогателните и визуелно најпрекрасните филмови на годината кој не смеете да го пропуштите.

С. Лазаревска



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...