Том Хенкс оваа година ќе се врати во улогата на криптографот Роберт Ленгдон во Inferno, најновиот филм на Рон Хауард, но покрај фиктивниот лик, тој оваа година ќе портретира вистински лик - американски херој.
Двојниот оскаровец во Sully ќе биде Чесли „Сали“ Саленбургер, ветеранот пилот кој по откажувањето на двата мотори од комерцијалниот авион кој го леташе во 2009-та година, успеа да слета на реката Хадсон во Њујорк.
Сали по принудното слетување на реката на 15-ти јануари 2009-та година спаси 155 животи кои беа во авионот, а до ден денешен тој важи за херој во американската јавност. Покрај Том во улогата на пилотот Сали, Лора Дерн ќе ја видиме во улогата на Лорејн Саленбергер, сопругата на пилотот, а во останатите улоги ќе се појават Ана Ган, Арон Екхарт, Сем Хантингтон и Џери Ферара.
Клинт Иствуд застана зад камерата на Sully, а премиерата е закажана за 9-ти септември.