Извонредна програма со врвни претставници на европскиот и американскиот џез

34. Скопски џез фестивал (15 - 18 октомври 2015)

Грегори Портер, Авишаи Коен Трио, Јоаким Кин, Џејмс „Блад“ Алмер се дел од ѕвездите што ќе сјаат на годинашниот 34-ти Скопски џез фестивал, кој ќе се одржи од 15 до 18 октомври на две локации во главниот град. Во четири фестивалски вечери фановите на џез музиката ќе имаат можност да уживаат во уште едно музичко патување со десет реномирани музичари и групи кои доѓаат од САД, Велика Британија, Израел, Германија, Италија, Шведска и Канада.

Триесетичетвртото издание на Скопскиот џез фестивал ќе го отвори концертот на американската гитарска легенда Џејмс Блад Алмер (James Blood Ulmer). Истата вечер на сцената во МОБ ќе го видиме извонредниот италијански тромбонист Џанлука Петрела (Gianluca Petrella), кој ќе го претстави својот најнов проект Cosmic Renaissance.

Втората фестивалска вечер (16 октомври, МОБ) е резервирана за едно од најиновативните имиња во историјата на џез музиката, германскиот пијанист Јоаким Кин (Joachim Kühn). Истата вечер публиката ќе има екслузивна можност да го проследи настапот на реномираниот израелски басист Авишаи Коен (Avishai Cohen) кој во Скопје доаѓа со своето трио. За енергична завршница на втората фестивалска вечер ќе се погрижи британскиот состав Melt Yourself Down, кој ќе настапи во рамки на полноќната програма на фестивалот во Сити хол центарот.

Рециталот на пијанистот Крег Тејборн (Craig Taborn) ќе нѐ воведе во програмата на третата фестивалска вечер (17 октомври, МОБ). Истата вечер, македонската публика ќе има извонредна прилика да биде понесена во магијата на мега-популарниот џез, госпел и соул пејач и добитник на ГРЕМИ, Грегори Портер (Gregory Porter). Полноќната програма ќе го претстави британскиот саксофонист и рапер, еден од најразновидните млади актери на британската сцена - Совето Кинч (Soweto Kinch).

Годинашното патување низ џез музиката ќе финишира во недела на 18 октомври. Вечерта ќе ја отвори канадското дуо Колин Стетсон / Сара Нуфелд (Colin Stetson / Sarah Neufeld), а по нивниот настап шведскиот бенд Angles 8 ќе ја поведе публиката во експлозивна фестивалска завршница.

Во рамки на годишнашниот Скопски џез фестивал ќе биде поставена и изложба на џез фотографии од словенечката авторка Петра Цвелбар. Изложбата насловена „Sweet Addiction“ ќе биде отворена на 15 октомври во 18:30 часот во Фоајето на МОБ, а посетителите ќе имаат можност да ја погледнат до завршувањето на Фестивалот, одосно до 18 октомври.



Во фри-џезот нема многу истакнати гитаристи, а Џејмс Блад Алмер е еден од ретките исклучоци. Тој поседува смел, жестоко тврд но емотивен звук, кој во себе ги носи мирисите на црвената глина и детството поминато во Јужна Каролина. Алмер создаде стил што главно се базира врз традициите на афроамериканската народна музика. Тоа не значи дека неговиот звук останал недопрен од традициите на рок-музиката. Влијанието на Хендрикс е силно, но соединето со елементи на блуз, фанк и на фри-џез. Алмер кариерата ја започнува свирејќи во комбо-состави, а првите снимки ги реализира со Хенк Мар и со Биг Џон Патон. По доаѓањето во Њујорк во 1971 година, репутацијата ја стекнува свирејќи со Арт Блеки, Џо Хендерсон и со Лери Јанг. Но пресвртничките настапи со Орнет во 1973 го исфрлија Алмер во првите редови на њујоршката сцена. Алмер е неприкосновен чувар на пламенот на движењето „хармолодик“ создадено од Орнет Колмен. Тој ги зема неговите основи и ги приспособува со секој свој натамошен чекор. По учеството на двете плочи на Артур Блајт, „Lenox Avenue Breakdown“ и „Illusions“, реализирани за „Columbia“, Алмер потпишува за оваа компанија и за неа издава три многу влијателни албуми, „Free Lancing“, „Black Rock“ и „Odyssey“. Подоцна беше дел и од два значајни состави, „Music Revelation Ensemble“ и „Phalanx“. Од последните четири плочи ориентирани кон блузот, продуцирани од Вернон Рид, албумот „Birthright“ (соло-вокал и гитара) е ремек-дело и веројатно најинтимното издание на Алмер.



Џанлука Петрела е меѓународно реномиран тромбонист и еден од најголемите претставници на италијанскиот џез во светот. Предводник е на неколку групи (меѓу кои „Cosmic Band“ и „Tubolibre Quartet“), а соработувал и со Енрико Рава, Паоло Фресу, Стивен Бернштајн, Маркус Рохас, Макс Лодербауер, Стив Колман, Грег Озби, Пет Метини, Џон Аберкромби, Марк Дукре. Петрела е добитник на наградите „Django d’Or“, „Best Young Talent“ на „Musica Jazz“ и „Best Emerging Artist“ според „Down Beat“ за 2006 и за 2007 година. Својата музичка кариера ја започнува со бендот на саксофонистот Роберто Отавијано и како водечки тромбонист во „OFP Orchestra“, период во кој се запознава со Карла Блеј и со Стив Колман. Во 2015 година Петрела го формира својот нов квинтет „Cosmic Renaissance“, продолжение на „Cosmic Band“. Оригиналниот проект е роден во 2007 година со цел да ја слави музиката на Сан Ра. Во текот на годините, ансамблот под водство на Петрела го трансформира својот звук и карактер, давајќи му поинаков пристап на компонирањето и на аранжирањето. Петрела добива можност да креира визионерски репертоар во кој различни звучни и уметнички светови егзистираат во заедништво. Со „Cosmic Renaissance“, Петрела поаѓа од нова музичка идеја заснована врз ново истражување, слободна и интимна, развивајќи ја низ различни звучни форми.



Интерпретацијата на пијанистот Јоаким Кин ѝ пркоси на секоја категоризација, обезбедувајќи му место меѓу светската музичка елита. Кин е музичар-космополит, кој себеси се гледа како дел од традицијата на џезот, поврзан со европската класична музика и директен „заложник“ на јазикот на музичката модерна. Во својата музика покажува страст и сензибилитет, виртуозна техника, имагинација и совршено чувство за динамика. Виртуозностa на Кин е одраз на неговото образование. Во период од 12 години тој студира класична композиција и пијано. До 1961 година концертира како класичен пијанист, време кога започнува да настапува со еден џез-квинтет. Од 1962 до 1966 година води трио, а во 1964 година настапува со својот постар брат Ролф Кин, реномиран кларинетист. По преселбата на Запад во 1966 година, Кин станува еден од најзначаjните претставници на џез-авангардата, соработувајќи со многубројни музичари, од Мишел Портал до Орнет Колман, Арчи Шеп, Дон Чери, Жан-Франсоа Џени-Кларк, Џо Хендерсон, Мајкл Брекер, Даниел Хумер, Раби-Абу Калил, Маџид Бекас и многу други. Првата средба меѓу Кин и Орнет Колман се случува во 1996 година. Иконата на фри-џезот го поканува Кин на дуо-концерт. Сензационалниот концерт на „Leipziger Jazz Tage“ е издаден и на носач на звук со наслов „Colors“. Јоаким Кин во текот на годините ја достигна својата полна зрелост, и натаму останувајќи отворен за нови возбудливи музички средби.



Инвентивен во музиката и во зборовите, еден од најголемите светски виртуози на контрабас, Авишаи Коен е креативен вулкан чиј raison d'êtreсе се претопува во срцето на неговиот инструмент. Коен, кој најнапред се наметна на џез-сцената како дел од секстетот „Origin“ на Чик Кореа во периодот од 1996 до 2003 година, се разви како уникатен контрабасист, но и композитор. Авишаи беше значаен дел од њујоршката сцена, каде што соработуваше со Бред Мелдау, Рави Колтрејн, Винтон Марсалис, Џошуа Редман, Даниел Перез и многу други. Потоа, во својата молскавична самостојна кариера, издаде 15 албуми, здобивајќи се со популарност што ги надминува вообичаените рамки на џезот. Неговата музика е постојано во движење, секогаш ветувајќи нови егзотични приоди. Последниот долгоочекуван албум „From Darkness“ („Razdaz Records“, 2015) на триото на Коен, во кое се и пијанистот Нитаи Хершковиц и талентираниот тапанар Даниел Дор, е вистинско сведоштво за растежот на Авишаи како басист, композитор, аранжер, лидер и како миленик на публиката. „From Darkness“ го носи израелскиот уметник до самото јадро на неговиот музички идиом, но со Авишаи, она што се чини како враќање кон основите, всушност е ветување за нов почеток. Уметноста на триото е богата и кондензирана, преполна со идеи, сведена на есенцијалното и проткаена со суптилни хармонски нијанси.



Интензивен микс на џез, панк и африкански елементи - авангардната џез супергрупа Melt Yourself Down е секстет во кој членуваат неколкумина од најдобрите и најиновативни музичари на џез, рок и ворлд-мјузик сцената во Велика Британија. Музиката на MYD со себе ги носи влијанијата од пустините на северна Сахара и Њујоршката андерграунд сцена. Звучи моќно, разорно, огнено. Џез детонација. Ритмови кои го преуредуваат кодот на ДНК. Често опишувана како мулти-жанровска експлозија, музиката и звукот на MYD е практично невозможно да се дефинираат. Своето име бендот го презема од еден редок албум на американскиот панк/џез саксофонист Џејмс Чанс. Силата на колективот лежи во неговата умешна енергија: превиткување на мускулите, хипнотичко нишање и опасна непредвидливост. Групата го издаде својот деби-албум во 2013 година, по кој следуваше изданието „Live at The New Empowering Church“ во април 2014 година. Инспирирајќи се од њујоршката no wave сцена во доцните ’70-ти, Адис Абеба и други егзотични места преполни со музичка култура, истоименото деби издание на Melt Yourself Down е полно со огромна енергија и идеи. Албумот е брутално привлечен и придвижувачки, револуционерен, бунтовнички фестивал на врева, боја и ритам. MYD покажува повеќе квалитети во нивната музика со извикувачки елементи, звуци на фанк, грув, панк и џез во колекција на композиции кои бараат, но и заслужуваат внимание, почит, љубов и танцување во иста мера.



Назначен од списанието „Downbeat“ како „еден од визионерите на новиот музички бран“, композиторот и пијанист Крег Тејборн нуди нова перспектива во создавањето џез-музика. Неговата професионална работа започнува во деведесеттите години на минатиот век, кога работи во различни музички контексти. Како студент во Мичиген, Тејборн има среќа да биде дел од славната џез-заедница на Детроит, свирејќи и учејќи од Маркус Белгрејв и од Родни Витакер. Пред завршувањето на универзитетот, Тејборн веќе зад себе има три снимки како член на квартетот на Џејмс Картер. Во следните години продолжува да настапува со многубројни музичари и лидери на бендови (Тим Берн, Крис Потер, Дејв Даглас, Дејв Холанд, Роско Мичел), истовремено градејќи репутација на соло-пијанист. Неговите импровизации, особено за соло-пијано, често донесуваат модуларен пристап во кој Тејборн започнува со мали единици на мелодијата и на ритамот, притоа развивајќи ги во поголеми форми и структури. Соло-албумот „Avenging Angel“ („ECM“, 2011) добива извонредни критики. Второто издание за „ECM“, „Chants“ (со неговото трио), на Тејборн му обезбедува прво место на листата на „New York Times“ на најдобрите десет албуми за 2013 година. Таа година „Jazz Times“ го прогласува за пијанист на годината, а во 2014 и Асоцијацијата на џез-новинари му ја доделува наградата за најдобар пијанист.



Американскиот џез-пејач и композитор Грегори Портер е роден во Лос Анџелес, детството го поминува во Бејкерсфилд, а денес живее во Бруклин. Надарен со огромна вокална моќ, надополнета со богат колорит и со совршена контрола, неговите интерпретации се движат меѓу џезот, соулот и госпелот. Со глас што истовремено милува и конфронтира, прегрнува и охрабрува, Грегори Портер покажува неверојатен степен на вокално мајсторство. Во своето детство, Портер е заведен од магијата на Нет Кинг Кол, чии плочи биле дел од колекцијата на неговата мајка. Започнува да настапува во локалните џез-клубови, каде што го среќава Камау Кениата, кој станува негов ментор и го запознава со флејтистот Хуберт Лоуз. Лоуз го ангажира да испее една нумера на неговиот албум посветен на Нет Кинг Кол. Сестрата на Лоуз, Елоиз, импресионирана од Портер, му помага да добие една од главните улоги во мјузиклот „It Ain’t Nothing but the Blues” на Бродвеј. Вратите за Портер ширум се отвораат. Деби-албумот на Портер, „Waters“, е објавен во 2010 година (со номинација за „Греми“), а по него следува уште едно извонредно остварување, „Be good“. Во 2013 година Портер потпишува договор со „Blue Note“ и го издава новиот албум „Liquid Spirit“, кој ја освојува наградата „Греми“ за најдобар вокален џез-албум. „Liquid Spirit“ доживува голем комерцијален успех, ретко забележан во историјата на џезот, правејќи го Портер мега-звезда и најдобриот и најбараниот џез-пејач денес во светот.



Наградуваниот алт-саксофонист и рапер, Совето Кинч, е еден од највозбудливите и најразновидни музичари на британската џез- и хипхоп-сцена. По четири објавени албуми, Кинч заслужено го обезбеди својот статус на мајстор на соединувањето на овие два музички стила. Неговата музика е опишана како „прекрасна комбинација на музичка брилијантност, духовитост, сценски настап и на чиста енергија“. Совето Кинч во голема мера е самоук, иако постојано црпел инспирација од влијателниот изведувач и бенд-лидер Кортни Пајн. На 13-годишна возраст добива можност да се запознае со Винтон Марсалис, кој му дава фокус на младиот музички ум. Рап-стиховите на Кинч, дипломецот по историја од Универзитетот во Оксфорд се пријатна синтеза на интелектуални референции и уличниот сленг на Бирмингем. Како саксофонист, Кинч покажува подеднакво извонреден талент, преку создавање звук полн со влијанија од ерата на свингот, би-бопот и постбопот, како и призвуци од други музички стилови важни за него, како реге- и фолк-музиката од Јамајка. Неговиот џез-албум „Conversations With The Unseen“ се здобива со одлични критики и е номиниран за британската престижна наградата „Mercury“ во 2003 година. Совето Кинч се појавува и во документарната серија „Jazz Britannia“ со својата одлична композиција „Jazz Planet“.

Монтреалското дуо Колин Стетсон/Сара Нуфелд ги комбинира соло-пристапите на обајцата музичари на лесен и на бескомпромисен начин. Канадскиот тандем создава богати и егзотични звуци, но и композициски структури во кои виолината и вокалот на Нуфелд се соединуваат со различните звуци создадени на саксофонот и на кларинетот на Стетсон, создавајќи музички израз што потсетува на некои нивни минати дела, но кој е истовремено нов и возбудлив. Роден во Ан Арбор, Колин Стетсон поминува една деценија во Сан Франциско и во Бруклин, развивајќи го својот талент како хорнист и настапувајќи со голем број музичари, како Том Вејтс, „Arcade Fire“, Лу Рид и Лори Андерсон. Во меѓувреме, тој создава оригинален и впечатлив израз како соло-изведувач и композитор, главно на тенор- и на бас-саксофон, демонстрирајќи широк дијапазон на технички можности и на иновации. Кариерата на Сара Нуфелд како солист е забележана во поново време, во периодот по последните два албума на нејзиниот матичен бенд „Arcade Fire“. Нуфелд создава нова, впечатлива и евокативна изведба на соло-виолина што ги соединува сензибилитетите на рокот, фолкот, амбиенталната и на модерната музика. Во 2015 година Стетсон и Нуфелд ги здружија силите во нов албум со оригинални композиции, „Never Were the Way She Was“. Албумот е музичка хроника што воспоставува сопствен хоризонт, музички „саундтрак“ на кој не му се потребни слики за поттикнување на имагинацијата на слушателот.



Музиката на „Angles 8“, која претставува извонредна комбинација од разновидни музички влијанија, има моќ да го убеди и најголемиот скептик. Опишан како „Charlie Haden Liberation Orchestra meets Enio Moricone“, бендот е формиран во 2007 година од алт-саксофонистот Мартин Кихен како „Angles 6“, во чиј состав се и швеѓаните Магнус Бро, Матс Алеклинт, Матиас Штал, Јохан Бертлинг и Кјел Нордесон. Со наслов „Every Woman is a Tree“, таа година групата реализира снимка за „Cleen Feed“ од својот втор концерт одржан во Стокхолм. Следуваат уште две концертни изданија, „Epileptical West“ и „By Way of Deception“. Во овој период на бендот му се приклучуваат и Александар Зетсон, Еирик Хегдал и Горан Кејфеш на местото на Магнус Бро, со што ансамблот прераснува во „Angles 8“. Во октомври 2012 година, Кихен повторно го враќа Магнус Бро, со што групата прераснува во „Angles 9“. Мартин Кихен не ги нотира своите композиции, туку едноставно за време на пробите им ја свири и им ја пее музиката на своите членови. Музичарите имаат задача да ја научат музиката напамет, притоа давајќи ѝ свој, личен печат. Резултатот е многу жив, возбудлив и моќен. „Injuries“ (2014) е последното издание на „Angles“ по „In Our Midst“ (2013). На него се наоѓаат седум композиции на Кихен, во аранжмани на целиот ансамбл, проникнати со опуштено колективно чувство.

Влезниците за 34. Скопски џез фестивал можат да се набават на билетарите во Југотон рекордс и МОБ и онлајн на www.mktickets.mk.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
- Што е тоа мало црвено, по малку бело?
- Мравка со нога во гипс.

webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Меѓународен ден на спомениците на...
1797.- Роден е францускиот државник и историчар...
1820.- Роден е австрискиот композитор и диригент...
1882.- Во Лондон е роден Леополд Стоковски,...
Хороскоп

Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Скорпија Стрелец Јарец Водолија Риби