Катрин Финч од Велс која ја сметаат за кралица на харфата и најдобра харфистка на сериозната музика во светот и синегалскиот кора мајстор Секу Кеита вечер во МОБ ќе го отворат 18. „ОФФест“, што ќе се одржува до осми јуни.
Според критиката, Финч и Кеита се извонреден, фален и неколку пати наградуван тандем. Двaјца авантуристички музички виртуозa кои црпат инспирација од сопствените различни традиции и стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи. Откако постигнаа огромен успех со деби албумот „Clychau Dibon“ (2013), нивниот долгоочекуван втор албум „Soar“ се појави во 2018 година, по што следеа неколку големи турнеи.
– Волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, ова е исклучителна музика и возбудливо искуство во живо. Апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури. Покрај индивидуалната висока репутација (Финч ја нарекуваат „кралица на харфата“ a Кеита „најзафатениот кора инструменталист во светот“), тие денес се сметаат за еден од најбараните world-music проекти на деценијата, пишува за нив организаторот.
Истата вечер првпат концерт во нашата држава ќе одржи македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, а своите почетоци ги бележи во 90-те години во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев.
Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани). Тоа е јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговата трилогија: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според светски реномираните списанија Downbeat и Wire. Овој ексклузивен настап на ОФФест, претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски и ќе биде составен главно од композициите од „Batania“.