Спорт / Формула 1
Мозли во наци-секс скандал?
 Шефот на Светската Автомобилистичка Федерација (ФИА), Макс Мозли се бори да ја заддржи својата работа откако во британскиот таблоид Њуз оф д Ворлд се појавија фотографии од наводно учество во нацистичка оргија со пет проститутки во неговиот 2 милиони фунти вреден стан во Челзи, Лондон.
67-годишниот Мозли беше "фатен" на видео во "соба за мачење", во која игра и жртва и чувар на концентрационен логор. Една од жените ја прегледува неговата глава, по што тој е испрашуван и удиран со бич, а потоа улогите се менуваат и Мозли е во улога на стражар, и издава наредби на германски јазик. Се тврди дека тој платил 2.500 фунти во кеш на проститутките за оргијата која траела пет часа.
Од ФИА се оградија од инцидентот велејќи дека се работи за случај "помеѓу г-дин Мозли и весникот", додавајќи дека "адвокатите на г-дин Мозли сега подготвуваат тужба".
БЕРНИ ВО ОДБРАНА НА МАКС
Долгогодишниот пријател на Мозли и поранешен сопственик на комерцијалните права на Ф1, Берни Еклстоун ги отфрли тврдењата дека Мозли веднаш мора да поднесе оставка.
"Малку ми е тешко да поверувам во сето тоа. Се работи за негова лична работа, но се ми наликува на местенка. Дали тој на некој начин и наштети на Ф1? Не. Знаејќи го Макс, може да се работи за шега, а не за нешто навистина нацистичко. Сепак, и се да е вистина, тоа што луѓето прават во приватниот живот е само нивна работа", вели Еклстоун за Гвардијан.
ЕВРЕЈСКИТЕ ГРУПИ ЗГРОЗЕНИ ОД ИНЦИДЕНТОТ
Инцидентот ја шокираше еврејската заедница во Британија, но и некои поранешни возачи.
"Ова е болно и неверојатно. За некој кој е на таква позиција на моќ и влијание е невозможно. Навистина сме згрозени", вели Карен Полок, шефот на Холокауст Едукацискиот Траст.
Стивен Смит, од Холокауст Центарот во Лондон исто така беше бесен.
"Бидејќи самиот г-дин Мозли го осуди расизмот во моторспортот, тој треба да ги следи тие принципи. Ова е навреда на милионите жртви, преживеани и нивните семејства. Тој мораше да се извини и да си замине од спортот", додава Смит.
Сер Стирлинг Мос, кој се смета за најдобриот Ф1 возач кој никогаш не освоил титула, а чиј татко е Евреин, исто така побара оставка од Мозли.
"Не гледам како тој може да продолжи. Се надевам дека ќе може, бидејќи е многу добар во тоа што го прави. Тоа што го прави зад затворени врати е негова работа, но кога ќе излезе вакво нешто...", вели Мос.
"НАЦИСТИЧКОТО" НАСЛЕДСТВО НА МАКС МОЗЛИ
Скандалот има и друга позадина, откако се знае дека Макс Мозли е син на поранешниот лидер на британските фашисти, Сер Освалд Мозли. Мозли постариот беше министер во 1920-тите, а во средината на 30-тите стана лидер на Британската Унија на Фашисти (БУФ). Мајката на Мозли е Дајана Митфорд, позната како добра пријателка на нацистичкиот министер за пропаганда, Јозеф Гебелс кој присуствуваше на нивната свадба заедно со Адолф Хитлер.
Во својата младост, Макс Мозли заедно со својот брат Александер беше вклучен во повоената партија на неговиот татко Движењето на Синдикатите (УМ), која пропагираше обединета Европа. Во 1993 година Макс Мозли стана претседател на ФИА, а доби следни мандати во 1997, 2001 и 2005. ФИА во моментов ја регулира формула 1, Светскиот Шампионат во Рели (ВРЦ) и ФИА ГТ Шампионатот.
|