
|
 |
Спорт / Формула 1
ДВАТА РИВАЛИ ОД МИНАТАТА ГОДИНА СО РАЗЛИЧНИ РАЗМИСЛУВАЊА "Не сум супермен!", Кими не мисли на титулата
Асот на Мекларен, Луис Хамилтон врати на своите критичари откако заостана 9 поени зад лидерот во генерален пласман Кими Раиконен во пласманот на возачи по првите четири трки од Ф1 шампионатот. По победата на првата трка од сезоната во март во Мелбурн, 23-годишниот Британец имаше две лоши трки во Малезија и Бахреин пред да се квалификува како петти и да ја заврши трети трката во Барселона пред две недели.
Откако лани беше нарекуван како новиот Сена или Шумахер во сензационалната дебитантска сезона, сега сe повеќе поранешни возачи и експерти велат дека Британецот попушти под притисок. Но, Хамилтон е сигурен дека не е чудо од една сезона.
"Неколкумина сметаа дека јас не сум доволно посветен, другите велеа дека не знам да возам доволно. Јас не сум супермен, но верувам дека имам доволно квалитети да освојам светска титула", вели Хамилтон за британскиот Сан.
Англичанецот признава дека самиот е виновен за лошата трка во Бахреин, каде што прво имаше катастрофален старт, а потоа двапати удри во задниот дел на Реното на својот поранешен тимски колега Фернандо Алонсо, пред да заврши на 13. место.
"Сите прават грешки. Сигурен сум дека и Нелсон Мандела, иако има 90 години сe уште прави грешки. Тоа е животот. Имав една трка каде што направив голема грешка и одеднаш луѓето почнаа да извлекуваат заклучоци. Не треба да ме судат на само една трка. Но, не сум загрижен за тоа што зборуваат, туку за тоа да ја завршам мојата работа најдобро што можам. Не го направив тоа во Бахреин и затоа бев нервозен. Кога ќе ги поставиме работите на вистинско место, нашиот болид е доволно брз. Тогаш останува на возачот да извлече нешто повеќе. Мислам дека можам да го направам тоа", додава Хамилтон.
КИМИ НЕМА ПЛАН ДА ГО СМЕНИ ПРИСТАПОТ
Светскиот шампион Кими Раиконен вели дека не планира да го промени својот пристап и покрај водството во генерален пласман, додавајќи дека ќе оди на победа на секоја трка.
"Среќен сум од тоа како се развиваат работите досега, но ситуацијата може да се смени за една секунда и затоа мораме да дадеме 100% од своите способности да останеме пред ривалите. Јас нема да го менувам пристапот и прерано е да се мисли на што било друго освен на победа. Сакам да освојам што е можно повеќе поени и с$ уште сум на патеката со таа мисла. Водиме во генерален пласман, но засега тоа не е важно, важно е кој ќе води на крајот на сезоната", вели асот на Ферари.
Раиконен, кој победи на две трки оваа сезона, има 9 поени предност пред Хамилтон, а тој и неговиот Ферари влегуваат на Турското ГП овој викенд како огромни фаворити, откако неговиот тимски колега Фелипе Маса победи на последните две трки во Истанбул.
"Не тестиравме по трката во Барселона, но се обложувам дека нашите конкуренти работеа напорно да нe победат во Истанбул. Но, јас не се грижам бидејќи мислам дека Турција е наша трка. Патеката е слична на таа во Сепанг и во Сакир, каде што можевме да победиме", додава Раиконен.
Сите "пропаднати" тимови
По објавувањето на Супер Агури дека се повлекуваат од формула 1 шампионатот, да ја видиме листата на тимови кои престанаа да постојат или беа продадени во последните години.
- На крајот на 2005, Џордан и Минарди имињата исчезнаа од формула 1, додека Заубер беше купен од БМВ. Џордан беа пред распаѓање кога беа спасени од Мидланд, додека Минарди беа купени од Ред Бул и преименувани во Торо Росо. Мидланд потоа стана Спајкер на крајот на 2006, па Форс Индија во 2008.
- Форд, кои го купија тимот на Стјуарт во 1999, објавија во септември 2004 дека се повлекуваат од Ф1. Тие го продадоа тимот на сопственикот на Ред Бул, Дитрих Матешиц.
- Ероуз тимот банкротираше во јануари 2003 откако не му беше дозволено да настапува на шампионатот. Тие се повлекоа од Белгиското ГП и од последните пет трки од сезоната 2002. Во 25 години во Ф1 тие имаа 382 старта, но ниту една победа.
- Прост тимот основан од четирикратниот светски шампион Алан Прост банкротираше во јануари 2002. Тие влегоа во спортот во 1997 кога Прост го купи стариот тим на Лижие на крајот на 1996.
- Поранешните шампиони Тајрел исчезнаа во 1998 кога беа купени од Бритиш Американ Рејсинг. Тој тим подоцна стана Хонда Ф1.
- Лола се откажа во 1993, но кратко се врати во 1997 пред да се откаже пред втората трка од сезоната. Двата нивни болид ине се квалификуваа на првата трка.
- Поранешните шампиони Лотус се откажаа во јануари 1995. Основачот на тимот Колин Чепмен почина од срцев удар во 1982, но тие беа се уште добри за Аиртон Сена да стигне до својата прва победа со тимот во 1985.
- Британскиот Симтек банкротираше во 1995, откако ветеното спонзорство со Форти беше откажано.
-Италијанскиот Андреа Мода тим беше исфрлен од шампионатот 1992 за нарушување на имиџот на спортот, откако нивниот спортски директор Антонио Сасети беше уапсен и осуден за измама. Тимот претходно беше познат како Колони.
- Поранешните шампиони Бребем, основани од австралискиот светски шампион Џек Бребем, и претходно во сопственост на Берни Еклстоун престанаа да постојат во 1992 откако беа продадени на швајцарски инвеститор кој заглави во затвор за измама. Истата година тие му го дадоа Ф1 дебито на Дејмон Хил.
- Пацифик се тркаа во 1994 и1995, Ларус се повлекоа во 1994. Марч и Далара си заминаа од Ф1 во 1992, АГС во 1991, а ЕуроБрун во 1990.
- Други тимови кои исчезнаа во историјата се БРМ, Купер, Фитипалди, Хескет, Матра, Осела, Шедоу, Вонвол, Волф и Закспид.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|