
|
 |
Спорт / Формула 1
Ф1 сака ограничен буџет
Формула 1 има амбиција да постави лимит на буџетите на тимовите на 110 милиони евра до сезоната 2011, објавува Аутоспорт. Ограничениот буџет на тимовите ќе биде воведен на почетокот на 2009, а консултантот на ФИА, Тони Парнел, веќе пратил писмо на сите формула 1 тимови со бројките кои Светската автомобилистичка федерација сака да го постави како граница.
Засега бројките се 175 милиони евра за 2009, 140 милиони евра за 2010 и 110 милиони евра од 2011. Во ова ограничување на буџетот нема да влегуваат трошоците за моторите, КЕРС (системи за поврат на кинетичката енергија), маркетинг трошоците и платите на возачите и шефовите на тимовите. Бројките не наидоа на добра реакција кај некои шефови на тимови.
"Бројките за следната година се изводливи, но ние во Хонда сме загрижени за падот потоа. Со одење премногу ниско не само што нема да привлекуваме големи спонзори, туку ќе ги отуѓиме и тие на врвот кои сакаат да развиваат висока технологија", вели шефот на Хонда, Ник Фрај.
Шефот на Рено, Флавио Бриаторе, вели дека неговиот тим и сега троши помалку од предложениот лимит.
"Ние веќе плаќаме 40% помалку од таа граница. Ако сакам да стигнам до лимитот, тогаш ќе треба да трошиме повеќе, што е вистинска глупост. Формула 1 е дел од опкружувањето и економската ситуација на спонзорите и производителите на автомобили. Можеби не денеска, но во иднина тоа ќе влијае на нас. Ф1 мора да биде конкурентен свет. Ф1 е подобро шоу и помалку инвестиции", вели Бриаторе.
Претседателот на тимот на Тојота, Џон Хаует, признава дека е загрижен од воведувањето на овој лимит бидејќи се созадава "контролирана околина". Тојота се познати по тоа што имаат еден од најголемите буџети во формула 1 и некои проценки велат дека трошат повеќе од 500 милиони $ годишно.
"Ќе мора да се разговара за ова. Прво треба да биде јасно колку ниско сака да оди ФИА и влијанието на тоа на сите за нас. На крајот тоа може да биде воведено, но вистинското прашање е колку бизнисот ќе стане подобар кога имате контролирана околина. Обично конкуренцијата е подобра за бизнисот. Затоа мислам дека можеме да имаме негативен ефект", вели Хаует.
Шефот на Мекларен, Рон Денис, од друга страна се сомнева дека ФИА ќе може да контролира колку пари ќе троши еден Ф1 тим.
"Не го гледам ограничувањето на буџетот како регулатива, туку како применување на свеста кај сите тимови. Треба да има можност да се контролираат трошоците кога имате компании кои имаат дизајнерски фабрики во една земја, а фабрики за моторите во друга. Како ќе ги надгледувате трошоците во Германија, Кина или Јапонија? Ние ги прифаќаме сите идеи за намалување на трошоците, но само доколку тоа може практично да се изведе", вели Денис.
Претседателот на ФИА, Макс Мозли откри дека ќе има посебна "финансиска комисија" која ќе биде одговорна за тоа тимовите да ги почитуваат правилата.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|