Спорт / Формула 1
НАЈСТАРИОТ ВОЗАЧ ВО ФОРМУЛА 1 НЕ Е ПОДГОТВЕН ДА СЕ ОТКАЖЕ Култхард мисли на иднината, Фетел чека од страна
 По седум трки во неговата неверојатна 15. формула 1 сезона, најстариот возач во шампионатот признава дека е во фаза на “разгледување” на неговата кариера. И покрај неговото неизвесно место во боксот за сезоната 2009, Шкотланѓанецот Дејвид Култхард ги освои своите први поени оваа сезона со изненадувачко место на подиумот со третото место со Ред Бул на Канадското ГП во неделата.
“Сега се вртам кон мојата кариера, и навистина 15 години се многу долго време за сите, посебно по така грд старт на сезоната”, признава 37-годишниот Шкотланѓанец.
Монтреал беше 62. подиум во кариерата на Култхард, во кариера која почна во 1994 година, кога како 23-годишен тест возач на Вилијамс го замени Аиртон Сена по трагичната смрт на бразилскиот великан.
Шпекулациите велат дека ако Култхард не продолжи да се трка за Ред Бул следната година, тој има солидна понуда да стане ТВ експерт за британската телевизија.
“Дефинитивно часовникот отчукува. Имав одлично патување во мојата кариера и низ целата кариера уживав, така што алтернативата она формула 1 не ме возбудува”, вели Култхард, кој во Канада во 1994 година ги освои своите први поени, а неодамна беше гостин и на американска НАСКАР трка.
Но, јасно е дека подиумот во Канада не може да му гарантира нов договор за 2009. Советникот на Ред Бул, Хелмут Марко признава дека “е прерано во сезоната” да се размислува за иднината на ветеранот.
ФЕТЕЛ СИГУРЕН ДЕКА ЌЕ СЕ НАЈДЕ МЕСТО ЗА НЕГО
Германскиот младич Себастијан Фетел е еден од можните заменици на Култхард, и тој вели дека е сигурен во својата иднина и покрај нејасната позиција за 2009. 20-годишниот дебитант се смета за едно од големите имиња за иднината на спортот, но неговиот сегашен тим има неизвесна иднина бидејќи ко-сопственикот на Торо Росо, Дитрих Матешиц, најави продажба на неговите 50% акции.
Тимот од Фаенца во моментов користи т.н. “кориснички болид”, кој е копија на болидот на Ред Бул, но тоа нема да биде толерирано од 2009 година, а во исто време Фетел е под договор токму со австрискиот производител на енергетски пијалаци. Но, сето тоа не го загрижува Фетел.
“Знам малку за внатрешната ситуација, така што сум самоуверен. Засега фокусот ми е на оваа година и на ништо друго”, вели Фетел.
БЕРГЕР ДЕМАНТИРА ДОГОВОР СО УЛТИМЕЈТ
Извештаите дека Торо Росо се во напреднати преговори со британскиот Формула 3 тим, Ултимејт Моторспорт, за продажба на тие 50% на Матешиц е демантирано. Ултимејт, тим од Нортхемптоншајр, Англија, наводно сака да влезе во тимот со помош на анголската нафтена компанија Сонангол.
Но, шефот на Торо Росо, Герхард Бергер, кој ги има преостанатите 50% вели дека “никогаш не слушнал” за Ултимејт.
Ф1 ФЛЕШ
Поранешниот шеф на тимот на Тојота, Ове Андерсон, загина во средата во судар со камион на едно класично рели во Јужна Африка. Андерсон беше клучен човек во основањето на Тојота Тим Европа, кој израсна од неговиот Андерсон моторспорт тим. Тојота Тим Европа потоа се пресели во Келн и стана Тојота Моторспорт во 1993. Под негово водство Тојота се натпреваруваше во Рели ВРЦ шампионатот освојувајќи три титули кај возачите и четири кај конструкторите, а во 1999 го освоија второто место на 24 Часа Ле Ман. Тој го предводеше Панасоник Тојота Рејсинг тимот во формула 1 во 2002 пред да се повлече од местото шеф на тимот во 2003 и да стане консултант на тимот.
Хонда Рејсинг, најверојатно, се првиот тим кој почнува да се фокусира во дизајнот на болидот за 2009, откако завршија со овогодишните развојни програми во фабриката во Брекли. Шефот на тимот Рос Браун не криеше дека главниот фокус на тимот треба да биде 2009, но сите чекаа да се види колку дополнителна брзина може да се извади од РА108 болидот. “Има уште две-три работи со овогодишниот болид”, призна Браун.
По катастрофалното Канадско ГП, оваа недела малку подобри вести за Мекларен. На 40-годишнината од првата победа на познатиот Ф1 тим, шефот на тимот Рон Денис ја доби годишниот Принц Филип медал за посебни успеси во инженерството. “Ова е награда за сите кои работат во Мекларен, а не само за мене”, вели Денис. Во понеделникот се одбележаа 40 години откако основачот на тимот, Брус Мекларен, победи на првата трка за тимот на Белгиското ГП во 1968 година.
Актуелниот светски шампион Кими Раиконен повторно застана во одбрана на претседателот на ФИА, Макс Мозли, во секс-скандалот. Пред два месеци, асот на Ферари изјави дека скандалот е “лична работа” на Мозли, а сега откако Мозли беше потврден како претседател на ФИА, 28-годишниот Финец вели дека тоа е “добра одлука”. “За мене тоа воопшто не е важно. Се работи за неговиот приватен живот и нема никаква врска со Ф1”, вели Раиконен.
Од Хонда ги потврдија шпекулациите дека Даница Патрик ќе тестира формула 1 болид оваа година загревајќи ги надежите дека Американката, која ја оствари првата победа во ИндиКар во април, наскоро може да добие и место во формула 1. “Ќе ја ставиме во болид по крајот на сезоната да видиме колку е брза”, вели шефот на тимот Ник Фрај за 26-годишната Патрик. Последна жена во формула 1 беше Џована Амати, која трипати се обидуваше да се квалификува за Бребем во 1992 година, пред да биде заменета со Дејмон Хил.
|