Спорт / Формула 1
ДОМИНАЦИЈА НА ФЕРАРИ ПО ФРАНЦУСКОТО ПОПЛАДНЕ ВО МАЊИ-КУР Кими му ја “даде” победата на Маса
Бразилецот Фелипе Маса доби на “подарок” победа на Француското ГП откако неговиот колега од Ферари Кими Раиконен се мачеше со проблеми со ауспухот. Раиконен беше во контрола на трката доминирана од црвените болиди, кога неговиот десен ауспух пукна на половина трка, но неговата разлика беше толку голема што успеа да се задржи на второто место и да им донесе на Скудерија нова 1-2 победа.
 Јарно Трули ја одбележа најдобрата трка оваа сезона за Тојота со трето место, додека британскиот ас Луис Хамилтон беше 10. откако втора трка по ред ги “налути” официјалните лица. За Британецот се очекуваше дека следува тешка трка по неговата казна од 10 места по инцидентот на Канадското ГП, но 23-годишниот возач на Мекларен си направи нови проблеми откако на Нирнбургринг шиканата го помина Себастијан Фетел од Торо Росо сечејќи ја неправилно и доби казна од поминување низ боксот, со што загуби какви било реални шанси за освојување на поени.
Оваа казна ќе донесе нови дебати, но тема на која нема да има дебата е супериорноста на Ферари. Од времињата беше јасно дека и без казни Мекларен немаше да имаат доволна брзина да ги предизвикаат Ферари.
Раиконен пол-позицијата ја претвори во удобно водство по првата кривина и почна да прави разлика, знаејќи дека мора да влезе прв во боксот два круга пред Маса. Финецот направи разлика од 5 секунди пред да влезе во 21. круг, а сите надежи за Бразилецот да го помине колегата исчезнаа откако “заглави” во гужва на два круга пред влегувањето. По ова Раиконен го зголеми водството на 6 секунди до 30. круг, пред да почнат да се појавуваат проблемите.
 “Ова беше фантастично. Не очекував победа. Некогаш ти е потребна малку среќа, а за мене тоа беше проблемот на Кими. Тоа беше добар подарок. Покажавме дека сме многу силни, дека одиме во вистинска насока и дека ќе се бориме за титулата”, вели Маса.
Раиконен не беше толку весел. Кратко време изгледаше дека Раиконен може да падне и зад Трули и Кубица, но тој се адаптираше на проблемот.
“Нон-стоп губев моќ од болидот, и потоа одеднаш се враќаше. Да имаше уште неколку круга не верувам дека ќе ја завршев трката. Болидот беше одличен цел викенд, но тогаш се случи ова. Но, барем имам осум поени за титулата”, вели Раиконен.
Дождот во последните неколку круга ја направи инаку досадната трка малку пожива. Дуото на Ферари немаше проблеми, но Трули, кој неколкупати се жалеше на слабата контрола на Тојота на дожд, одеднаш се најде со предизвик да ги задржи Хеики Ковалаинен и победникот од Канада Роберт Кубица зад него. Трули, сепак, покажа дека е одличен возач кога го сака тоа сопирајќи го Ковалаинен и посветувајќи ја победата на поранешниот шеф на Тојота, Ове Андерсон, кој загина на рели трка минатата недела.

Марк Вебер во Ред Бул ги задржа двете Реноа на Нелсон Пике Јуниор и Фернандо Алонсо. Двократниот шампион Алонсо го загуби седмото место од својот колега Пике (кој првпат освојува поени), кога на два круга пред крајот влезе преостро по поминувањето на Адријан Зутил.
Со третата победа оваа сезона Маса повторно е лидер во генерален пласман со два поени пред Роберт Кубица, а Раиконен заостанува уште три. Хамилтон по две катастрофални трки е 10 поени зад Маса и му треба добар резултат на домашното Британско ГП за две недели. Но, ако се смета на супериорноста на Ферари во Франција, тоа ќе биде пеколно тешко.

РЕЗУЛТАТИ (ФРАНЦУСКО ГП):
1.Фелипе Маса (Ферари) 1:31:50.245 10
2.Кими Раиконен (Ферари) +17.984 8
3.Јарно Трули (Тојота) +28.250 6
4.Хеики Ковалаинен (Мекларен) +28.929 5
5.Роберт Кубица (БМВ) +30.512 4
6.Марк Вебер (Ред Бул) +40.304 3
7.Нелсон Пике Јуниор (Рено) +41.033 2
8.Фернандо Алонсо (Рено) +43.372 1
9.Дејвид Култхард (Ред Бул) +51.072
10.Луис Хамилтон (Мекларен) +54.521
11.Тимо Глок (Тојота) +57.738
12.Себастијан Фетел (Торо Росо) +58.011
13.Ник Хајдфелд (БМВ) +1:02.013
14.Рубенс Баричело (Хонда) +1 круг
15.Казуки Накаџима (Вилијамс) +1 круг
16.Нико Розберг (Вилијамс) +1 круг
17.Себастиен Бурде (Торо Росо) +1 круг
18.Џанкарло Физикела (Форс Индија) +1 круг
19.Адријан Зутил (Форс Индија) +1 круг
НЕ ЗАВРШИ
20.Џенсон Батон (Хонда) +52 круга
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
ВОЗАЧИ
1.Фелипе Маса (Ферари) 48
2.Роберт Кубица (БМВ) 46
3.Кими Раиконен (Ферари) 43
4.Луис Хамилтон (Мекларен) 38
5.Ник Хајдфелд (БМВ) 28
6.Хеики Ковалаинен (Мекларен) 20
7.Јарно Трули (Тојота) 18
8.Марк Вебер (Ред Бул) 18
9.Фернандо Алонсо (Рено) 10
10.Нико Розберг (Вилијамс) 8
11.Казуки Накаџима (Вилијамс) 7
12.Дејвид Култхард (Ред Бул) 6
13.Тимо Глок (Тојота) 5
14.Себастијан Фетел (Торо Росо) 5
15.Рубенс Баричело (Хонда) 5
16.Џенсон Батон (Хонда) 3
17.Нелсон Пике Јуниор (Рено) 2
18.Себастиен Бурде (Торо Росо) 2
КОНСТРУКТОРИ
1.Скудерија Ферари 91
2.БМВ Заубер 74
3.Мекларен Мерцедес 58
4.Ред Бул Рејсинг Рено 24
5.Тојота Панасоник 23
6.Вилијамс Ф1 Тојота 15
7.Рено Ф1 12
8.Хонда Ф1 8
9.Скудерија Торо Росо Ферари 7
-.Форс Индија Ферари 0
КРУГ ПО КРУГ НА ФРАНЦУСКОТО ГП
Фелипе Маса победи на Француското ГП со 17.9 секунди предност пред неговиот тимски колега од Ферари Кими Раиконен.
- Пред стартот, Луис Хамилтон и Нико Розберг ја добија својата казна од 10 места од Канадското ГП, а Хеики Ковалаинен доби казна од 5 места поради блокирањето на Марк Вебер на квалификациите.
- На стартот Раиконен поведува од пол-позицијата, веднаш зад него е Маса, додека Трули и Кубица го поминуваат Алонсо на првата кривина, но Алонсо се враќа пред Кубица. Хамилтон надополнува три места во првиот круг да дојде на 10. место.
- Во 5. круг, Џенсон Батон се враќа во боксот со скршено предно крило, а Хамилтон го поминува колегата Ковалаинен за 9. место и се обидува да го помине и Пике за осмото место.
- Во 10. круг, Раиконен води пред Маса со 3.2 секунди, следуваат Трули (11.8), Алонсо (14.1), Кубица (16.3), Глок (20.9), Вебер (22.2), Пике (24.1), Хамилтон (24.8) и Ковалаинен (25.9).
- Во 14. круг, Хамилтон ја отслужува казната од поминување во бокс откако ја пресекува шиканата да го помине Себастијан Фетел и се враќа на 13. место.
- Во 15. круг, Алонсо е прв во боксот и се враќа веднаш пред Хамилтон.
- Во 18. круг, Батон се откажува во боксот.
- Во 20. круг, Хамилтон го поминува Алонсо за 12. место, но веднаш влегува во боксот. Трули и Кубица влегуваат следниот круг, а Раиконен и Глок во 22. круг, Маса и Вебер во 24. круг, Пике и Ковалаинен во 26. круг.
- Во 27. круг, Култхард влегува во боксот од третото место
- Во 28. круг, Хамилтон го поминува Розберг за 16. место.
- Во 30. круг, Раиконен води пред Маса (6.6 секунди), по што следуваат Трули (32.3), Кубица (33.6), Алонсо (41.4), Вебер (43.8), Ковалаинен (45.2), Пике (48.1), Глок (50.8) и Култхард (51.8). Хамилтон е 16.
- Маса почнува да се доближува на Раиконен, по слабите кругови на Финецот.
- Во 40. круг, Маса го поминува Раиконен.
- Во 43. круг, Ковалаинен го поминува Вебер за шестото место, а Алонсо вторпат влегува во боксот и се враќа на 12. место, пред Хамилтон.
- Во 47. круг, Хамилтон го поминува Алонсо за 12. место.
- Во 54. круг, Маса, како последен од лидерите влегува во бокс.
- Во 55. круг, Маса води пред Раиконен (13.4), Трули (31.8), Ковалаинен (35.8), Кубица (37.5), Вебер (45.0), Алонсо (46.7), Пике (49.3), Култхард (57.1), Глок (59.1).
- Во 58. круг, Хамилтон го поминува Глок за 10. место.
- Во 69. круг, Алонсо излетува на кривината и му го препушта седмото место на колегата Пике.
- Во 70. круг, Трули и Ковалаинен се допираат додека се борат за 3. место.
*** Хамилтон сака да го поправи негативниот имиџ
Луис Хамилтон вели дека тој не е последниот пример на формула 1 возач кој “падна во стапиците” на гламурозниот свет. Коментарите на возачот на Мекларен доаѓаат откако минатата недела се појавија неточни вести дека потрошил 400.000$ на таблички за неговиот автомобил. Покрај ова тука секогаш се шпекулациите за гламурозни премиери на филмови, луди ноќи, состаноци со поп-ѕвезди... 23-годишниот Хамилтон вели дека медиумите грешат.
“Нема нешто што можам да направам тоа да се промени. Не сум таков човек. Сакам да уживам, но не мора тоа да биде на црвениот тепих и никогаш не сум барал посебен третман. Не излегувам за да ме видат”, вели Хамилтон.
Тој исто така е изнервиран и за коментарите по неговиот засрамувачки судар во боксот во Монтреал.
“Прифаќам конструктивен критицизам, но не читам медиуми. Тоа не влијае на мојот живот. Јас не сум лош човек, агрешките се случуваат. Луѓето се обидуваат да ме направат нешто што не сум, но 99.9% од времето мене ми е важно мислењето само на мојот татко”, додава Хамилтон.
Ф1 ФЛЕШ
Светската автомобилистичка федерација (ФИА) ќе побара од Берни Еклстоун оваа недела тимовите да добијат поголем дел од приходите во спортот, доколку сакаат нов Конкорд Договор. Во последниот пресврт во преговорите, ФИА сака поголем процент од приходите на формула 1 да ги добиваат тимовите, а тоа ќе биде на маса на седницата на Светскиот Совет на ФИА во среда во Париз. Тимовите добиваат 75% од промотивните настани и 50% од ТВ правата, а ФИА ќе побара 92% од промотивните настани и 67% од ТВ правата. Многумина ова го оценуваат како обид на Макс Мозли да се добие наклоноста на тимовите.
Француското ГП ќе остане во Мањи-Кур во 2009 и во 2010 година, инсистира Берни Еклстоун и покрај тоа што веќе две години се зборува за отстранување на оваа непопуларна трка. “Иако француската федерација (ФФСА) се договори 2008 да биде последна трка, сега тие велат дека ќе имаме трка уште две години. Имаме договор кој мораме да го исполниме. Се уште сакам трка во Париз”, вели Еклстоун.
БМВ Заубер ќе одлучат за својот возачки состав за 2009 во август, вели шефот на тимот Марио Тајзен. Се верува дека Ник Хајдфелд има договор за следната година, додека ситуацијата на Роберт Кубица е нејасна, по што се појавија голем број шпекулации за доаѓање на Фернандо Алонсо во тимот. “Нема да зборувам за тоа бидејќи така се договоривме со возачите. Кои се најдобрите возачи на светот? Раиконен, Хамилтон, Алонсо, а потоа блиску до нив Кубица и Маса”, вели Тајзен.
Герхард Бергер признава дека Скудерија Торо Росо ќе имаат проблем кога ќе треба да го заменат Себастијан Фетел на крајот на 2008. Шпекулациите велат дека Фетел оди во Ред Бул тимот на местото на Дејвид Култхард. “Знам дека се зборуваат многу работи, но тука јас не можам ништо. Ако ни треба возач прво ќе гледаме во младинската програма на Ред Бул”, признава Австриецот.
Фернандо Алонсо вели дека не е премногу загрижен што колегат Нелсињо Пике заврши пред него на Француското ГП. “Еден или два поени нема да го сменат мојот живот. Не мислам дека имавме лоша стратегија, но мораме да имаме брзина за да ја спроведеме. Без брзина можеш да имаш фантастична стратегија, но сепак ништо. Бевме секунда поспори од директните ривали”, вели Шпанецот.
|