Спорт / Формула 1
ДАЛИ ФИА И МАКС МОЗЛИ ГО ВРАЌААТ УДАРОТ Франција останува во Ф1, ФИА ќе го “разгледува” спортот
Светската автомобилистичка федерација (ФИА) го објави календарот за сезоната 2009 потврдувајќи го “пристигнувањето” на Абу Даби ГП трката, останувањето на Француското ГП на календарот, и во исто време отсуството на Американско ГП.
Новата сезона ќе почне повторно во Австралија во март, но ќе заврши во Абу Даби во ноември, по 19 трки, една повеќе од оваа сезона. Американското ГП, кое отсуствува оваа година, нема да се врати во 2009 и покрај тоа што шефовите на патеката во Индијанаполис признаа дека би сакале да ја добијат трката назад ако се пронајде вистински спонзор.
Меѓу промените во календарот е поместувањето на Турското ГП во Истанбул од мај во август, и доаѓањето на Британското ГП пред Француското ГП. Формула 1 само еднаш досега во 2005 имаше 19 трки на календарот, а шефовите се согласија за зголемување на календарот на 20 трки. Индија и Јужна Кореја се надеваат на деби во 2010, додека Русија одамна подготвува трка.
Макс Мозли полека го враќа ударот
Трката во Мањи-Кур, Франција, пак, е сигурна за следната сезона иако две години се зборува дека ја имаме последната трка во централна Франција. Никола Дешо, претседателот на Француската моторспорт федерација (ФФСА), потврди дека трката е на место и мисли понатаму.
“Очекувам потврда на трката во Мањи-Кур за 2009 година до 28 јуни. Генералното собрание на федерацијата ќе мора да ја потврди одлуката, а потоа ќе мораме да размислуваме за иднината на Француското ГП од 2010 натаму”, вели Дешо.
 Кој вели дека нема да има трка во Мањи-Кур?
ФИА ГО РАЗГЛЕДУВА ВОДЕЊЕТО НА ФОРМУЛА 1
ФИА исто така објави дека ќе направи целосна анализа на тоа како формула 1 се води во иднината, потег кој може да се протолкува како обид да се зголеми контролата на ФИА на спортот на штета на Берни Еклстоун. По состанокот на Светскиот моторспорт совет (ВСМЦ) во Париз во средата се појави соопштение во кое се потврдува дека Ф1 тимовите ќе бидат консултирани за промените.
“ФИА влегува во сеопфатни консултации со Ф1 тимовите да се испитаат плановите за подобра ефикасност, вклучувајќи ги новите технички регулативи. Во ова ќе се вклучи и разгледување на водството на формула 1”, се вели во соопштението.
Последната реченица секако е резултат на се поголемите несогласувања на претседателот на ФИА, Макс Мозли и носителот на комерцијалните права Берни Еклстоун околу контролата на спортот.
ФИА ЈА ФРАЌА И ФОРМУЛА 2 СЕРИЈАТА
Обид за поголемо влијание секако е шокантната одлука на ФИА да ја “воскресне” Формула 2 серијата од 2009 година како “ефтина” платформа за младите возачи и последен чекор пред формула 1.
“ФИА ќе направи тендер за нова серија за поддршка за формула 1. Овој шампионат, наречен Формула 2 ќе биде стартиран во 2009 година. Се надеваме дека ќе можеме да успееме да направиме тимови со буџет од 200.000 фунти по болид за една сезона”, се вели во соопштението на ФИА.
Посакуваната сума од 200.000 фунти е далеку помала од трошоците во сегашните помали формула серии, ГП2 на Берни Еклстоун и Формула 3. Останува нејасно дали серијата ќе биде “втора” зад формула 1 или замена за ГП2, во која сумата за еден болид по сезона е 1.5 милиони фунти. ГП2 ја замени традиционалната “втора лига” во Ф1, Формула 3000.
Од друга страна Формула 3000 беше воведена во 1985 година токму како замена за Формула 2, серија која е почната дури пред формула 1 во 1948 година.
КАЛЕНДАР ЗА СЕЗОНАТА 2009
29.03 Австралиско ГП, Мелбурн
05.04 Малезиско ГП, Сепанг
19.04 Бахреин ГП, Манама
10.05 Шпанско ГП, Барселона
24.05 Монако ГП, Монте Карло
07.06 Канадско ГП, Монтреал
21.06 Британско ГП, Силверстоун
28.06 Француско ГП, Мањи-Кур
12.07 Германско ГП, Нирнбургринг
26.07 Унгарско ГП, Хунгароринг
09.08 Турско ГП, Истанбул Парк
23.08 Европско ГП, Валенсија
06.09 Италијанско ГП, Монца
13.09 Белгиско ГП, Спа-Франкоршамп
27.09 Сингапур ГП, Сингапур
11.10 Јапонско ГП, Сузука
18.10 Кинеско ГП, Шангај
01.11 Бразилско ГП, Интерлагос
15.11 Абу Даби ГП, Абу Даби
ВО РАМКА
Кими очекува доминација
Откако стартуваше од пол-позицијата Кими Раиконен изгледаше во целосна контрола на Француското ГП откако му направи разлика на својот колега од Ферари, Фелипе Маса. Но, поради проблеми со ауспухот во средина на трката тој ги загуби шансите за победа во Мањи-Кур, за да заврши на второто место зад Маса.
“Не знам дали да бидам несреќен или задоволен по тоа што се случи во неделата попладне на Француското ГП. По трката бев многу разочаран, но сега морам да признам дека сум задоволен од резултатот, и на крајот поените се бројат”, вели Раиконен.
Бидејќи Луис Хамилтон не успеа да влезе во поени во Франција, осумте поени на Кими го однесоа на третото место во генерален пласман, само три поени зад победникот на Канадското ГП, Роберт Кубица и пет зад Маса.
“Победата беше блиску, но по првиот добар дел на трката, потоа сe се претвори во кошмар. На половина на трката одеднаш забележав пад во перформансите на моторот и тоа дека недостасува десниот ауспух. Од тој момент бев навистина загрижен и не верував дека ќе стигнам до целта. Но, ова повторно покажува дека никогаш не смееш да се предадеш”, објаснува светскиот шампион.
Пред трката во Силверстоун следната недела, Раиконен повторно верува во доминација на Ферари. Финецот победи на минатогодишното Британско ГП.
“Очекуваме да бидеме многу конкурентни во Силверстоун. Оваа недела сите ќе бидат на тестирањето во Силверстоун. Ја сакам патеката и имам добри спомени од таму. Добро е да се оди со болид кој може да победи”, вели Раиконен.
Ф1 ФЛЕШ
Џан Карло Минарди, основачот на тимот кој на толку многу возачи им даде шанса за Ф1 деби, вклучувајќи ги Марк Вебер, Јарно Трули, Џанкарло Физикела и двократниот шампион Фернандо Алонсо, е последниот кој коментираше за формата на Луис Хамилтон, кој е под притисок на британските медиуми, но и од ривалите. “Според мене има четири возачи подобри од Хамилтон. Роберт Кубица не направи грешки од првата трка од сезоната, и дури и тој инцидент беше вина на Накаџима. Тој покажува дека е попостојан и позрел во својот однос од Хамилтон. Друг таков возач е Алонсо и покрај тоа што нема болид кој е конкурентен. На крајот тука се и двајцата возачи на Ферари. Но, сепак Хамилтон е јасно многу талентиран, но направи премногу грешки кои покажуваат незрелост, но и нервоза. Ќе биде интересно на следните неколку трки”, вели Италијанецот.
По серијата разочарувачки резулати на тимот на Вилијамс во 2008, еден од нивните главни инженери Род Нелсон е пред отпуштање, велат британските медиуми. Техничкиот директор на тимот, Сем Мајкл, не беше на Француското ГП оставајќи му ја одговорноста за тимот на Нелсон, кој дојде во тимот од Рено, каде што беше тркачки инженер на Фернандо Алонсо.
Шефот на БМВ Заубер, Марио Тајзен, ги отфрли шпекулациите дека германскиот тим размислува за замена на Ник Хајдфелд наскоро. Се верува дека Германецот има договор за сезоната 2009, но оваа сезона никако не успева да ги израмни резултатите на Роберт Кубица, како на Француското ГП каде што заврши само 13. “Ако твојот колега е постојано побрз од тебе, секако дека има притисок, но Ник не заборавил како да вози. За тимот во 2009 ќе одлучиме во август. Ситуацијата за Ник не е лесна бидејќи мора да се доближи до Роберт, но ја има целата наша поддршка”, вели Тајзен. За местото на Хајдфелд најголем конкурент во последно време е внукот на легендарниот Аиртон Сена, Бруно Сена, кој импресионира во деби сезоната во ГП2 шампионатот.
Сигурно најопуштениот човек по неделната трка во Франција беше Нелсон Пике од Рено. Медиумите пред трката во Франција објавуваа дека бразилскиот возач ќе биде избркан од тимот, но тој имаше добар викенд на патеката во централна Франција и заврши пред колегата Фернандо Алонсо. “Овие поени го тргнаа притисокот. Од сега работите ќе бидат подобри. Не сакав да ризикувам во Франција бидејќи морав да ја завршам трката”, вели Пике Јуниор.
|