сабота, 05.07.2008

  IDIVIDI Мени
Клуб на пријатели
Euro 2008
Спорт / Формула 1

Во недела (14.00) на програмата е британското ГП во Силверстоун
Хамилтон брка победа пред домашните фанови

Со прогноза во која се вели дека дождот ќе биде тука цел викенд и цела армија на фанови на Луис Хамилтон, Британското ГП во Силверстоун може да биде трката во која возачот на Мекларен го враќа ударот во битката со Ферари.

Силверстоун доаѓа во момент кога битката за титулата е многу тесна. Маса води пред Кубица и Раиконен, а Хамилтон е на само 10 поени заостанување. Во последните години Британското ГП е трка на Ферари, како лани кога Мекларен не може ад аги допрат, на тестирањето во Силверстоун минатата недела се покажа дека Мекларен полека ја намалува разликата. Најџел Менсел велеше дека домашната поддршка во Силверстоун вреди најмалку неколку десетинки од секундата, а Фернандо Алонсо во Шпанија и Фелипе Маса во Бразил покажаа дека дополнителната мотивација може да направи чуда.
Хамилтон е виновен за тоа што оваа сезона можеби се труди премногу, кога малку трпение би било доволно. Многумина посочуваат дека единствена работа која го спречува Хамилтон е неговиот татко. Да, Ентони Хамилтон е причината поради која Луис стана ѕвезда, но време е да се оди напред.

Токму на оваа трка минатата година се зголемија несогласувањата Алонсо-Хамилтон, кога Луис се сомневаше дека Фернандо заддржува значајни информации во сет-апот за да добие предност. Оваа година атмосферата е многу подобра, посебно бидејќи Хеики Ковалаинен мора да сфати дека не е реално да очекува да се бори за титулата.
Во недела Хамилтон ќе се обиде да ја расипе 1-2 победата на Ферари, но прашањето е кој возач на Ферари ќе покаже повеќе? Кими Раиконен ќе го користи “бесплатното” менување на мотор, но Фелипе Маса сега е прв во генерален пласман и нема да сака да се “тргне на страна”.
Роберт Кубица и БМВ ќе се надеваат дека дојде крај на алармантниот пад на формата на Француското ГП, каде што Полјакот успеа да е само петти, а Хајдфелд не беше ниту блиску до поени. Големата предност на Кубица е што има двајца возачи на Ферари кои се борат за поени, бидејќи да беше ерата на Шумахер, ќе имаше само еден кој ја зголемува предноста во генерален пласман. Проблемот за БМВ е што Силверстоун и Мањи-Кур не се толку различни патеки - со кривини за голема брзина, и е доста тешко да се претекнува.
За двократниот победник Дејвид Култхард ова е последната посета на Силверстоун во ГП болид, а со толку дебитанти неговото искуство ќе биде непроценливо во Ред Бул. Доаѓаме до другиот Британец и како што се почесто го нарекуваат “заборавениот човек”, Џенсон Батон. Формата на неговата Хонда е тешко да се предвиди, но малкумина очекуваат нешто спектакуларно.

Во Рено и Тојота, Нелсон Пике и Јарно Трули ќе се обидат да продолжат по одличниот резултат во Франција. Тојота беа мирни до последната трка, но Трули одеднаш носи поени за богатиот тим. Сега со помош на Бетмен можеби ќе бидат и побрзи.

Нелсон Пике се уште има седум трки за кои може да се каже дека можел и подобро, и покрај тоа што го победи колегата Алонсо на Француското ГП.

Како во Хонда, и во Вилијамс ќе се обидат да се оттргнат од летаргијата Француското ГП, на патека која ја познаваат одлично. Тимот тука стигна до својата прва победа во 1979 година и единствена шанса да го повторат тоа 29 години подоцна е со многу дожд и среќа.

Прогнозите велат дека најмногу дожд ќе има во недела, така што тоа не е толку недостижно. По “досадата” во Франција можеби ќе видиме нешто поинтересна трка.

ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
ВОЗАЧИ
1.Фелипе Маса (Ферари) 48
2.Роберт Кубица (БМВ) 46
3.Кими Раиконен (Ферари) 43
4.Луис Хамилтон (Мекларен) 38
5.Ник Хајдфелд (БМВ) 28
6.Хеики Ковалаинен (Мекларен) 20
7.Јарно Трули (Тојота) 18
8.Марк Вебер (Ред Бул) 18
9.Фернандо Алонсо (Рено) 10
10.Нико Розберг (Вилијамс) 8
11.Казуки Накаџима (Вилијамс) 7
12.Дејвид Култхард (Ред Бул) 6
13.Тимо Глок (Тојота) 5
14.Себастијан Фетел (Торо Росо) 5
15.Рубенс Баричело (Хонда) 5
16.Џенсон Батон (Хонда) 3
17.Нелсон Пике Јуниор (Рено) 2
18.Себастиен Бурде (Торо Росо) 2

КОНСТРУКТОРИ
1.Скудерија Ферари 91
2.БМВ Заубер 74
3.Мекларен Мерцедес 58
4.Ред Бул Рејсинг Рено 24
5.Тојота Панасоник 23
6.Вилијамс Ф1 Тојота 15
7.Рено Ф1 12
8.Хонда Рејсинг 8
9.Скудерија Торо Росо Ферари 7
10.Форс Индија Ферари 0

Донингтон ќе го замени Силверстоун од 2010!

Донингтон Парк ќе ја замени патеката во Силверстоун како домаќин на Британското ГП од сезоната 2010, објави ФИА.
“По разговорите со Формула 1 Менаџментот (ФОМ), ФИА може да потврди дека Британското ГП ќе остане на календарот на Формула 1 Светскиот Шампионат. Од 2010 година, домот на Британското ГП ќе биде Донингтон Парк”, се вели во соопштението на ФИА.
Од Донингтон пак објавија дека ко-сопствениците на патеката Сајмон Џилет и Ли Гил потпишаа 10-годишен договор во кој се вклучува инвестиција од 100 милиони фунти на патеката во следните пет години.

зненадувачката одлука, иако осигурува трка во Британија е голем удар за Силверстоун и сопственците Британски Тркачки Клуб (БРДЦ), чиј договор со ФИА истекува на крајот на селедната година.

БРДЦ имаа планови за целосно реновирање на боксот и на комплексот згради за да ја внесат патеката на која во 1950 се возеше првата Ф1 трка во “семејството” модерни патеки, но за ова им требаше гаранција за трка. Формула 1 шефот Берни Еклстоун постојано се закануваше дека ќе ја отстрани трката од поранешниот воен аеродром.

Првиатната патека во Донингтон, каде што се оддржува и Мото ГП трката, последен пат беше дом на Европското ГП во формула 1 во 1993 година. Донингтон Парк во првата светска војна беше место на затвор за воени затвореници.
“Конечно несигурноста заврши. Имаме договор со Донингтон и иднина за Ф1 трки во Британија. Сакавме првокласна патека за сите британски фанови и тоа го имаме со новиот договор со Донингтон. Жал ми е за Силверстоун, но британската влада требаше да ги поддржи со само 0.002 од буџетот потврден за Олимписките Игри”, вели Еклстоун.

На Хамилтон му недостасува Алонсо?

Луис Хамилтон првпат призна дека му недостасуваат острите битки со неговиот поранешен колега Фернандо Алонсо во 2007. Двојката имаше катастрофална заедничка година во Мекларен, со многу обвинувања и несогласувања и годината заврши со тоа што Алонсо си замина по само една година од тригодишниот договор.

“Да, тие битки кои ги имавме ми недостасуваат. Искуството кое го добив ми помага оваа година. Не ми недостасува како колега, но имав одлично искуство, натпреварувајќи се со двократен шампион”, вели Хамилтон.

Алонсо од друга страна пак смета дека Роберт Кубица од БМВ е најдобриот од четирите ривали за титулата оваа година: Раиконен и Маса од Ферари и Хамилтон од Мекларен.

“Најдобар возач секако е Кубица. Го знам одамна и победувал во сите категории до формула 1, иако се натпреваруваше со истите противници: Розберг, Хамилтон... Но, кој е фаворит за титулата? Тоа е сигурно Раиконен. Тој има искуство, смирен е во важните моменти и е во Ферари, најдобриот тим во моментов”, вели Алонсо.

Ковалаинен најбрз, Маса го искрши болидот

Возачот на Мекларен, Хеики Ковалаинен го имаше најдобриот круг во вториот тренинг пред Британското ГП, откако беше скоро половина секунда пред Марк Вебер во Ред Бул. Тренинг сесијата беше одбележана со сударот на Јарно Трули, кој излета на Стоув кривината.
На првата тренинг сесија, Фелипе Маса го постави најдоброто време, но потоа целосно го уништи својот болид во страшен инцидент. Маса имаше време од 1:19.575 и можеше да биде и побрз кога налета на масло на патеката од Реното на Фернандо Алонсо, по што се изврте и удри одзади во бариерата. Неговиот Ф2008 болид беше целосно уништен.

Ф1 ФЛЕШ

Мелбурн ќе продолжи да има ГП трка најмалку до 2015 година, откако организаторите се согласија да ја преместат трката во 17.00 часот по локално време за да се добие подобро време за ТВ гледачите во Европа. Ова го објави премиерот на локалната држава Викторија, Џон Брамби по состанок со Формула 1 Менаџментот (ФОМ) во Лондон. Берни Еклстоун, кој се закануваше со преселба на трката во Сиднеј или сосема одземање на трката од Австралија беше задоволен. “Сакав промена на времето на трката за да се зголемат ТВ гледачите во Европа и Азија. Задоволен сум што остануваме во Мелбурн”, вели Еклстоун.

Ред Бул Рејсинг објавија дека го продолжиле договорот со нивниот возач Марк Вебер за во 2009, што ќе биде негова трета сезона со тимот. Австралиецот дебитираше во Ф1 во 2002 со Минарди, во 2003 се пресели во Јагуар, и во БМВ Вилијамс во 2005, и во 112 старта има два пласмани на подиумот. “Задоволен сум што потпишавме договор толку рано во сезоната. Знам дека имам сила да победувам, но не сум имал шанс ада се борам за подиумот. За да стигнеме до титулата ни треба силен болид на секоја трка. Но, ако има подобра шанса од таа на Ред Бул ќе ја прифатам”, вели Вебер.

Луис Хамилтон доби забрана од својот татко и менаџер Ентони Хамилтон откако се согласи за “фитнес тест” против британскиот сонародник Џенсон Батон на еден триатлон во добротворни цели. “Луис го прифати предизвикот бидејќи е таков човек, но мораме да се повлечеме од тоа. Сега сме во средина на сезоната и на тоа ќе се концентрираме”, вели Ентони Хамилтон. Батон предходно го предизвика Хамилтон на триатлон на 27 јули, велејќи дека ќе даде 10.000 фунти во добротворни цели ако Хамилтон го победи.

Ко-сопственикот на тимот на Вилијамс, Патрк Хед вели дека е подобро Макс Мозли да остане претседател на ФИА и покрај сите скандали, наместо на негово место да дојде Жан Тод. Поранешниот шеф на Ферари, Французинот Тод подолго време се смета за сериозен кандидат за замена на Мозли. “Според нас, Макс и покрај тоа што некогаш имаше отпор од нас направи многу добри работи за компанијата. Од друга страна го имаме Жан Тод, кој секогаш 100% ги претставувал интересите на Ферари. Тој сака да се судира, не е независен и е се што еден претседател на ФИА не смее да биде”, вели Хед.

Двократниот светски шампион Фернандо Алонсо вели дека нема да донесе одлука за неговата иднина се до Италијанското ГП во септември. Се очекува Шпанецот да стане слободен агент доколку Рено не заврши најмалку трет во генерален пласман, што е тешко да се очекува. “Ќе мислиме на тоа по летото и сите овие трки, и по паузата од Белгија и Италија. Тоа се важни трки и потоа ќе видиме што ќе правиме”, признава Шпанецот.

Војната против Берни Еклстоун и Макс Мозли наводно заврши, објавија биртанските медиуми. “Сега е јасно, направивме чекори да ги надминеме разликите”, потврди Еклстоун, а портпаролот на Мозли додаде дека “ова е многу интересен развој на настаните”. Еклстоун исто така го поддржа писмото на Мозли до шефовите на тимовите пратено овој викенд.




Наjновo од Спорт
Ристиќ потпиша за Поханг Стилерс
Хамилтон брка победа пред домашните фанови
Кометал немаше среќа во ждрепката
Ренова игра против израелскиот Бнеи Сахнин
Ждрепка за Металург во лигата на шампионите
Србија - Македонија 23:6
Македонија со победа дебитираше на Европското првенство во ватерполо
Галантниот Шкотланѓанец Култхард во пензија
Хамилтон е најдобриот Ф1 плејбој, но само трет по квалитетите?
На Торо Росо им е ветена стабилност за 2009
Бурде не знае што ќе прави во 2009, Култхард останува реален
Хамилтон сака да ја заврши “домашната задача”
Кубица останува реален за шансите на БМВ Заубер
Франција останува во Ф1, ФИА ќе го “разгледува” спортот
Монтоја смета дека формула 1 е “многу досадна”
Хамилтон лут на сите, Мекларен под притисок на ФИА?
  IDIVIDI Сервиси
Multibox
Мое видео
Chat
Фото
MAXarena
Webmail
Кој е кој
Download
E-cards
Форум
Games
Именик
Огласи
Речник
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
WEBmail
user:
pass:
Логирање на Web пошта
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
A1 телевизија
IDIVIDI™, Copyright Македонски Телеком - 2004
преземи