Спорт / Формула 1
ПО ФАНТАСТИЧНАТА ПОБЕДА НА БРИТАНСКОТО ГП ВО СИЛВЕРСТОУН Хамилтон ја кажа следната цел - светската титула
Откако го презеде водството во генерален пласман по победата на неделното Британско ГП, Луис Хамилтон сака да се задржи на тоа место и да ја освои титулата. Возачот на Мекларен влезе во сезоната со три цели: да се победи во Монако, да се победи во Британија и да се освои титулата. По двете остварени цели останува уште најголемата.
По девет трки 23-годишниот Британец е израмнет со двоецот на Ферари, Фелипе Маса и Кими Раиконен со 48 поени во шампионатот. Хамилтон, сепак, е во водство бидејќи иако сите резултати му се еднакви со тие на Маса, тој има едно 10. место во споредба со незавршена трка на Бразилецот.
 Хамилтон меѓу ѕвездите - со Кис во Австралија “Сега веднаш се враќам на работа. Имам светска титула за освојување. Во Монако ја остварив првата цел, во Силверстоун втората цел и сега треба уште да ја освојам титулата. Тоа беа целите за мене оваа сезона. Победата во Силверстоун ми даде голема мотивација, се наоѓам на добро место, но морам да продолжам да освојувам поени. Одиме трка по трка и сакаме да продолжиме така. Знаеме дека имаме болид за такво нешто”, вели асот на Мекларен, кој веднаш замина во Хокенхајм на тестирањето пред Германското ГП.
ВИДОВМЕ МНОГУ ПОСИЛЕН ЛУИС
Хамилтон исто така сега знае дека е стабилен возач откако го помина “оганот” на британските медиуми по катастрофалното Канадско ГП, кога се удри во задниот дел на болидот на Кими Раиконен додека излегуваа од боксот. Покрај тоа тој беше на насловните страници на сите британски таблоиди поради неговите состаноци со славни имиња.
“Знам дека формула 1 изгледа гламурозно, но овој спорт е неверојатно тежок. Силверстоун беше еден од најголемите предизвици во мојот живот. Морав да бидам бестрашен. Трката беше хард-кор и никогаш нема да ја заборавам. Ова покажа дека имам доволно концентрација и сум најсилен. Лесно е да се занесеш со ваквиот живот, но мораш да се вратиш на земја. Го покажав своето педигре и покажав дека нервите ми се силни. Да се вклучиш со великаните како Џеки Стјуарт и Аиртон Сена, иако јас не го кажувам тоа, е главната цел на мојата кариера”, додава Хамилтон.
 Луис Хамилтон полека ги остварува целите за 2008
И МЕКЛАРЕН ЕКСПЕРИМЕНТИРААТ СО ПОКРИВКАТА НА МОТОРОТ
Обидот на Мекларен да останат со агресивниот развој на МП4/23 болидот продолжи и на тестирањето во Хокенхајм, каде што за првпат возеа со т.н. “наковално” покривка на моторот. Само 48 часа по одличната победа во Силверстоун, самиот Хамилтон прв го возеше редизајнираниот болид.
Користењето на покривките за моторот го почнаа Ред Бул Рејсинг, каде што иронично работи поранешниот дизајнер на Мекларен, Адријан Њуи, а потоа истата беше ископирана на болидите на Рено и на Форс Индија.
Дождот го попречи првиот ден тестирање во Хокенхајм, но Мекларен би требало да имаат доволно време да одлучат дали да го користат подобрувањето на Германското ГП. Генералниот менаџер на тимот, Мартин Витмарш, верува дека работата на болидот во последните денови донесе резултати во битката со Ферари.
“Мислам дека тимот заврши одлична работа со развојот на болидот. Сега битката за титулата наликува на лани. Во реалноста, ќе оди напред и назад во зависност од тоа колку добра работа завршуваме. Работиме, но Ферари се силен тим и ќе продолжат да се подобруваат”, вели Витмарш.
Хамилтон водеше во утринската сесија во Хокенхајм, со најдобар круг од 1:50.550, половина побрзо од Нико Розберг во Вилијамс. Адријан Зутил (Форс Индија) беше трет пред Ник Хајдфелд (БМВ) и Нелсон Пике Јуниор (Рено).
***
Мозли: “Нема ништо еротско во нацизмот!”
Шефот на ФИА, Макс Мозли, во понеделникот се појави пред судот во Лондон за да ги демантира тврдењета на Њуз оф д Ворлд дека имал наци-оргија со пет проститутки правдајќи се дека “има малку работи кои се толку не-еротски” како нацизмот. Мозли тврди дека весникот ја нарушил неговата приватност, иако признава дека имал садомазохистичка сесија со проститутки.
“Секој обичен човек сака да се почитува приватноста на неговиот сексуален живот”, вели неговиот адвокат Џејмс Прајс.
Весникот тврди дека читателите имаат право да знаат за работите кои ги правел Мозли, кој инаку е син на Освалд Мозли, познатиот нацистички британски лидер. Скриените камери го фатија 68-годишниот Мозли со пет жени во неговиот стан во Лондон во петчасовна оргија, а видеото на страната на Њуз оф д Ворлд се гледало по 1.4 милиони пати дневно.
Откако се појави приказната од Мозли беше побарано да даде оставка од местото претседател на ФИА, но и покрај притисокот тој успеа да добие доволно гласови да остане до крајот на неговиот четврти мандат во октомври 2009.
На стартот на двонеделното судење, Мозли изјави дека платил 5.000$ за “забавата”.
“Немаше ниту дел од нацистичко однесување. Целиот живот пред мене ги имам моите родители и нивното однесување, и не сакам да се потсетувам на тоа во мојот сексуален живот”, вели Мозли.
Една од жените кои учествувале во оргијата изјави дека е апсурден начинот на кој таблоидот известувал за скандалот.
“Не ми се верува дека тие велеа дека имало нацистички работи. Немаше нацистички слики, униформи и материјали. Јас не сум проститутка, туку правевме нешто помеѓу пријатели”, вели жената “Д”.
*** Вилијамс ќе се фокусира на 2008
Вилијамс ќе повлечат дел од своите ресурси на болидот за 2009 за развој на сегашниот ФВ30 болидот во обид да се подобри брзината и резултатите во вториот дел од сезоната. Тимот од Гроув има целосно непостојана сезона, во која на некои патеки покажаа одлична форма, но на некои беа целосно разочарувачки. По две слаби трки во Мањи-Кур и Силверстоун, директорот на инженеринг, Патрик Хед, најави промени.
“Посветуваме многу внимание на сезоната 2009 и нашата аеродинамичка програма се фокусира на 2009 подолго време. Неодамна се решивме да вратиме малку внимание на 2008 бидејќи дефинитивно мораме да бидеме подобри од сега”, вели Хед.
Според Хед проблемите со болидот се од аеродинамичка природа, иако додаде дека не се работи само на недостиг на надолна сила. Британецот признава дека ќе биде тешко тимот да се врати во битката за четвртото место доколку нешто не се смени драматично.
“Мислам дека тоа е малку тешко бидејќи треба да бидеме барем еднакви со нашите конкуренти, а Марк Вебер и Ред Бул се во добра форма, нели? Ако му дадеме на Нико иста опрема и тој ќе биде таму. Не смееме да се откажуваме”, завршува Хед.
Ф1 ФЛЕШ
Роберт Кубица с$ уште не открива ништо за тимот со кој ќе ја продолжи кариерата. 23-годишниот Полјак е еден од најдобрите возачи оваа година и е на само два поена од лидерството во генерален пласман со неговиот БМВ Заубер. Се верува дека БМВ има опција за него во 2009 година, но тимот ќе ги открие своите планови во август. “Ќе видиме, не знам што носи иднината. Не знам каде ќе се тркам, не знам кој ќе биде силен. Има толку многу прашања. Дали би возел во Ферари? Не знам, можеби. Можеби еден ден ќе добијам шанса да го откријам и тоа”, вели Кубица.
Претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, му соопшти на својот тим дека не смеат да се повторат грешките од Британското ГП. “Се надевам дека наскоро ќе стигнеме и до 10 победа. Сигурен сум дека можеме до титулата, но само ако не ги правиме тие глупави грешки. Секако дека не сум задоволен од тоа што го видов во Британија, но се надевам дека лекцијата е научена. Сега сме на половина од сезоната, водиме во пласман на конструктори, но предадовме многу поени”, предупредува Италијанецот.
Се очекува дека Германското ГП следниот викенд ќе биде распродадено. Организаторите во Хокенхајм објавија дека продале 65.000 билети и се надеваат на уште 25.000 нови билети. Хокенхајм оваа година се враќа на формула 1 календарот, како дел од програмата на делење на Германското ГП меѓу оваа патека и таа во Нирнбургринг.
Ако се прашува Дејвид Култхард, следната година во Ред Бул покрај Марк Вебер ќе вози младиот Германец Себастијан Фетел. Шкотланѓанецот објави дека се пензионира минатата недела и вели дека возачот на Торо Росо е најдобра опција за тимот. “За мене Себастијан Фетел има с$ што е потребно за иден победник во формула 1. Неговата зрелост ми покажува дека е најдобар човек за работата”, вели Култхард.
Шефот на ГП2 тим, Адријан Кампос, е заинтересиран да ги купи “остатоците” од сега непостоечкиот Супер Агури тим. Работи од Супер Агури, вклучувајќи болиди и транспортери ќе бидат продадени на аукција на 31 јули. Често се шпекулира дека Кампос и неговиот шпански сонародник Алехандро Агаг сакаат да формираат шпански Ф1 тим, а беа поврзувани и со купување на тимот.
Пласманот на подиумот на Рубенс Баричело во Британија е “позитивен знак” во неговата потера за нов договор со Хонда, вели шефот на тимот, Ник Фрај. “За следната година ќе избереме двајца најдобри возачи. Очигледно оваа трка беше добра за Рубенс. Не само што возеше добро, туку и навистина беше среќен, што е добро да се види”, вели Фрај.
|