
|
 |
Спорт / Формула 1
НЕ ПРЕСТАНУВААТ ШПЕКУЛАЦИИТЕ ОКОЛУ СЛЕДНИОТ ТИМ НА ДВОКРАТНИОТ ШАМПИОН Алонсо повторно поврзуван со Ферари
Големите спонзори на Мекларен Мерцедес, шпанската банка Сантандер, би ја променила страната за 2009 година и би била голем спонзор на Ферари. Германскиот магазин Спорт Билд тврди дека договорот е вреден 25 милиони евра по сезона и во него речиси сигурно е вклучен и ангажманот на поранешниот двократен шампион Фернандо Алонсо.
Сантандер почнаа со спонзорството на Мекларен минатата година, кога 26-годишниот Алонсо го почна повеќегодишниот договор со британскиот тим. Но, неговите односи со тимот како што се знае беа никакви поради наводното преферирање на Луис Хамилтон, и Шпанецот оваа сезона се врати во Рено, тим со кој ги освои двете титули во 2005 и 2006. Кога тој си замина од Мекларен, многу шпански спознори како Мутуа Мадрилења го напуштија тимот, а сега, по сè изгледа, и Сантандер сака да го направи тоа.
Спорт Билд вели дека Сантандер-Алонсо-Ферари договорот вклучува реклама на тркачките костуми и на предното и задното крило, како и 30 милиони евра годишно “помош” за платата на Алонсо.
Во Силверстоун, Шпанецот изјави дека ќе почека до септември пред да одлучи каде ќе вози во 2009. Фасцинантно, Ферари, иако има договор со своите двајца возачи Кими Раиконен и Фелипе Маса, речиси секогаш го објавува тимот за следната сезона на трката во Монца, која оваа година се одржува на 14 септември.
Шефот на Сантандер, Емилио Ботин, беше во Силверстоун за Британското ГП. Шпанскиот Диарио АС шпекулира дека колега на Алонсо за следната година ќе биде Кими Раиконен, по катастрофалната трка на Бразилецот Маса во Силверстоун во која се изврте пет пати.
“Не знам дали тие шпекулации се точни, но не гледам зошто би било проблем да се има тим со Кими и Алонсо, или Фелипе и Алонсо”, вели тест-возачот на Ферари, Шпанецот Марк Хене.
АЛОНСО НЕ ОЧАЈУВА ЗА ПОДИУМИ ВО 2008
 Фернандо Алонсо, пак, вели дека се помирил со своето отсуство од подиумите во сезоната 2008. Шпанецот признава дека некои членови на Рено се очајни да видат Р28 болид меѓу најдобрите три во формула 1 пред да заврши сезоната. Но, откако беше шести на дождливото Британско ГП во неделата, Алонсо изјави дека враќањето на подиумот не е некој голем приоритет.
“За мене тоа нема посебна важност. Сакам да го стигнеме четвртото место во генерален пласман на конструктори до крајот на сезоната”, вели Шпанецот за Ел Паис додавајќи дека во моментот се седми, и пред нив се само Хонда, Торо Росо и Форс Индија.
Во средината на Ф1 оваа година по три години борење за титулата, Алонсо признава дека може да се случи пласман на подиумот, но само со среќа.
“Подиумот за Ред Бул во Канада се случи поради среќа. А во Силверстоун тоа го направија Хонда по серијата лоши резултати, и сега како да возат ракети. Мораме да останеме смирени и да продолжиме со освојување поени. Има години во кои си среќен и други кога не си. Подобро да немам среќа сега кога не се бориме за титулата”, вели Алонсо.
Сепак, Шпанецот додаде дека е задоволен што во Силверстоун “бил еден од ретките” кои не направиле поголема возачка грешка.
***
Хајдфелд се врати во форма
Ник Хајдфелд ја врати својата сезона на вистински пат во Силверстоун, смета шефот на БМВ Заубер, Марио Тајзен. 31-годишниот Германец се мачи да остане во линија со својот колега Роберт Кубица цела сезона зголемувајќи ги шпекулациите за неговата иднина во швајцарско-германскиот тим. Но, тој заврши како втор зад Луис Хамилтон без ниту една грешка на дождот во Британија, додека Кубица имаше технички проблеми во квалификациите и потоа излета од трката.
“На тренинзите тој секогаш беше на исто ниво со Кубица. Сега покажа дека повторно се чувствува добро во болидот и дека може да оди до крај. Очекуваме да биде во иста форма и на следната трка. Во Силверстоун повторно бевме брзи откако само 14 дена претходно во Мањи-Кур почнав да се сомневам дека ривалите одат побргу од нас”, вели Тајзен.
Самиот Хајдфелд призна дека се чувствува одлично откако ги решил проблемите со квалификациите.
“Викендот беше добар, а посебно квалификациите. Имав доста претекнувања и завршив како втор, но главен проблем досега беа квалификациите. Ова ми е трет подиум во сезоната и сега сум петти во генерален пласман со само 12 поени заостанување, што е одлично ако се земат предвид сите проблеми кои ги имав”, вели Хајдфелд.
***
Мозли: “Секс тајните уништија сè!”
Претседателот на ФИА, Макс Мозли, признава дека никогаш нема да може да ја поправи штетата која е нанесена на неговото семејство од шокантните извештаи на Њуз оф д Ворлд за неговиот личен живот. Мозли ова го кажа на судењето за случајот во Лондон и додаде дека “не можам да кажам ниту да направам нешто што ќе го поправи тоа”.
“Во еден викенд тие уништија сè. Тешко е да се опише јавното засрамување. Јас го правам ова 45 години и во ниту еден момент немаше да излезе во јавноста да не беа подмитувањата и нелегалните акти. Мојата сопруга Џин и јас сме заедно повеќе од 50 години - се сретнавме како тинејџери. Сега не можам да направам ништо. За моите двајца синови секако дека не постои ништо полошо да го видат тоа во весник како Њуз оф д Ворлд”, признава Мозли.
Ф1 ФЛЕШ
Дури и обично националистичкиот шпански печат мораше да го пофали британскиот возач Луис Хамилтон по неговата победа на Британското ГП во Силверстоун. 23-годишниот Хамилтон немаше најдобри односи со шпанските медиуми, посебно поради ривалството со Фернандо Алонсо минатата година и расистичкиот скандал на тестот во Барселона оваа година. Но, сега Диарио Ас ги прогласи Хамилтон и Алонсо “најдобри во хаотичната трка”, Ел Паис додаде дека “Хамилтон танцуваше на водата со чиста глава и ги замолчи критичарите”, додека Марка на насловот имаше “Хамилтон доминираше на трката, без дилеми”.
Такума Сато вели дека одбил понуди надвор од формула 1 по колапсот на Супер Агури тимот во мај. Како и неговиот колега во сега непостоечкиот тим Ентони Дејвидсон, 31-годишниот Сато беше гостин на Британското ГП. Сато има речиси 100 ГП трки со Џордан, БАР и Супер Агури и вели дека целта повторно е Ф1. “Немам ништо конкретно сега, но разговарам со неколку тимови. Одбив некои понуди за Ле Ман и за американските трки бидејќи мојата иднина е во формула 1”, смета Сато.
Ферари застанаа во одбрана на светскиот шампион Кими Раиконен откако Финецот турна еден познат фотограф пред стартот на трката во Силверстоун. Французинот Пол-Анри Кахие, кој е Ф1 фотограф речиси 40 години, падна на грб откако Раиконен го турна бидејќи објективот бил преблиску до лицето на Финецот и му газел на опремата. Кахие издаде соопштение во кое вели дека не ја допирал неговата опрема и го нарече Раиконен најнепристојниот Ф1 шампион. “Јас целосно ја сфаќам реакцијата на Кими. Тоа беше малку остро, но мораме да сфатиме што се случуваше”, вели портпаролот на Ферари, Лука Колајани.
Луис Хамилтон ги отфрли шпекулациите дека размислува за ангажирање на професионален менаџер кој би ја водел неговата формула 1 кариера. Сегашниот негов менаџер, неговиот татко Ентони Хамилтон во неделата во Силверстоун беше забележан во друштво со познатиот менаџер на Ф1 возачи, Џулијан Џакоби, но синот Хамилтон вели дека нема ништо да се промени. “Не, тоа не е точно. Задоволен сум од работата на мојот татко и на мојот менаџерски тим”, изјави Хамилтон.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|