
|
 |
Спорт / Формула 1
ВО ПРЕСРЕТ НА НЕДЕЛНАТА ГН НА ГЕРМАНИЈА ВО ХОКЕНХАЈМ Хамилтон: Посакувам еден-два триумф
Британецот Луис Хамилтон е “намерачен овој викенд во Хокенхајм да се одвои од двоецот на Ферари и на тимот на Мекларен Мерцедес да му ја донесе втората едноподруго победа на една од неговите домашни Гран-при трки.
 23-годишниот Хамилтон, кој беше тотално доминантен во Силверстоун пред две седмици, доаѓа во Хокенхајм како лидер во трката за шампионската титула, но има идентичен број бодови како и двајцата возачи на Ферари, односно Фелипе Маса и Кими Раиконен.
“Се разбира дека сакам да остварам добар резултат на оваа патека. Поддршката која ја добиваме во Германија е извонредна и би било навистина одлично доколку јас и мојот фински колега Хаики Ковалаинен забележиме еден-два победа”, изјави Хамилтон, кој лани не успеа да ја освои титулата во поединечна конкуренција, поради подобрите резултати на финскиот возач Кими Раиконен во последните неколку трки.
Овонеделната трка која се вози за Големата награда на Германија ќе се одржи во Хокенхајм, каде е домот на партнерот на Мекларен, Мерцедес, што значи дека илјадници вработени од фабриката во Штутгарт ќе бидат присутни во публиката и ќе навиваат од трибината креирана посебно за нив. Интересно е тоа што Хамилтон никогаш не возел трка на Хокенхајм, со оглед на тоа што во неговата ланска дебитантска сезона трката за ГН на Германија се возеше во Нирбургринг, но минатата недела покажа одлични резултати на тестирањето.
Последниот триумф на Мекларен датира од пред една декада, кога Мика Хакинен славеше, а во последните два настапи кога Раиконен настапуваше за Мерцедес, во обата случаи стартуваше од пол-позицијата, но не успеа да слави ниту еднаш.
СВЕТСКИОТ ШАМПИОН СО СВОИ ЖЕЛБИ ПРЕД ХОКЕНХАЈМ
Раиконен посакува да биде жешко в недела
 Актуелниот светски шампион, Финецот Кими Раиконен од Ферари, исто како и Хамилтон се надева на успех во Хокенхајм, особено по малерозните настапи на последните три трки, во Франција, Канада и Монако.
Финецот ја брка својата трета победа сезонава откако на претходните три не успеа да ја прокнижи поради серија пехови бидејќи во Монтреал се удри во стационар во боксот, во Франција го загуби водството поради колапс на моторот, додека на Силверстоун неговиот тим Ферари му инсталираше погрешен сет гуми.
“Навистина треба да победиме на оваа трка. Минатата недела имавме многу продуктивен тест и испробавме различни нови делови. Според времињата на минатонеделните тестирања, мислам дека повторно ќе бидеме блиску со Хамилтон, но Ферари како и секогаш е компетитивен и се бори за победата”, вели Раиконен, кој додаде дека се надева на исклучително топол викенд.
“За нас топлото време ќе биде најадекватно. Нашиот болид ги преферира високите температури, а тоа на долги патеки и не се одразува толку тешко врз пневматиците”, додава Раиконен.
Инаку, последната победа за Ферари во Хокенхајм беше прокнижена во 2006 година, кога славеше Михаел Шумахер на последното домашно Гран При, а негов клупски партнер тогаш беше Бразилецот Фелипе Маса, кој сега како и Раиконен, но и Луис Хамилтон, имаат по 48 бодови и се наоѓаат на делба на првата позиција во генералниот пласман.
ПОФАЛНИ ЗБОРОВИ ЗА МЛАДИОТ ГЕРМАНЕЦ
Шумахер: Ветел има се што му треба на шампион
Најдобриот шофер во историјата на Формула 1, Германецот Михаел Шумахер, се надоврза на многуте позитивни критики за новата германска ѕвезда Себастијан Ветел.
“Тој има се што му треба на иден победник во Формула 1”, рече седумкратниот шампион за 21-годишниот Ветел, со кого заедно ќе настапат на Трката на шампиони на Вембли, на која учествуваат по двајца пилоти од секоја земја-учесник, а на која лани беа победници бранејќи ги боите на германското знаме.
Ветел во моментов настапува во екипата на Торо Росо, но во 2009 година би требало да се пресели во тимот на Ред Бул.
“Момчето ќе биде големо име на овој спорт, во тоа мислам дека можеме да бидеме сигурни”, изјави австриската легенда на овој спорт, Герхард Бергер, кој во моментов е ко-сопственик на тимот Торо Росо, за кој вози Ветел.
Ветел дојде оваа сезона во Торо Росо, како замена за 25-годишниот американски шофер Скот Спид, кој имаше изјава за Ветел во весникот “Формула 1 рејс репорт”.
“Го знам Себастијан уште откога беше момче. Тој е одличен возач и му посакувам се најдобро. Како возач треба да бидете на вистинското место во вистинско време, а во моментов тој го има тоа. Се разбира дека беше и малку среќен, особено што сите од неговите резултати беа забележани по дождот и секако со вистинска тимска стратегија”, изјави Спид за неговиот наследник во тимот.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|