
|
 |
Спорт / Формула 1
ШПАНЕЦОТ СО МНОГУ УБАВИ СЕЌАВАЊА ОД АНГЛИЈА Алонсо не е лут, но сака повторно да е шампион
И покрај разочарувачката сезона во Рено, Фернандо Алонсо инсистира дека воопшто не ја загубил желбата да успее во формула 1. Шпанецот се врати во тимот со кој стигна до две светски титули во 2005 и 2006 година, но францускиот тим оваа година едноставно нема доволно сили да се бори со најдобрите.
Оваа сезона доаѓа по еднакво разочарувачката едногодишна авантура во Мекларен која заврши неславно. На една недела пред Унгарското ГП, местото каде што лани се случи "топењето" во англискиот тим и почетокот на крајот на партнерството со Луис Хамилтон, Алонсо е смирен. Моментот кога Алонсо стоеше намерно во боксот не дозволувајќи му на Хамилтон зад него да наполни гориво како казна за непочитување на тимската стратегија беше последната капка во преполната чаша и крај на надежите за продолжување на кариерата во овој тим.
Прашањата за искуството во Мекларен не се дозволени во Рено и се чека некоја биографија. Што е следно за Шпанецот исто така не е јасно бидејќи и покрај големата желба да вози за Ферари, Хонда се обидува да докаже дека вистинското место за еден шампион е нивниот тим. Алонсо не е деморализиран, туку веќе сака да биде дел од легендите на спортот, како неговиот претходен ривал Михаел Шумахер.
"Се уште го сакам спортот. Има добри и лоши моменти. Добрите моменти тешко се забораваат и не можам да ги добијам тие чувства од ништо друго во животот. Вистина е дека до пред две три години не верував дека ќе останам во спортот толку долго како Михаел. Започнав на 19 години со Минарди, и тогаш мислев дека 19 или 20 години во спортот е едноставно премногу. Ф1 ја троши твојата енергија и не сакав целиот живот да го загубам. Но, сега мислењето е поинакво. Имам 26 години и размислувам зошто да не уште 10-тина години. Сакам уште успех и подготвен сум да работам напорно да ги вратам тие денови", вели Алонсо за Дејли Телеграф.
Шпанецот признава дека е исфрустриран што се појавува на трки на кои не може да победи. Тој направи премногу во спортот за да води проект без цел и следната одлука мора да биде правилна. Рено беше сигурно враќање дома, мала утеха по пропаста на "бракот" со Мекларен. Тој не признава дека 2008 е бесцелна година.
"Мојата сегашна позиција можеби им помогна на сите од страна да ме ценат подобро, посебно тоа што успеав да го направам во Ф1. Посебно во Шпанија. Фановите во мојата земја дојдоа свежи во формула 1 со мене и сега мислам дека сфаќаат колку е тешко да се направи резултат. На моменти мислам дека јас сум единствената личност која мисли така. Но, знам дека Шумахер освои две титули со Бенетон, а потоа пет години не победуваше со Ферари. Јас не успеав да победам со Мекларен, а оваа година нема шанси за победа, но тоа се само две години. Следната година би требало да бидам конкурент за титулата. Имам доста време и целта се титулите", вели најмладиот победник на една трка и најмладиот светски шампион.
Постојат сомнежи дали Алонсо би се вратил во еден британски тим (како што е Хонда), но тој вели дека и покрај тешкото време со британските медиуми во "војната" со Хамилтон, нему му се допаѓа земјата и се потсетува убаво на годините кои ги помина во Оксфорд.
"Искуството со Мекларен не ги промени моите чувства за Англија и за луѓето. Ми се допаѓа културата и почитот кој го имаат луѓето. Во Оксфорд немав никакви проблеми, никакви пречки. Луѓето ме познаваа, но не беа нападни и ми се допаѓа тој менталитет. Англичаните се горди на својата земја, и јас сум многу горд на Шпанија. Но, во Англија има денови во кои си тажен поради времето, но ниту во Овиедо не е подобро. Пристигнав таму во формула 3000 на 17 години со англиски инжинер. Не знаев да кажам ниту добро утро", признава Алонсо.
Следните шест недели се клучни за Алонсо бидејќи повеќето тимови ќе ги соопштат тимовите за 2009.
"Ништо нема да се реши до крајот на летото. Тогаш ќе седнам со моите советници и ќе одлучам што е најдобро за мене и за Рено. Има многу работи за размислување и се е можно", вели Алонсо.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|