
|
 |
Спорт / Формула 1
ВО РЕД БУЛ И ВО СЕСТРИНСКИОТ ТОРО РОСО РАЗМИСЛУВААТ ЗА 2009 Сато со нова шанса, Култхард ќе замине предвреме?
Ф1 ветеранот Дејвид Култхард, кој најави дека ќе си замине од спортот на крајот на сезоната, може да го напушти местото во Ред Бул предвреме, велат последните шпекулации. Ова доаѓа во исто време кога јуниорскиот тим на Ред Бул, Торо Росо потврди дека младиот Швајцарец Себастијан Буеми и јапонскиот ветеран Такума Сато ќе тестираат овој месец како дел од програмата за заменување на Себастијан Фетел, кој во 2009 ќе вози во Ред Бул.
Според шпекулациите 37-годишниот Шкотланѓанец ќе го предаде местото на Фетел по трката во Монца во Италија оставајќи празно место покрај Себастиен Бурде во Торо Росо. Потоа тимот кој претходно беше познат како Минарди би можел да го ангажира тинејџерот Буеми, "отпадникот" од непостоечкиот Супер Агури Сато или можеби Бруно Сена во последните четири трки од шампионатот.
Оваа шпекулација, сепак, нема многу смисла ако се гледа шампионатот на конструктори. Фетел беше ѕвезда на трката во Валенсија освојувајќи го шестото место, но неговиот тим е деветти од 10 тима, три поени зад Хонда и шест зад Вилијамс. Ред Бул Рено во исто време е на солидното шесто место во генерален пласман.
САТО ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ДОБИЕ НОВА ШАНСА
Торо Росо ќе тестираат на патеката во јужна Шпанија, Херез, веднаш по Италијанското ГП овој месец. Сато, кој нема место откако Супер Агури престана да постои во мај, ќе тестира на 18 септември, а Буеми еден ден порано. Буеми моментално вози во ГП2 серијата и е резервен возач на Ред Бул Рејсинг.
"Дојде време да се обидеме да најдеме вистинска замена за Фетел. Тестот во Херез ќе ни даде шанси да ги процениме Буеми и Сато во исто време бидејќи двајцата се можни кандидати за 2009", вели шефот на тимот Франц Тост.
Герхард Бергер, ко-сопственикот на Торо Росо покрај милијардерот од Ред Бул, Дитрих Матешиц минатата недела изјави дека идеалната ситуација за тимот ќе биде на еден млад возач покрај еден искусен. Австриецот исто така го предупреди Бурде, четирикратниот Чемп Кар шампион, кој дебитираше оваа сезона, дека мора да направи повеќе.
31-годишниот Сато, најуспешниот и најпопуларен јапонски возач има повеќе од шест сезони искуство во спортот со Џордан, БАР, и Супер Агури, тим кој Хонда го формираше за тој да добие место.
"Ќе биде посебно интересно да се работи со тим кој направи голем прогрес во текот на сезоната", вели Сато.
РЕД БУЛ ВЕЛАТ ДЕКА ПРОБЛЕМИТЕ СЕ ВО ГУМИТЕ
Ред Бул велат дека проблемите со гумите се главниот фактор во слабата форма во последно време, но велат дека на Белгиското ГП в недела ќе бидат во поени. Тимот со мотори на Рено не освои поени во последните четири трки, а со шест трки до крајот се на шестото место во генерален пласман. Рено се 7 пред нив, додека Тојота на четвртото место "бегаат" 17 поени.
"Гумите се најголемиот фактор во моментов. Во последните неколку месеци Тојота успеваат да извлечат максимум од гумите на високи температури. Не се работи за тоа дека нашите ривали одеднаш имаат многу подобри перформанси, туку за тоа како се користат гумите. Сфативме во што е проблемот и ќе се вратиме во вистинска форма во последната третина од првенството", вели шефот на тимот, Кристијан Хорнер.
Ред Бул изгледаа како силни конкуренти за четвртото место оваа сезона откако Австралиецот Марк Вебер освои поени на пет трки по ред од Малезија до Монако, додека Култхард беше трет во Канада. Но, Тојота освои 32 поени во последните шест трки во споредба со 9-те на Ред Бул.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|