
|
 |
Спорт / Формула 1
|
|
ФОРМУЛА 1 ВЛЕГУВА НА НЕПОЗНАТА ТЕРИТОРИЈА Ноќна мешаница во Сингапур
Формула 1 в недела ќе има историска трка со петтото Азиско ГП и уште поважно, првата ноќна трка во спортот. Со прогнози за влажен викенд во Сингапур, трката може да биде многу интересна. Но, да не се залажуваме, не се работи за вистинска трка во темница бидејќи осветлувањето на улиците на азискиот град е навистина фантастично.
Тоа можеби е добро од гледна точка на безбедноста, но како што се виде во Валенсија, втората нова трка во оваа сезона, организаторите можат да направат толку промени со што остануваме со досадна патека. Валенсија беше лош пример, Сингапур, најверојатно, нема да биде толкаво разочарување, но не треба да се очекува дека ќе имаме трка слична на Монако навечер. Со дождот предвиден за викендот возачите ќе мораат да ја научат патеката при лоши услови. Сите ќе се обидат да избегнат удирање во бариерите на тренинг-сесиите и посебно на квалификациите.
Дуелот Луис Хамилтон против Фелипе Маса секако ќе ја одбележи трката, а Маса првпат има предност откако пронајде подобра стратегија во Монца и далеку повеќе самодоверба во Ф2008 болидот. Во Италија немаше монсунски услови, кои може да ги има на Марина патеката.
Ако почне да врне, Хамилтон ќе биде во предност, но тоа е добра вест и за Роберт Кубица во БМВ, кој полека ги пристигнува во генерален пласман. Ако Маса и Хамилтон не успеат да завршат, тогаш Кубица може да биде речиси израмнет со нив ако победи.
Да се надеваме дека условите нема да ги спречат најдобрите да се тркаат. Без разлика на финишот на контроверзиите во Спа, резултатот на казната на стјуардите може да донесе промени. Зошто возачите би ризикувале ако добиваат сериозна казна за претекнување.
Во Монца на пример, Фелипе Маса мораше да го предаде местото на Нико Розберг бидејќи ја искористи втората шикана, иако претекнувањето изгледаше совршено нормално. Тоа значи дека возачите се нервозни и не сакаат да ризикуваат.
Џокер во Сингапур може да биде Себастијан Фетел откако младиот возач на Торо Росо стана најмладиот победник во историјата на Ф1. Ако има дожд, тој може повторно да биде на подиумот. Шансата мора да ја искористи и неговиот несреќен колега Себастиен Бурде, кој во Спа загуби добар пласман во последниот круг, а во Монца беше четврти на стартот, но болидот не му тргна.
Покрај Маса-Хамилтон и Ферари-Мекларен битката, има интересен развој во борбата за четвртото место во генерален пласман меѓу Тојота и Рено. Со скоро изедначени болиди, квалитетите на Фернандо Алонсо се големата предност на Рено. Нелсон Пике има уште неколку шанси да импресионира пред Рено да решат да не му дадат договор за 2009, и на негово место да дојде ГП2 возачот Лукас Ди Граси.
Во Ред Бул мораат да се ослободат од чувството на неуспех од Монца, каде што нивните колеги стигнаа до победа, а добар резултат посебно му е потребен на Марк Вебер. Австралиецот и Ник Хајдфелд ја делат “честа” да бидат најискусните Ф1 возачи кои сè уште немаат победа. Со победата на Фетел во Монца, сега има повеќе ГП возачи кои имаат барем една победа.
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
ВОЗАЧИ
1.Луис Хамилтон (Мекларен) 78
2.Фелипе Маса (Ферари) 77
3.Роберт Кубица (БМВ) 64
4.Кими Раиконен (Ферари) 57
5.Ник Хајдфелд (БМВ) 53
6.Хеики Ковалаинен (Мекларен) 51
7.Фернандо Алонсо (Рено) 28
8.Јарно Трули (Тојота) 26
9.Себастијан Фетел (Торо Росо) 23
10.Марк Вебер (Ред Бул) 20
11.Тимо Глок (Тојота) 15
12.Нелсон Пике Јуниор (Рено) 13
13.Рубенс Баричело (Хонда) 11
14.Нико Розберг (Вилијамс) 9
15.Казуки Накаџима (Вилијамс) 8
16.Дејвид Култхард (Ред Бул) 6
17.Себастиен Бурде (Торо Росо) 4
18.Џенсон Батон (Хонда) 3
КОНСТРУКТОРИ
1.Скудерија Ферари 134
2.Мекларен Мерцедес 129
3.БМВ Заубер 117
4.Тојота Панасоник 41
4.Рено Ф1 41
6.Скудерија Торо Росо Ферари 27
7.Ред Бул Рејсинг Рено 26
8.Вилијамс Ф1 Тојота 17
9.Хонда Ф1 14
-.Форс Индија Ферари 0
-.Супер Агури Хонда 0
Алонсо и Хамилтон најбрзи на тренингот
Фернандо Алонсо направи изненадување на вториот тренинг пред Сингапур ГП совладувајќи го Луис Хамилтон во последните секунди од сесијата. Асот на Рено имаше за 0.098 секунди подобро време од Хамилтон, по што следуваа Фелипе Маса (Ферари), Хеики Ковалаинен (Мекларен) и Нико Розберг (Вилијамс).
Хамилтон беше најбрз во првата сесија под 1.600 рефлектори и во поголемиот дел од втората сесија, поминувајќи го раниот лидер Розберг. Маса имаше неколку “излети” надвор од патеката без штета и на 15 минути пред крајот на сесијата беше побрз од Хамилтон. Марк Вебер од Ред Бул ја имаше честа да биде првиот човек кој излета на Марина Беј патеката уште во петтиот круг од првата сесија. Покрај него во ѕид завршија и Рубенс Баричело во Хонда и Тимо Глок во Тојота.
Возачите се исплашија од дождот?
Силниот дожд на улиците на Сингапур во петокот само го зголеми стравот на формула 1 возачите за безбедноста пред првата ноќна трка. Метеоролозите предвидуваат 50% шанси за дожд во текот на викендот, а можни се и луњи. Проблемот е во комбинацијата на дожд, тркање под рефлектори и непозната улична патека.
“Мислам дека најважното е тоа што не знаеме што ќе се случи ако има силен дожд и како ќе се рефлектира светлото низ водата. Не знаеме многу работи”, вели искусниот Дејвид Култхард од Ред Бул.
Ник Хајдфелд од БМВ исто така е загрижен.
“Би сакал да имавме шанса да тестираме на патеката, посебно на дожд. Дожд со вештачко осветлување е нешто што не знаеме како ќе оди”, вели Хајдфелд.
Во исто време директорот за трки на ФИА и делегат за сигурност Чарли Вајтинг нареди да се направи модификација на 10. шикана на патеката. Повеќе возачи беа загрижени дека на шиканата може да се направи штета на болидот.
“Ако поминуваме често на шиканите, долниот дел од болидот сигурно ќе се оштети”, предупреди поранешниот шампион Фернандо Алонсо.
Хамилтон: “Не сум најдобриот, засега”
Лидерот во генерален пласман, Луис Хамилтон, вели дека не докажал дека е најдобриот возач во формула 1 сè додека на неговиот болид не го има бројот 1, иако признава дека верува дека е најдобриот.
“Јас сум само нормално момче во овој голем бизнис. Имам талент од кога бев многу мал и се работеше за тоа да го исполнам до крај. Знам како да ги земам позитивните работи од лош викенд. Возам со цело срце, и целото семејство е зад мене. Никогаш не сум сакал да кажувам дека сум најдобар во формула 1 бидејќи тоа може да ти се врати како бумеранг. Тоа ќе го докажам кога ќе бидам шампион”, вели Хамилтон.
Ред Бул немаат од што да се срамат
Дејвид Култхард инсистира дека неговиот Ред Бул тим нема од што да се срами откако нивниот јуниорски тим Торо Росо има поголем успех во оваа година. Себастијан Фетел, човекот кој ќе го замени Култхард следната сезона, стигна до победата во Монца во претходната трка.
“Секако дека ние сакаме да сме делот на Ред Бул кој победува, но тие стигнаа пред нас таму. Тоа не е срамно. Пред четири години Ред Бул решија да го преземат Јагуар и целта беше да се освои титулата што е можно побргу. Дел од тој сон е остварен, но само со друг дел од организацијата Ред Бул”, вели Култхард.
Ф1 ФЛЕШ
Во првата ноќна трка во историјата на формула 1 во Сингапур, Ф1 фановите ќе видат и нова иновација. За разлика од останатите трки, овој пат нема да има маршали кои се одговорни за знамињата, туку сигнализацијата ќе се води со електронски систем. Оваа мерка би требало да ја зголеми видливоста во ноќната трка.
Фернандо Алонсо беше иритиран во Сингапур откако новинарите го прашаа за новите шпекулации дека ќе вози за Ферари во 2010. “Не можам да зборувам за тие работи цел ден. Во Монца се велеше дека сум сигурно во БМВ за три години, а два дена подоцна сите зборуваа дека сум во Ферари. Мојот приоритет е Рено. Сега тие треба да докажат дека сè уште се тимот со кој освоив две титули”, вели Шпанецот.
Хеики Ковалаинен инсистира дека не му било советувано да му помогне на колегата од Мекларен, Луис Хамилтон во битката за титулата. “Добро е што тимот не ми дал инструкции за нешто посебно. Затоа јас ќе одлучам во која ситуација ќе помогнам”, вели Финецот. Во Ферари ситуацијата е малку поинаква и самиот претседател на тимот Лука ди Монтеѕемоло и шефот Стефано Доменикали инсистираа дека тимот е на прво место. “Ако тоа значи дека сите ќе работиме Фелипе да е победник, тогаш е така. Нашите возачи нема да имаат проблем бидејќи Ферари секогаш се тркал така”, вели Доменикали.
Дејвид Култхард потврди дека следната година ќе патува на Ф1 трките како член на Ред Бул. По 15-годишна кариера во која имаше 13 победи, 37-годишниот Шкотланѓанец се пензионира на крајот на сезоната, но ќе биде консултант и тест-возач кога тоа е потребно во 2009. “Уживам да бидам тука, како што ќе уживам во Мелбурн следната година, но во поинаква улога. Таков е патот во еден живот”, вели ветеранот.
Инвестирањето во формула 1 сè уште е финансиски исплатливо за владите и покрај огромните суми кои ги бара Берни Еклстоун, вели последното истражување. Извештајот побаран од главниот спонзор на Рено, ИНГ и Формула Мани списанието вели дека сумите сè уште се фантастични. Државите кои организираат Ф1 трки инвестирале 275 милиони è, а добиле поврат од 1.52 милијарди è за локалната економија. Најдобар пример е Бахреин, каде што се вложени 45 милиони è, а се вратени 395 милиони è. Во Монако пак се добиваат 17.1 милиони è за инвестиција од 7 милиони è.
Јарно Трули доби казна од 14.600è откако го возеше својот болид во спротивна насока за да влезе во боксот. Трули се изврте со својата Тојота на последната кривина на првиот тренинг и реши да се врати во боксот место да комплетира уште еден круг. Казната е блага кога ќе се посочи дека на возачите им е “строго забрането” да возат во спротивна насока.
Шефот на БМВ Заубер, Марио Тајзен, ги отфрли тврдењата на производителите кои имаат послаби перформанси поради “замрзнувањето” на развојот на моторите дека треба да им се дозволат модификации. Ова доаѓа откако Флавио Бриаторе од Рено го побара тоа. “Разликата меѓу моторите не е толку голема, така што на ова се дава преголемо значење. Моторот не влијае толку на перформансите”, вели Германецот.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|