
|
 |
Спорт / Формула 1
|
|
Еклстоун: "Ако Сингапур беше циркус, од Ферари ни дадоа кловнови!"
Берни Еклстоун му врати на претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, кој ја нарече уличната патека во Сингапур "вистински циркус". Надежите на Ферари за титулата добија тежок удар во Сингапур откако двајцата возачи не успеаја да освојат поени.
Фелипе Маса, кој ја освои пол-позицијата, заврши како 13. откако поради бизарна грешка во боксот излезе со цревото за гориво на болидот, додека Кими Раиконен излета во последните неколку кругови од трката. Ди Монтеѕемоло беше критичар на патеката и додаде дека формула 1 станува интересна само со излегувањето на безбедносното возило.
"На крајот се тркаме на патеки каде што би било подобро да се одржува циркус бидејќи спектаклот се прави под сигурносното возило. Тоа е засрамувачки за формула 1", вели Монтеѕемоло.
Еклстоун, носителот на комерцијалните права во спортот, не пропушти шанса да врати на ваков коментар.
"Ако претседателот на Ферари е во право дека трката во Сингапур е циркус, тогаш мораме да му благодариме бидејќи тој ни ги обезбеди кловновите. По викендот Ферари и нивниот претседател требаа да молчат и да ги држат главите долу. Ако Маса го загуби шампионатот, тогаш подобро да вратат еден човек со 'лижавче' во боксот. Ако сакав да бидам умен, тогаш ќе направев систем во кој возачот добива зелено светло кога цревото за гориво ќе се одвои. Неверојатно!", коментира Еклстоун.
БЕРНИ СЕ ЧУДИ ЗА КИМИ И СЕ РАДУВА ЗА ФЕТЕЛ
Откако Кими Раиконен самиот призна дека неговите шанси за одбрана на титулата се завршени, Еклстоун вели дека е "екстремно разочаран" од формата на возачот на Ферари.
"Со Кими сум многу разочаран", признава 77-годишниот милијардер.
По сензационалната титула минатата година, 28-годишниот Раиконен се мачи цела сезона и сега има 27 поени помалку од лидерот во генерален пласман, Луис Хамилтон, во Ферари на 3 трки до крајот.
"Кими е фантастичен возач. Мислев дека ја загубил мотивацијата, но тогаш тој потпиша уште две години за Ферари. Тоа е вистинска мистерија", вели Раиконен.
Лани Берни типуваше на Фелипе Маса да ја освои титулата велејќи дека тој е "посилен, побрз и подобар отколку што мислат повеќето луѓе". Сега 27-годишниот Бразилец е вистински конкурент за титулата.
"Морам да признам дека го поддржував Фелипе долго време и му помогав каде можев. Долго време тој е многу потценет возач и дури сега го покажува потенцијалот", вели Еклстоун.
Англичанецот сепак е сигурен во едно нешто - Германецот Себастијан Фетел еден ден ќе стане светски шампион. Возачот на Торо Росо победи на трката во Монца минатиот месец на 21 година со што стана најмладиот возач со победа.
"Се уште се сеќавам кога му ја давав супер-лиценцата и мал совет пред неговата прва трка во Турција. Му кажав да остане смирен и да не се труди повеќе. До крајот на сезоната тој беше фантастичен и сега сум сигурен дека ќе биде шампион еден ден. Тој е млад, умен и пријателски расположен, со што е идеален пример за другите млади возачи кои сакаат во формула 1", завршува Берни.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|