
|
 |
Спорт / Формула 1
|
|
Роси: "Можев да бидам Ф1 ѕвезда!"
Откако ја освои својата петта Мото ГП титула оваа година, Валентино Роси се врати во Маранело за да го вози болидот на Ферари со кој италијанскиот тим стигна до својата шеснаесетта формула 1 титула кај конструкторите на последната трка во Бразил на 2 октомври. Со претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло меѓу присутните, брзината на Роси на патеката во Мугело беше навистина импресивна.
Познатиот број на Роси, 46 беше на носот на Ф2008 болидот на Ферари, а него го гледаа и возачите Фелипе Маса и Кими Раиконен. Италијанецот, кој првпат возеше Ферари Ф1 болид уште во 2003, имаше круг од само 1.5 секунди послаб од најбрзото време на Раиконен на истата патека во истиот болид оваа година. Ова посебно го израдува шефот на тимот на Ферари, Стефано Доменикали.
"Ова беа два дена чиста забава пред тифозите. Но, Валентино покажа дека можеше да биде одличен Ф1 возач, иако избра поинаков пат", вели Доменикали, кој оваа година го замени Жан Тод во Ферари.
Најбрзиот круг на Роси беше 1:22.500, што во споредба на 1:21.070 на Раиконен е навистина импресивно.
"Задоволен сум што добив ваква шанса", изјави Роси.
Досега единствен шампион на две и четири тркала беше уште една ѕвезда на Ферари, Британецот Џон Сартис, кој како четирикратен 500сс шампион дојде во формула 1 и ја освои титулата со Скудерија во 1964 година.
"Докторот" Роси, пак, вели дека можел да биде и добар формула 1 возач, ако се решеше на трансфер пред три години. По првиот тест во 2003, Роси имаше сериозни тестови со Ферари во 2005 и 2006.
"Со многу работа можев да станам многу добар формула 1 возач. Тешко е да се каже дали ќе бев победник или не, но потенцијалот беше тука", вели Роси.
Носејќи ја својата препознатлива кацига, Роси го поддржуваа повеќе од 1.000 фанови и можеше да биде и побрз ако неговите 51 кругови не беа скратени поради дождот. Шансите на Роси за трансфер во формула 1 може повеќе ги нема, но 29-годишната суперѕвезда сериозно зборува за можност за трансфер во рели шампионатот кога ќе "заврши" со Мото ГП.
Италијанецот беше втор на Монца релито кое се одржува на Ф1 патеката, а ќе настапи и на Британското рели, последната станица од Рели ВРЦ шампионатот следниот месец. Дека шампионите се добри и во други дисциплини покажува и Михаел Шумахер кој неколку пати возеше мотоцикли и наводно доби понуда за трансфер во Супербајк ВСБК, како и повеќекратниот рели шампион, Себастиен Леб кој тестираше за Ред Бул Рејсинг во Шпанија оваа недела.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|