
|
 |
Спорт / Формула 1
|
|
Алонсо не си заминува без трета титула
Поранешниот двократен светски шампион Фернандо Алонсо е сигурен дека нема да се пензионира се додека не освои и трета титула.
"Сигурен сум дека нема да си заминам од формула 1 без уште еднаш да станам светски шампион", изјави возачот на Рено за шпанската радио-мрежа Кадена СЕР.
27-годишниот Алонсо ја освои титулата со францускиот тим во 2005 и 2006 година, но лани имаше мизерна сезона во Мекларен, во која се испокара со тимот и со клупскиот колега Луис Хамилтон пред да се врати оваа година во Рено. Проблемите продолжија и оваа сезона со Рено, пред во финишот на сезоната да биде убедливо најдобриот возач со две победи и најмногу поени во вториот дел од сезоната.
Тој потпиша нов двегодишен договор со Рено и се надева дека со Р29 ќе може да се бори за титулата во 2009, но Шпанецот повторно не сакаше да отфрли иднина со најпознатиот формула 1 тим Ферари.
"Брз одговор на тоа прашање нема да биде вистинскиот одговор", вели Алонсо за неговата постојана врска со тимот од Маранело.
Тој ќе се појави на тестирањето во Херез следниот месец, по што ќе почне со работата на болидот за 2009 на крајот на јануари.
"Денеска одам на поставување на седиштето за новиот болид, а за тоа е потребен половина ден", признава Алонсо.
Тој исто така повторно доби шанса да го коментира ривалството со Луис Хамилтон, за кое се смета дека е најлутото во формула 1.
"Не е толку лошо како што се мисли во Англија и во Шпанија. Му честитав кога стана светски шампион, како што направив со Кими минатата година. Му кажав да ужива, тој ми рече благодарам... Тоа е тоа", додава Алонсо.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|