Магијата на Лестер не сопира

Две третини од мечевите во англиската Премиер-лига се одиграа, а ситуацијата на табелата делува помалку чудно. На 13 кола до крајот челните две места на табелата ги заземаат екипи кои досега никогаш не го почувствувале шампионскиот шмек во Премиер-лигата. Изненадувачки, но сосема заслужено екипата на Лестер е лидер, а зад неа е Тотенхем. Низ годините лондонскиот тим секогаш бил веднаш зад фаворитите од „големата четворка“ и се чекаше кога ќе успеат на „Варт Харт Лејн“ да се зборува за титулата. Ако од Тотенхем и можеше да се очекува ваков блесок, тогаш Лестер е клубот кој сигурно не бил во ниедни калкулации дека може да се надева на шампионскиот пехар.
ИМААТ САМО ТРИ ТРОФЕИ ВО ЛИГА КУПОТ

Лестер не само што е изненадување во Англија туку може да се каже дека е најголемото изненадување во цела Европа. Тимот кој е формиран во далечната 1884 година се надева дека ќе ја испише најуспешната страница во клупската историја. Засега тоа е вицешампионската позиција во далечната 1928/29 сезона во тогашната Прва лига, која е на нивото на сегашната Премиер-лига. Освен тоа второ место, клубот четирипати бил и финалист во ФА Купот, но никогаш досега не се израдувал на трофејот. Единствените трофеи ги има во Лига купот, и тоа три на број.

ЛАНИ ОВА ВРЕМЕ БЕА ПОСЛЕДНИ НА ТАБЕЛАТА

Неверојатна е промената во играта и резултатите на Лестер, и тоа за само една година. Минатата сезона по 25 одиграни кола, Лестер беше на дното на табелата со само 17 освоени бода. Тимот беше на пет поени од 17. место, кое е последно што носи опстанок. Тогаш единствен приоритет на играчите, стручниот штаб и навивачите беше како да се опстане во елитата.

Сега по исто толку одиграни мечеви, во таборот на Лестер ситуацијата е сосема поинаква. Тимот е лидер со 53 бода, односно дури 36 повеќе од пред една година. Сега наместо да се зборува за опстанок, сите мечтаат за остварување на еден неверојатен сон, а тоа е одвојување на титулата.

ОСВОИЛЕ 75 ОД МОЖНИТЕ 102 ПОЕНИ

Промената на Лестер се случи на девет кола пред крајот на минатата сезона. Тогаш тимот реши да направи сè за да се спаси од испаѓање. Заигра многу подобро и неверојатно за екипа која се бореше со опстанок победи седум пати во девет средби. Таму каде што застанаа на крајот од минатата сезона, Лестер продолжи и во овие неколку месеци. Победи на 15 од досегашните 25 средби. Според пресметките, Лестер освои 75 од можните 102 поени во последните 34 натпревари.

ВО 2008 ГОДИНА БЕА ВО ТРЕТАТА ЛИГА

Во 132-годишната историја на Лестер тимот само осум сезони играл во елитата, пред да се вратат во Премиер-лигата во 2014 година. Интересно е што во 2008 година, популарните „лисици“ беа паднати во третата лига во Англија.

Во 2010 година се појави милијардерот Вичаи Шривадханапраб, кој стана спонзор. Стадионот го доби името „Кинг Пауер“, кој им е и главен спонзор на дресовите.

ВО ЕКОНОМСКИОТ БУМ, ТИМОТ НЕ ТРОШЕШЕ ПАРИ

Екипите од Премиер-лигата со години се најголеми трошаџии за купување нови играчи. Во економскиот бум и „лудилото“ за трошење пари, Лестер не се вклучи. Според трошењето пари, тие се најдоа на 14. место. Дојдоа играчи како што се Оказаки, Канте, Дринквотер, Морган... Тука беа и Варди, Марез и Шмајхел, како и неколку играчи од Втора лига.

Колку за споредба тимот на Лестер, кој во саботата играше на гостувањето кај Манчестер Сити и победи со 3:1, чини 10 пати помалку од составот на „граѓаните“.

НАЈДОБРИ НА ГОСТУВАЊАТА

Една од причините поради кои се лидери во Премиер-лигата е одличната игра на гостински терен. Лестер досега освои 28 бода на мечевите надвор од својот стадион. Има осум победи и од Топ 5 лигите само Пари Сен Жермен кој доминира во Франција е со подобар биланс.

Лестер има многу едноставен начин на игра. Тимот се фокусира на одбрана и напаѓа преку контри. Затоа според статистиката имаат само 40 отсто посед на топката, што ги прави трети најслаби во оваа категорија. Лестер игра едноставно и без многу додавања. Сезонава имаат само 8.404 додавања и се претпоследни според статистиката.

ЕФИКАСНОСТА ИМ Е ГЛАВНО ОРУЖЈЕ

Иако немаат посед на топка, немаат многу додавања и немаат доминација на игралиштето, сепак, тие се најефикасниот тим сезонава. Досега вкупно 47 пати ја треселе противничката мрежа, што значи дека погодуваат 1,9 пати по натпревар. Освен опасниот офанзивен дел, тие се одлични и во одбраната. На последните седум меча примиле само два гола. На шега тренерот Клаудио Раниери им рекол дека за секој меч на кој нема да примат гол италијанскиот стратег ќе ги почести пица.

ДУРИ 38 ГОДИНИ НЕМАЛО ДЕБИТАНТ ШАМПИОН

Во елитната англиска лига речиси четири децении немало тим кој за првпат ќе се израдува на шампионскиот пехар. Последен пат на дебитантски трофеј се израдувал тимот на Нотингем Форест во 1978 година. Од таа година до сега секогаш на тронот бил клуб, кој и претходно има освојувано титула.

РАНИЕРИ ЈА НАЈДЕ „ТАЈНАТА ФОРМУЛА“

Сезонава на клупата на тимот седна Италијанецот Раниери. Тој дојде во Лестер, откако доби отказ во репрезентацијата на Грција, каде имаше очаен резултат. Со Грците, во квалификациите за Европското првенство во Франција, неверојатно, но двапати загуби од Фарски Острови.

И покрај тој лош биланс, премиерлигашот имаше доверба во Раниери и го назначи за менаџер. Италијанецот ја воведе неговата стандардна формација 4-4-2, со тоа што тој бара многу трчање од сите играчи. „Ние сме како Форест Гамп. Не можеме да сопреме да трчаме“, вели Раниери. Канте и Дринквотер се играчите кои се задолжени за деструкција на противничките напади.

ВАРДИ И МАРЕЗ СЕ КАКО МАШИНИ

Иако во тимот нема голема ѕвезда, Лестер сами си создадоа играчи кои блеснаа и станаа глави во Англија. Тоа се Џејми Варди и Ријад Марез. Варди нема милост кон противничките мрежи и досега даде 18 погодоци, што го прави најдобар стрелец во лигата. Даваше голови на 11 средби по ред и со тоа го надмина рекордот на Руд ван Нистелрој. Репрезентативецот ќе се обиде да стане прв Англичанец што бил најдобар стрелец во последните 16 години.

Ако Варди е задолжен за погодоци, Марез подеднакво е добар и во реализација и во асистенции. Алжирецот е единствен кој има „дабл-дабл“. Досега има 14 погодоци и 10 асистенции. Во Топ 5 лигите со „дабл-дабл“ единствено е само уште Инсигне од Наполи, кој има по 10 погодоци и додавања.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
- Што е тоа мало црвено, по малку бело?
- Мравка со нога во гипс.

webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Меѓународен ден на спомениците на...
1797.- Роден е францускиот државник и историчар...
1820.- Роден е австрискиот композитор и диригент...
1882.- Во Лондон е роден Леополд Стоковски,...