Спорт / Фудбал
Катанец вообичаено без експерименти Со повратниците Петров и Васоски, но и дебитантот Тофиловски, а без повредениот Шумуликоски, нашиот селектор ќе го очекува дуелот со Полјаците на 26 мај
 Македонскиот селектор Среќко Катанец со вообичаените "сили", без промени во играчкиот состав, ќе ги реализира еднонеделните мајски подготовки во Германија, пред пријателскиот натпревар со селекцијата на Полска на 26 мај во Ројтлинген.
Вкупно 20 фудбалери се повикани на списокот на Словенецот меѓу кои повратниците Александар Васоски и Роберт Петров, кои поради повреди подолг период отсуствуваа од репрезентативните активности. Единствен дебитант е голманот на младата репрезентација и прилепска Победа, Дарко Тофилоски.
"Периодот е многу деликатен, меѓутоа мора да истакнам дека се повикани фудбалери на кои ќе сметам и за квалификацискиот циклус за пласман на СП 2010 кој почнува во септември. Сепак, списокот за никого не е затворен. Некои играчи не играат, некои не играле за своите клубови изминатиов период, меѓутоа, сепак, се повикани", вели за интернет страницата на ФФМ, Катанец, притоа дополнувајќи околу индивидуалните решенија.
"Го повикав младиот Тофиловски, кој има одлични предиспозиции да се наметне со што би ја зголемил конкуренцијата за голманската позиција. Од стандардните, поради повреда не е повикан Шумуликоски, а Роберт Петров е тука затоа што и покрај тоа што не играл ја сериозно сметам. И Седлоски и Наумоски подолг период немаат натпревари во првенството на Австрија кое заврши, но се надевам дека се во добра физичка кондиција".
Вообичано, можеби веќе не изненадувачки, на списокот на Катанец ги нема отпишаните Јане Николоски (АПОЕЛ), Аце Митрески (Келн), Роберт Попов (Оксер), Гоце Толески (Славија Прага)...
За селекторот собирот е важна подготовка за тоа што не очекува од септември.
"Целта на оваа акција е пред се да бидеме заедно. Да им кажам што очекувам од септември, што да работат додека одмараат, а што за време на подготовките", вели Катанец на кого не го интересира селекцијата на Полска во овој момент и нивната игра, иако е јасно дека е повеќе од квалитетна репрезентација штом учествува на претстојното ЕП.
"Мене ме интересира нашиот тим, нашата игра и очекувам добра проверка", вели македонскиот селектор.
СОСТАВОТ ЗА ПОЛСКА
ГОЛМАНИ
1. Петар Милошевски Енозис (Кип)
2. Дарко Тофиловски Победа
ОДБРАНА
3. Гоце Седлоски Матерсбург (Авс)
4. Игор Митрески Енерџи К (Гер)
5. Владе Лазаревски Металист (Укр)
6. Горан Попов Левадијакос (Грц)
7. Николче Новески Мајнц (Гер)
8. Александар Васоски Ајнтрахт Ф (Гер)
9. Роберт Петров ЦСКА (Буг)
10. Бобан Грнчаров Гент (Бел)
СРЕДЕН РЕД
11. Влатко Гроздановски Војводина (Срб)
12. Дарко Тасевски Левски (Буг)
13. Артим Положани Динамо Т (Алб)
14. Ванчо Трајанов Черноморец (Буг)
15. Славчо Георгиевски Чеијанг Личенг (Кина)
НАПАД
16. Горан Пандев Лацио (Ита)
17. Аце Стојков Дебрецин (Унг)
18. Горан Мазнов Томск (Рус)
19. Илчо Наумоски Матерсбург (Авс)
20. Стевица Ристиќ Чонбук (Ј. Кор)
|