
|
 |
Спорт / Фудбал
Кулминација на прекрасната сезона
Веројатно никој пред почетокот на ова првенство во Премиер-лигата не можеше да претпостави дека шампионот ќе се одлучува буквално во последното коло. Такво нешто не се навестуваше ниту на половина од сезоната, но и оние што беа смели да прогнозираат неизвесен финиш, во главна улога ги сместуваа Арсенал и Манчестер Јунајтед, кои до февруари беа убедливо на првите две позиции, далеку пред Челзи. Но, Арсенал во меѓувреме испадна од конкуренција, а "сините" во ниеден момент не се предадоа, си ја работеа својата работа и на три кола пред крајот на сезоната се израмнија со Јунајтед по бројот на бодовите. Со оглед на тоа што во ова коло играат на домашен терен против Болтон, како и формата во финишот од сезоната, фудбалерите на Челзи можеби имаат и повеќе шанси на крајот да излезат како шампиони, но Јунајтед гостува на еден од потпросечните тимови во Лигата, Виган и никој не ни помислува дека може да направи "кикс" кој ќе го чини загуба на лани освоената титула.
Една од најважните работи кои ги спојуваат Манчестер Јунајтед и Виган, а менаџерот на "сино-белите", Стив Брус, кој е една од играчките легенди на "ѓаволите" со освоени три шампионски титули во дресот на тимот од Олд Трафорд и многумина се сомневаат дека тој со задоволство би го фаворизирал својот поранешен клуб. Од тие причини Брус е во центарот на вниманието на англиската фудбалска јавност во последната недела иако според ефектот во досегашниот дел од сезоната таму би требало да бидат Кристијано Роналдо и Дидие Дрогба. Интересот што го привлекува Брус е уште поголем заради фактот што пред еден месец токму Виган му откина исклучително важни два бода на Челзи на Стемфорд Бриџ со гол на Емил Хески во последните моменти од мечот, а менаџерот на "сино-белите" тогаш јавно изјави дека се надева оти Јунајтед ќе го искористи тоа и на крајот ќе ја освои титулата. Брус во меѓувреме се обиде да ги негира ваквите тврдења, но јасно е дека што и да се случи тој ќе биде под огромен притисок во последното коло од Премиер-лигата, особено поради тоа што на деветте дуели против својот поранешен клуб, сите со Бирмингем, ниеднаш не успеал да оствари победа.
"Сите тие најави дека ќе му пуштиме на Јунајтед се обични глупости", изјави сопственикот на Виган, Дејвид Вилан, кој се стави во одбрана на менаџерот на неговиот тим. Во случај да го победи Јунајтед, Виган би можел да заврши на 12. позиција на табелата и со тоа да заработи два милиони фунти повеќе од Премиер-лигата отколку ако загуби и се пласира на 15. место.
И во такви услови фудбалерите на двата тима се фокусирани на она што ги очекува в недела на дуелите со нивните противници. Во случај Манчестер Јунајтед да го победи Виган сигурно ќе биде шампион на Англија, без разлика на резултатот на Стемфорд Бриџ, бидејќи има подобра гол-разлика во однос на Челзи. Дека Јунајтед е огромен фаворит за триумф на овој натпревар зборува и податокот дека во трите сезони откако Виган игра во Премиер-лигата актуелниот англиски првак победи на сите пет пресметки, плус една во финалето од Карлинг-купот пред две години и притоа постигна 20 гола, а прими само три. Поради сето ова, никој не може да стави дамка на евентуалната победа на Манчестер, дури и таа да биде извојувана на потежок начин, што е разбирливо со оглед на големиот притисок што го носи овој меч.
"Не знам зошто во овој период сите се насочени кон нас и Виган, а никој не зборува ништо за Болтон. Фудбалерите на овој тим слават веќе цела недела, не тренираат доволно и со тоа само ја потценуваат борбата за шампионската титула. Единствената работа што ми дава оптимизам дека Болтон совесно ќе си ја заврши работата се тренерите на оваа екипа кои се меѓу најголемите професионалци во Премиер-лигата", изјави Алекс Фергусон дополнително подгревајќи ја атмосферата пред последното коло. За дуелот со Виган, тој нема да може да смета на својот напаѓач Вејн Руни, кој се уште не е доволно заздравен и тој преферира да го чува за финалето од Лигата на шампионите каде конкурент повторно ќе биде Челзи.
Во Челзи ситуацијата е далеку помирна. Со оглед на развојот на настаните во текот на целото првенство и фактот дека утре ништо нема да зависи од нив, фудбалерите на Аврам Грант се свесни дека нема што да загубат, а може да бидат најголемите добитници од турбулентната сезона во која успеаја да обезбедат и пласман во Лигата на шампионите. Сите играчи се здрави и подготвени да го дадат својот максимум, а единствено што бараат е фер-однос од Виган.
"Повеќе од 30 години го следам англискиот фудбал и најважната работа што ја научив е дека никогаш никој не може да биде сигурен што ќе се случи до самиот крај. Затоа, ние сме растоварени, излегуваме против Болтон да играме и да ја завршиме нашата работа, па што ќе биде нека биде", е вчерашниот коментар на Аврам Грант.
Болтон не е апсолутно сигурен дека ќе обезбеди опстанок иако ја има предноста во однос на конкурентите, но е еден од најнезгодните противници на Челзи на Стемфорд Бриџ со оглед на тоа што на последните четири гостувања оствари една победа и двапати одигра нерешено.
Покрај борбата за титулата, в недела во Премиер-лигата треба да бидат решени уште две дилеми: кои две екипи покрај Дерби ќе испаднат во Чемпионшип и кој ќе биде последниот претставник во Купот на УЕФА.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|