среда, 14.05.2008

  IDIVIDI Мени
Спорт / Фудбал

КУП НА УЕФА - ФИНАЛЕ
Зенит триумфираше во Купот на УЕФА

И пред крајот на оваа сезона, рускиот првак Зенит останува најпријатното изненадување во европскиот фудбал. До пред извесно време анонимниот руски клуб е новиот освојувач на Купот на УЕФА за 2008 година и тоа е убедливо најголемиот успех во историјата на овој клуб кој постои повеќе од осум децении. Откако поголемиот дел од работата го заврши во претходните фази од најмасовното европско натпреварување со елиминацијата на Баерн, Виљареал и Олимпик Марсеј, Зенит вчера требаше само да го потврди својот квалитет и тоа против екипата која до големото финале стигна благодарение на исклучително неатрактивна игра уште од почетокот на сезоната.

И Русите повторно не потфрлија. Доминираа во поголемиот дел од теренот, поседот во нивна корист беше 56:44, а кон противничкиот гол упатија дури 19 удари за разлика од осумте на Ренџерс. Дека Зенит ќе го диктира темпото на игра, а Шкотите ќе се бранат беше евидентно уште од почетокот на мечот. Аршавин диригираше со својот тим кој од минута во минута стануваше се поопасен по голот на Александер. Се заканија уште Жирјанов и Тимошчук, но Ренџерс успеа првото полувреме да го заврши без голови и да ја продолжи надежта дека оваа сезона ќе има богата жетва на трофеи.

Сепак, она што навистина вреди да се истакне од овој натпревар се случуваше во второто полувреме. Ренџерс малку се ослободи од големиот притисок на рускиот тим, но токму тука Зенит ја искористи шансата. Откако го намачи противникот, водечкиот гол Русите го постигнаа во вистинско време, на 18 минути пред крајот. Иницијатор на водството повторно беше Аршавин кој со долга топка го проигра Игор Денисов, а овој откако излезе сам пред Александер немаше проблеми да го совлада за голема радост кај руските навивачи на Градскиот стадион во Манчестер. Волтер Смит се обиде со три измени за осум минути да го промени темпото на игра кај својот тим, но освен неколку спорадични обиди, Малафеев немаше никакви проблеми. Место израмнување, во четвртата минута од судиското продолжение Зенит стави точка на прекрасната евро-сезона. Аршавин се проби низ одбраната на противничкиот тим, стигна до гол-аут линијата и место да го проигра Теке кој чекаше топка пред голот, додаде до Жирјанов кој само ја заби топката во мрежата на Александер.

За три сезони, ова е втор триумф на еден руски клуб во Купот на УЕФА откако во 2005 година до трофејот стигна ЦСКА Москва. Зенит е еден од најбогатите клубови не само во Русија, туку и во Европа, спонзориран од нафтената компанија Газпром и откако пред неколку месеци ја освои титулата во домашното првенство, идната сезона ќе го гледаме во Лигата на шампионите каде е јасно дека има што да покаже.

ЗЕНИТ - РЕНЏЕРС 2:0
Стрелци: Денисов 78', Жирјанов 90+4' (З)
Манчестер. - Градски стадион. Главен судија: Петер Фројдфелт (Шведска)
Жолти картони: Малафеев (З)
ЗЕНИТ: Малафеев, Анјуков, Широков, Крижанац, Ширл, Денисов, Тимошчук, Жирјанов, Аршавин, Теке, Фажулин (90' - Ким).
РЕНЏЕРС: Александер, Витекер (86' - Бојд), Вир, Папац (77' - Ново), Куељар, Дејвис, Хемдани (80' - МекКалок), Бродфут, Томсон, Фергусон, Даршевил.

Лажна тревога за фудбалерите на Зенит

Фудбалерите на Зенит биле евакуирани од своите соби во хотелот во Манчестер минатата ноќ поради лажна тревога за пожар. Тоа се случило околу полноќ во вторникот кон среда кога сите играчи веќе се подготвувале за спиење.
Подоцна било откриено дека трикот го направиле навивачите на Ренџерс кои сакале да ги вознемират фудбалерите на рускиот тим пред синоќешното финале. Тука голема вина има и раководството на Зенит бидејќи не е допустливо во истиот хотел со фудбалери да има и навивачи, особено не на противничкиот тим.




Наjновo од Спорт
Зенит триумфираше во Купот на УЕФА
Детроит во финалето на источната конференција
Вардар не доби лиценца за Европа
Тодорчев жртва за "наместен" меч!!!
Покер - "романтичари" заминуваат во јуни
Робињо во Реал до 2014 година ?
Хјуит може да ги пропушти и Ролан Гарос и Вимблдон
Малдини: Би можел да играм уште една сезона
Опасниот Зенит Vs. трпеливиот Глазгов Р.
Интер нуди 32 милиони евра за Ето
Ристовски не играше поради повреда
Пандев заврши со Лацио!?
  IDIVIDI Сервиси
Multibox
Мое видео
Chat
Фото
MAXarena
Webmail
Кој е кој
Download
E-cards
Форум
Games
Именик
Огласи
Речник
Лига на шампиони ’07
Апел за помош
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
WEBmail
user:
pass:
Логирање на Web пошта
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
A1 телевизија
IDIVIDI™, Copyright Македонски Телеком - 2004
преземи