
|
 |
Спорт / Фудбал
Политичари во копачки!
Во својата 60-годишна историја најтрофејниот македонски клуб само двапати, и тоа во последните три години, бил изневерен од сопствените фудбалери кои одбиле да настапат на првенствен натпревар. Првиот на 30 ноември 2005 година, и овој вториот на 11 мај 2008 година крунисан со дебаклот од 9:1 на гостувањето во Куманово.
И, ако фудбалерите од оној "првиот срам" веднаш следниот ден се извинија за непромислениот потег избегнувајќи ги притоа драстичните казни, актуелните вардарови фудбалери вчера дополнително и пред медиумите само го продлабочија срамот на својот непрофесионален акт кој му нанесе штета само на името - Вардар, и на ниту еден поединец, без разлика колку тие мислеле дека не е така.
Јасно е дека фудбалскиот професионализам нема сентименталност, а фудбалерите живееат единствено од игрите на зелениот терен, па за финансиските исполнувања нема разговор. Јасно е дека фудбалерите се најмалку виновни за актуелната ситуација во клубот, меѓутоа вчера стана јасно и дека 14-те "вардарци" не водат социјална битка, но длабоко навлегле во она за што се најмалку повикани - политиката на клубот. Вчера стана јасно дека "штрајкувачите" се уште не разбрале што значи чинот на откажување настап за клубот на само две кола до крајот на првенството, и по само десет дена доцнење со исплатата.
А, зачудувачки во своето соопштение фудбалерите најмалку се осврнуваат на своите финансиски проблеми. Се впуштаат во коментирање на некакви поделби по национална основа, "миленици и роднини на раководство", констатации дека на некои фудбалери никој не им објаснил зошто се преселени на клупа... Притоа заборавајќи дека во ниту еден друг клуб нема да добијат такво јавно објаснување, но наш Вардар согласно својата катастрофална организациска поставеност изминатите години толку ниско го спуштил нивото на однесување или критериумите на поделба на права и обврски, што во него секој има секакво право. Нејасно е зошто фудбалерите колегијално и во минатото не констатирале за некои "роднинско-раководствени врски", или не реагирале зошто на сред сезона Емурлаху и Тонев се испраќаат на позајмица во Шкендија?
Премногу нејаснотии, а многу малку одговори на новинарските прашања дадоа вчера вардаровите фудбалери уште еднаш не успевајќи да се убедат ни самите себе дека исправно постапиле со бојкотот на тимот. Немаше одговор на прашањето ако нивната вистинска цел била само финансиската исплата, дали со чинот на нетренирање и неиграње за својот клуб ја исполнија целта? Немаше одговор ако се револтирани поради тоа што на сред сезона настана смената на управата тврдејќи дека тоа можело да се направи по завршувањето, во што и би се согласиле, зошто според истите принципи немаа трпение уште само десетина дена па и тие да ги реализираат своите барања по крајот на првенството? Немаа одговор како мислат натаму да ја вратат довербата на навивачите, без разлика кој натаму ќе го води клубот, кога така лесно го "фрлија" црвено-црниот дрес?
Затоа што чинот на неиграње е удар само на Вардар. Историјата ќе ги заборави сите спонзори и челници на тимот од "Градски". Ќе ги заборави и Брацо, Боро, Шехтански... но никогаш нема да го заборави срамниот пораз од 9:1!
А, историјата ќе запамети и дека во неделата, на "браникот" на Вардар, ни виновни ни должни, пред провакот машки застанаа 16-17 годишни момчиња, Никола Ангелковски, Петар Стефановски, Иван Ковачевски, Дарко Стојанов, Александар Крстиќ, Трајче Стојковски, Ниметуља Ајдари, Марко Костенцовски... И изгубија... Но изгубија за некогаш во иднина сигурно да добијат! Смешно е поединци од нив или од ентузијастите Дојчиновски, Сетинов, Џипунов да бараат одговорност и оставки во моментите кога само застанаа во одбрана на честа на својот клуб. Лесно е сите од стручниот штаб сега да заминат, но зарем реални се размислувањата дека тие ќе загубат нешто?
Но, тоа е нашиот Вардар. Работнички К е веројатно шампион затоа што таму стопанственици - раководат, навивачи - навиваат, фудбалери - играат, за разлика од најтрофејниот македонски клуб каде навивачи - раководат, фудбалери - креираат политика, а никој не игра.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|