
|
 |
Спорт / Фудбал
"Планет М" изненадени од пресвртот во Вардар
Од адвокатската канцеларија, застапник на компанијата "Планет М Лимитед 2" која првично согласно својата понуда беше потенцирана како најсериозен кандидат за финансиското преземање на најтрофејниот македонски клуб, се револтирани и изненадени од пресвртот на односите со, како што велат, крајно несериозното актуелно раководство на Вардар претставено преку навивачите.
Само ден по информациите дека фамилијата Костовски, односно компанијата "Кометал" се поизвесно ќе биде новиот финансиер на "црвено-црните", Сашо Тасевски, адвокатскиот застапник на "Планет М", потенцира дека тие, и покрај се, се уште ги очекуваат најавените официјални разговори со членовите на Собранието на Вардар.
"За нас е изненадувачки еден таков однос на членовите на моменталното раководство на клубот кои очигледно не се заинтересирани искрено да му се помогне на Вардар", вели Тасевски, притоа дополнувајќи:
"Зачудувачки е како секој ден има огромна промена на состојбите. Ние како застапници на еден од најмоќните спортски финансиери Мишо Поповиќ крајно сериозно пристапивме на конкурсот за избор на нов финансиер со искрена намера Вардар повторно да се врати на шампионските патеки. Ние бевме максимално сериозни, со отворени понуди за влог од повеќе од 6.000.000 евра и плус дополнителни вложувања и финансиски и во играчкиот кадар, но од другата страна не наидуваме на истиот однос".
Тасевски истакнува дека по изјавите во неколку медиуми на вд претседателот на Вардар, Ванчо Шехтански, дека од конкурсот е избрана токму нивната понуда по само неколку денови настанал пресврт.
"Пред само неколку денови и ние слушнавме дека сега Трифун Костовски е најсериозниот кандидат за нов финансиер. Откако Шехтански пред една недела истакна дека е избрана нашата понуда, потоа сите активности замреа. Ние не добивме никаква покана за натамошни разговори која ете се уште ја очекуваме. Немаме никаков контакт. Крајно несериозно. Мислам дека некои се исплашија кога и самите ги видоа сериозните намери и финансиската моќ на Мишо Поповиќ да го воздигне Вардар, и тука настана промената на насоката на трансформацијата на клубот. Како и да е, ние се уште го очекуваме официјалното известување од Вардар дали се прифаќа или не нашата понуда, затоа што такво нешто се уште немаме", вели Тасевски.
Како што е познато од "Планет М Лимитед 2" на Конкурсот испратија официјална понуда за вложувања од 6.300.000 евра во следните четири години, плус изградба на две помошни игралишта, медицинска установа за потребите на младинските школи и мини хотел за потребите на првиот тим.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|