
|
 |
Спорт / Фудбал
Германија ја оправда фаворитската улога
Репрезентацијата на Германија покажа зошто пред почетокот на ова Европско првенство беше прогласена за најголем фаворит за освојување на шампионската титула. Во првиот натпревар на овој шампионат, трикратниот континентален првак убедливо го надигра својот лут ривал Полска и на крајот можеше да слави многу поубедлива победа од конечните 2:0. Со оглед на триумфот на Хрватска против Австрија, на Германија сега и треба уште една победа во следните две кола за да се пласира во четвртфиналето, но со ваква игра тешко дека некој ќе успее да ги запре.
Ударната оска на Германците на вчерашниот натпревар беше Балак-Клосе-Подолски. Фудбалерот на Челзи можеби не го одигра својот најдобар натпревар во кариерата, но повторно се покажа како лидер на својот тим и ја имаше целосната контрола на средината од теренот. Клосе, како и секогаш подреден на екипата, а егзекуцијата му беше оставена на неговиот соиграч од Баерн, Лукас Подолски. Токму последните двајца имаат полски корени, но учествуваа при постигнувањето на првиот гол за Германија на дуелот против Полска. Полјаците можат да се жалат на помошниот судија бидејќи Мирослав Клосе беше во офсајд кога ја прими топката, но откако немаше реакција од арбитрите, тргна сам кон противничкиот шеснаесетник, го забележа осамениот Подолски, а на овој не му беше тешко да ја погоди празната противничка мрежа. Полска се закани само неколку минути подоцна кога Лобоѕински имаше прекрасна шанса да го израмни резултатот, но Леман го одбрани неговиот удар.
Во второто полувреме, селекторот на Полска, Лео Бенхакер се обиде со натурализираниот Гереиро да ја пробие германската одбрана, но тоа не даде резултат иако неговите фудбалери имаа неколку шанси. Токму Гереиро во 59. минута можеше и да израмни, но во последен момент Мецелдер го спаси својот гол. Десетина минути подоцна и Балак имаше добра можност, меѓутоа овојпат се истакна Боруч на спротивната страна. Најубавиот момент на натпреварот се случи во 70. минута. Голански направи катастрофална грешка, Клосе во обид да упати удар ја промаши топката, но несакајќи му ја намести на Подолски кој од десетина метри со прекрасен шут го погоди горниот десен агол од голот на Боруч. Последната можност Полска да се врати во игра ја имаше Сагановски на пет минути пред крајот, но повторно Леман ги истакна своите квалитети.
ЗАНИМЛИВОСТИ ЗА НАТПРЕВАРОТ
*Германија ја прекина серијата од осум натпревари без победа на Европските првенства која датира од дуелот против Хрватска 1996 година иако тогаш Германците ја освоија титулата.
*Полска не успеа да стане првиот дебитант по Германија во 1972 година што победила на првиот натпревар на Европските првенства.
*Лукас Подолски не ги прослави двата постигнати гола бидејќи, како што рече се уште чувствува емоции за својата татковина. Тој е роден во Полска, но неговите родители се преселиле во Германија кога имал само две години.
*Лукаш Пишчек, кој во второто полувреме го замени Лобоѕински минатата недела беше на одмор кога селекторот Лео Бенхакер го повика на местото на повредениот Јакуб Блашчиковски.
*Во отсуство на Дејвид Хили кој со Северна Ирска не обезбеди пласман на Европското првенство и повредениот хрватски репрезентативец Едуардо, Еузебиуш Смоларек е најефикасниот фудбалер од квалификациите што настапува во Австрија и Швајцарија со девет постигнати гола.
*Полска нема победа против Германија на последните 15 меѓусебни дуели.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|