
|
 |
Спорт / Фудбал
Интересни случки од ЕУРО 2008
13.500 евра за четири билети за финалето
Еден германски навивач на интернетска аукција на страницата И-Беј откупил четири влезници за финалето на Европското првенство кое ќе се одигра на стадионот "Ернст Хапел" во Виена и за нив одвои 13,500 евра. Во УЕФА истакнаа дека воопшто не се задоволни со тоа.
"Не сакаме некој за влезници да плаќа цена дури седум пати повисока од нејзината реална вредност. Не сакаме да има црн пазар, а се плашиме дека би можеле да имаме и фалсификување на влезници, изјави портпаролот на УЕФА, Волфганг Ајхлер, кој наведе и дека европското фудбалско тело би можело да повлече потези со кои би се блокирала можноста од користењето на тие влезници.
Марика однесен во болница
Романскиот напаѓач Чипријан Марика вчера беше пренесен во болница, откако за време на тренингот со неговата селекција доживеа повреда на главата, по еден судир со соиграчот Мариуш Никулае.
Марика не настапи на понеделничкиот меч на Романците против Франција, а прашање е дали ќе биде оспособен за дуелот кој во петок го играат против Италија.
Чешката одбрана комуницира на италијански
Дефанзивниот квартет на чешката репрезентација, за време на натпреварот со Швајцарија комуницирал на италијански јазик. Сите четворица од последната линија на составот на Брикнер настапуваат во италијанското калчо и како Што и самите велат, по долгата сезона на Апенините, полесно им било да се разбираат на италијански јазик. Станува збор за Томаш Ујфалуши кој настапува за Фиорентина, Марек Јанкуловски кој игра за Милан, Зденек Григера од Јувентус и Давид Розенал од Лацио.
"Во Италија сме десет месеци годишно и некако ни стана нормално да разговараме на тој јазик, изјави Ујфалуши.
Модриќ пропушти тренинг
Најдобриот хрватски фудбалер, Лука Модриќ го пропушти вчерашниот тренинг за својата селекција, бидејќи поради превентивни причини остана во хотелот, откако доживеа истегнување на десната тетива. Сепак, не би требало да има проблеми Модриќ да биде фит за мечот од второто коло на групата Б, кој Хрватска во четврток го игра против Германија.
Доживотно бесплатно пиво за австриски стрелец
Виенската пивара му вети бесплатно пиво до крајот на животот на било кој австриски фудбалер кој на преостанатите мечеви од групата Б ќе успее да го пронајде патот до противничката мрежа. Австрија играше добро на првиот меч со Хрватска, а сега преостанува против Полска и Германија да постигне некој гол и по можност да освои некој бод.
"Се надеваме дека нашето ветување ќе претставува мотивација и ќе и овозможи на нашата репрезентација да биде што е можно поуспешна во преостанатите натпревари, изјави Зиги Менц, генерален директор на пиварата Отакрингер.
Полското државјанство на Подолски би можело да биде одземено ?
Откако Лукас Подолски постигна два гола за Германија против неговата родна земја, еден од полските пратеници истакна дека би требало да им се одземе полското државјанство на сите полски фудбалери кои настапуваат за други репрезентации, а поседуваат двоен пасош. Пратеникот Мирослав Орзеховски му порача на полскиот претседател да размисли за вакво нешто, иако според Уставот на оваа земја, државјанството се одзема само по лично барање. Воедно, тој додаде дека ова би се однесувало само на спортисти, а не на политички или економски емигранти. Според Орзеховски, фактот што еден спортист се решава да земе друго државјанство, значи дека тој се изјаснува дека не сака полско државјанство и тоа е доволна причина тоа да му се одземе.
Лев изненаден, Сколари лут од правилото за офсајд
Германскиот селектор Јоаким Лев изјави дека немал поим и бил изненаден од интерпретацијата на правилото за офсајд при првиот гол на холандската репрезентација во мечот со Италија.
"Јас лично не знаев ништо за тоа и бев изненаден кога чув дека така се интерпретирало правилото. Играчите и тренерите разговараа меѓу себе, сите бевме зачудени што да правиме во таква ситуација. Знаевме дека фудбалер не може намерно да го напушти теренот за да избегне да биде во офсајд, но кога е повреден, тоа е нешто сосема поинакво, вели Лев.
Покрај Лев, со своја реакција за спорниот гол на Холандија се јави и португалскиот селектор Луис Фелипе Сколари.
"Јас тотално не се согласувам со ова правило, но никој не ме слуша мене. Интерпретацијата ја врши судијата кој е на теренот, а јас слободно можам да кажам дека кога јас би бил на тоа место, јас би досудил офсајд, бидејќи играчот немаше намера да го напушти игралиштето. Но, во оваа прилика, морам да кажам дека Руд е навистина многу интелигентен фудбалер, што успеа да капитализира една таква ситуација", вели Сколари.
|
|
|
 |
|
![]() |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|