Спорт / Фудбал
МОМЦИТЕ НА СКОЛАРИ ОДИГРАА УШТЕ ЕДЕН ИМПРЕСИВЕН Португалија прва во четврт-финалето
ЧЕШКА - ПОРТУГАЛИЈА 1:3 (1:1)
Стрелци: Сионко 17' (Ч) - Деко 8', Роналдо 63', Кварезма 90' (П) Стадион: Стад д'Женев во Женева. Гледачи: 30.000 Главен судија: Кирос Васарас од Грција Жолти картони: Полак (Ч) - Босингва (П)
ЧЕШКА
1. Чех 2. Григера 21. Ујфалуши 22. Розенал 6. Јанкуловски 4. Галашек (73' - 9. Колер) 7. Сионко 17. Матејовски (68' - 11. Влчек) 3. Полак 20. Плашил (85' - 14. Јаролим) 15. Барош
ПОРТУГАЛИЈА
1. Рикардо 4. Босингва 15. Пепе 16. Карваљо 2. Фереира 8. Петит 10. Жоао Мутињо (74' - 5. Меира) 7. Роналдо 20. Деко 11. Симао (80' - 17. Кварезма) 21. Нуњо Гомес (80' - 9. Алмеида)

По убедливата игра и триумфот против Турција во првото коло, Португалија речиси го обезбеди првото место во групата “А” откако вчера го совлада најголемиот конкурент Чешка со 3:1. Уште еднаш момците на Луис Фелипе Сколари одиграа извонредно, во целиот тек на натпреварот ја имаа контролата на теренот и сосема заслужено стигнаа до нови три бода. Чешка исто така се претстави во солидно издание, но за разлика од дуелот со Швајцарија сега ја немаше среќата на своја страна, па на крајот заслужено загуби.
Можеби се ќе беше поинаку ако чешкиот селектор Карел Брикнер не одлучеше да направи неколку замени во стартниот состав за разлика од првиот меч. Шанса во почетната постава доби Барош на местото на Колер, како и Плашил и Матејовски, а на клупата во сите 90 минути остана стрелецот на единствениот гол од првиот меч вацлав Сверкош. За разлика од Чешка, Сколари го изведе истиот состав кој ја победи Турција и сите фудбалери уште еднаш потврдија дека се меѓу најголемите кандидати за шампионската титула.
Со оглед на важноста на бодовите од овој меч, никој не очекуваше дека двете репрезентации ќе почнат отворено. Но, се случи токму тоа, па по 17 минути игра резултатот веќе беше 1:1. Прво Деко искористи една грешка на противничката одбрана и ја доведе Португалија во водство, а потоа најнискиот играч во чешката селекција Либор Сионко излезе најснаодлив по еден корнер од десната страна и со глава израмни. Со тој резултат се отиде на пауза, а второто полувреме почна речиси исто како првото. Чешка ги имаше првите две шанси преку Сионко и Ујфалуши, но откако не успеа да ги искористи, стигна казната на другата страна. Деко се проби по десната страна, го проигра Роналдо, а “седумката” на Португалија со прецизен удар по земја на десната страна од голот на Чех повторно ја доведе во водство својата селекција. Чешка веќе немаше што да брани, тргна во напад со сите сили, во игра влезе и Колер, но освен една шанса, не се случи ништо драматично. Беше оставен голем простор на својата половина, па по една загубена топка, Португалците изведоа брза контра, Роналдо го проигра осамениот Кварезма, а фудбалерот на Порто ја затресе празната мрежа за убедлива победа на својата репрезентација.
ИГРАЧ НА НАТПРЕВАРОТ:
ДЕКО (Португалија)
Фудбалерот на Барселона и пред првенството си посака добри настапи во Австрија и Швајцарија со што би ги избришал лошите сеќавања од ужасната сезона во каталонскиот клуб. И во првиот натпревар против Турција имаше голем придонес во победата на својата репрезентација, но вчера беше најдобар. Го постигна првиот гол и асистираше при вториот на Роналдо со што комплетно го засени фудбалерот на Манчестер Јунајтед кој исто така имаше уште асистенција.
ЗАНИМЛИВОСТИ ЗА НАТПРЕВАРОТ:
*Со победата над Чешка, Португалија ја продолжи серијата без пораз која сега изнесува 13 натпревари и е втора најдолга во историјата на оваа селекција. Последниот пораз, Португалците го претрпеа на 11 октомври 2006 година од Полска во квалификациски меч.
*Португалија и натаму нема пенал во своја корист на Европските првенства. Вчерашниот натпревар беше 20. без казнен удар што е најдолга серија во историјата на шампионатите.
*Португалија по втор пат на ова Европско првенство успеа да постигне гол во судиското продолжение.
*Чешка го претрпе првиот пораз по осум натпревари од кои ги доби последните шест.
|