Спорт / Фудбал
ПО ПРЕГОВОРИТЕ НА ДИРЕКТОРИТЕ НА ДВАТА КЛУБА Мансини пред потпис со Интер
По вчерашните успешни преговори со Рома, Интер е многу блиску до договор со бразилскиот интернационалец Амантино Мансини. Во последните месеци поранешниот фудбалер на Венеција многу пати истакна дека сака да го напушти Олимпико, а капак на сè беше одбивањето да го продолжи договорот со Рома по релативно слабата сезона на личен план.
Новиот тренер на Интер, Хозе Мурињо, уште од своето доаѓање истакна дека би сакал да ангажира уште еден фудбалер со офанзивни карактеристики, па за таа цел вчера на преговори се сретнале спортските директори на двата клуба Марко Бранка и Даниеле Праде. Со оглед на тоа што трансферот на Алберто Аквилани уште од старт беше блокиран, клубот од главниот град се согласи да го продаде Мансини за околу 18 милиони евра.
Парите што Рома ќе ги добие за својот фудбалер, најверојатно, ќе бидат искористени за ангажман на фудбалерот на Удинезе, Антонио ди Натале иако Интер најавува дека ќе се обиде да ја намали сумата со тоа што во Рома ќе го испрати дефанзивецот Марко Андреоли, кој е во ко-сопственост на двата клуба. Неофицијално, Мансини со миланскиот клуб ќе потпише четиригодишен договор за годишна плата од 4,5 милиони евра.
|