Спорт / Фудбал
ИГРАЧОТ НА ВАЛЕНДИЈА Е ХЕРОЈОТ НА ШПАНЦИТЕ ПО ПРВОТО КОЛО Виља: Третиот гол за Торес

Давид Виља е првиот шпански репрезентативец кој постигнал хет-трик на едно Европско првенство. Пред него, три гола на еден меч на големо натпреварување реализирал само Мичел на Мундијалот во Италија 1990, а оттогаш ниту еден Шпанец не постигнал хет-трик на официјален меч. Сето тоа зборува што направил Виља во вторникот кога буквално сам ја “потопи” селекцијата на Русија. Свесен е и дека имаше помош од соиграчите, особено од Торес, но фудбалерот на Валенсија е јунакот на шпанската фудбалска јавност во последните два дена. Само на дуелот против Русија, Виља постигна повеќе голови отколку шпанската репрезентација на трите меча од минатото Европско првенство (2).
“Многу простор во весниците во последно време беше потрошен за расправите дека јас и Торес нема да се согласуваме во нападот. Сега е јасно дека тоа било беспредметно. Затоа, третиот гол му го посветив нему и откако го постигнав истрчав кон клупата да му го кажам тоа бидејќи тој беше најзаслужен за првите два погодоци”, рече Виља.
Играчот на Валенсија е осми фудбалер во историјата на Европските првенства со хет-трик, а само Мишел Платини успеал да го направи тоа два пати во својата кариера, и двата на ЕУРО 1984. Последен кој успеал да даде три гола на еден меч на континенталните шампионати е Патрик Клајверт на дуелот меѓу Холандија и СЦГ во 2000 година.
СИТЕ ХЕТ-ТРИКА ВО ИСТОРИЈАТА НА ЕП:
1. Дитер Милер Германија 1976 против Југославија 4:2 2. Клаус Алофс Германија 1980 против Холандија 3:2 3. Мишел Платини Франција 1984 против Белгија 5:0 4. Мишел Платини Франција 1984 против Југославија 3:2 5. Марко ван Бастен Холандија 1988 против Англија 3:1 6. Серџо Консеисао Португалија 2000 против Германија 3:0 7. Патрик Клајверт Холандија 2000 против Југославија 6:1 8. Давид Виља Шпанија 2008 против Русија 4:1
Плауц не ја даде топката за сувенир
Обичај е на големите натпреварувања стрелецот на хет-трик да ја земе топката со која се играл натпреварот како сувенир. Таква намера имаше и Давид Виља, но главниот судија на мечот Конрад Плауц од Австрија не му дозволи такво нешто, туку фудбалот го понесе со себе во соблекувалната.
Шпанецот повеќе од една минута го преколнуваше да му ја препушти бидејќи тоа му е прв хет-трик во репрезентативниот дрес, но крутиот Австриец сепак остана на своето правдајќи се дека такво нешто не му дозволуваат правилата на ФИФА и УЕФА.
|