Спорт / Фудбал
ИЗВОНРЕДНИТЕ “ЛАЛИЊА” ВО ЧЕТВРТФИНАЛЕТО Холандија го демолираше и светскиот вицешампион
ГРУПА Ц
ХОЛАНДИЈА - ФРАНЦИЈА 4:1 (1:0)
Стрелци: Кујт 9', Ван Перси 59', Робен 71', Снајдер 90' - Анри 70'
Стадион: Стад Д Суис во Берн. Гледачи: 32.000. Главен судија: Херберт Фандел од Германија
Жолти картони: Ојер (Холандија), Макелеле, Тулалан (Франција)
ХОЛАНДИЈА:
1. Ван Дер Сар 2. Ојер 5. Ван Бронкхорст 4. Матијсен 21. Булахруз 8. Енгелар (46' - 11. Робен) 10. Снајдер 17. Де Јонг 21. Ван Дер Варт (78' - 14. Боума) 9. Ван Нистелрој 18. Кајт (55' - 7. Ван Перси)
ФРАНЦИЈА:
23. Купе 15. Турам 5. Галас 19. Сањол 13. Евра 20. Тулалан 6. Макелеле 7. Малуда (60' - 18. Гоми) 22. Рибери 10. Гову (75' - 8. Анелка) 12. Анри

Холандската репрезентација е третата селекција која и математички го обезбеди четвртфиналниот пласман на 13. Европско првенство, откако им испорача четири”парчиња” на светските вицешампиони, комплетирајќи ја доминацијата над финалистите од последниот Мундијал . “Лалињата” со својот втор триумф во “групата на смртта” го обезбедија првото место и на последниот меч од групата со Романија можат да си дозволат тактизирање, па дури и самите да влијаат на тоа кој тим ќе биде второпласиран.
Извонредниот состав на Ван Бастен ја совлада Франција со 4:1, а поведе во 9. минута, кога Кујт со глава по изведен корнер го совлада францускиот голман. Фудбалерите во портокалов дрес имаа поголем посед на топката во првиот дел, а “триколорите” се закануваа со шутеви од далечина, но Едвин Ван дер Сар на речиси перфектен начин ги скротуваше сите опасни шутови кон неговата мрежа.
На стартот на вториот дел, Французите бараа пенал кога топката го погоди Ојер во рака, а најзрелата шанса ја пропуштија во 52. минута, кога Тјери Анри излезе сам, очи в очи со Ван дер Сар, но се реши да лобува и топката го префрли голот.
Казната стигна од резервистите Робен и Ван Перси во 59. минута, кога Ван Нистелрој на феноменален начин го проигра фудбалерот на Реал кој дебитираше на ова ЕУРО на стартот на вториот дел, а неговиот центаршут од левата страна го егзекутираше Ван Перси, кој пак влезе во игра само неколку минути претходно.
Франција намали со голот на Анри во 70. минута, но само што тргнаа од центарот, холандските фудбалери дојдоа до својот трет погодок, а стрелец на маестрален начин беше Арјен Робен, со генијален шут со левата нога од десетина метри откосо од голот на Купе. Круна на извонредната игра и ревијата прекрасни потези од холандските велејмајстори, пристигна на неколку моменти пред последниот свиреж на главниот судија, кога Весли Снајдер со извонреден шут од свртување постигна извонреден погодок, за него втор на ова ЕП.
ЗАНИМЛИВОСТИ:
*Голот на Робин ван Перси беше јубилеен 50-ти за Холандија на континенталните самити, со што се убедливо најефикасната нација во историјата на ЕП.
*Лилијан Турам го одигра својот 16-ти, а холандскиот голман Едвин Ван дер Сар својот 15-ти натпревар на европските првенства, со што се на првите две места во антологијата на овие турнири.
* Селекторот на “лалињата”, Марко Ван Бастен е во обид да стане вториот човек во историјата што триумфирал и како фудбалер и селектор, по Германецот Берти Фогтс, кој славеше во 1972 кога воопшто не заигра за Германија и како селектор во 1996 година. Ван Бастен беше најдобар стрелец во 1988 година кога Холандија славеше.
*Холандија стигнуваше до полуфиналето на четири од претходните пет ЕП.
*Холандија има 13 победи на последните пет ЕП, дури три повеќе од Португалија и Франција, двете селекции кои се второ и третопласирани на таа листа.
ИГРАЧ НА МЕЧОТ:
ЕДВИН ВАН ДЕР САР (Холандија)
37-годишниот ветеран уште еднаш потврди зошто ќе остане запаметен како еден од најдобрите голмани во историјата на европскиот фудбал. 197-сантиметри високиот Ван дер Сар беше главната причина зошто Французите не можеа да ја крунисаат својата добра игра со повеќе од еден погодок.
|