Спорт / Фудбал
РЕЈМОН ДОМЕНЕШ ГОЛЕМ ПЕСИМИСТ ЗА ШАНСИТЕ НА ФРАНЦИЈА Првенството за нас е завршено!

Иако непосредно по мечот со Холандија и поразот од 4:1 изјави дека Французите се уште се имаат во своите раце, селекторот на “триколорите”, Рејмон Доменеш, вчера веќе ја изгуби сета надеж за пласман во четврт-финалето.
“Во петокот мислев дека уште имаме шанси, денеска веќе не верувам. Холанѓаните сигурно нема да се штедат против Романија, ќе трчаат нормално, но дефинитивно нема да вложат толку енергија како во првите две кола. Сега се чини дека Романците по две нерешени натпревари ќе победат и ќе поминат во четврт-финалето. Искрено, морам да бидам огромен оптимист за да се надевам на поинаков расплет”, изјави вчера Доменеш.
Во француските медиуми веќе почна притисокот за смена на актуелниот селектор, но човекот кој ги одведе “триколорите” во финалето од последниот Мундијал не размислува за такво нешто.
“Холанѓаните ни очитаа вистинска фудбалска лекција и за тоа можам само да им честитам. Но, јас не размислувам за мојата иднина, всушност, тоа и не е моја грижа. Јас треба да направам тактика за играта против Италијанците и да покажеме барем нешто на овој турнир. Тоа ми е многу поважно во моментов отколку некоја далечна иднина”, додаде францускиот селектор.
Парискиот спортски весник Л'екип во саботното издание излезе со наслов: “Сега можеме само да се молиме”.
|