
|
 |
Спорт / Фудбал
“Аѕурите” повторно на среќен начин ја поминаа групата Тоа е Италија!
Светскиот првак повторно се провлече, благодарение на победата против Франција од 2:0, но уште повеќе со поразот на Романија од Холандија, “аѕурите” стигнаа до четвртфиналето на Европското првенство и повторно ќе се борат за титула на големо натпреварување. Постарите љубители на фудбалот ќе се сетат дека ова не е првпат во историјата Италија на ваков начин да ја минува фазата по групи, но многупати во минатото стигнувала до трофеи на Европските и Светските првенства откако претходно ќе се намачат во првиот круг. Последен во низата примери е Мундијалот во Германија пред две години кога дури во третото коло од групата против Чешка оствари победа, потоа со судиска помош ја совлада Австралија во осминафиналето, за до крајот на шампионатот во многу подобра игра да “паднат” уште Украина, Германија и Франција за четврта светска титула во историјата на оваа репрезентација. И третата титула, освоен во 1982 година беше освоена стигна на сличен начин. Групата беше едвај помината, но до крајот Италија помина без никаков проблем совладувајќи ја во финалето фаворизираната Германија со 3:1. Но, за разлика од тогаш, јасно е дека сега Италија на своја страна ги нема судиите. Дури, може да се каже дека беа против нив на дуелите со Холандија и Романија кога им беше поништен еден регуларен гол и примија погодок од Ван Нистелрој од сомнителна ситуација. Сето тоа им се врати во натпреварот со Франција, целата среќа комплетно беше на страната на момците на Донадони откако во десеттата минута се повреди Рибери, а во 24. Абидал доби црвен картон.

Гореспоменатата среќа не се однесува и на континенталните шампионати. Ова Европско првенство е трето во последните четири на кои Италија зависеше од резултатите на ривалите, но првпат & се сложија “коцките”. На шампионатот во Англија 1996 година доживеаја пораз од Чешка во второто коло и и требаше победа над Германија во последното коло. Но, Ѕола утна пенал и конечниот резултат беше 0:0, а Чешка и Русија одиграа 3:3 откако Русите имаа предност до 89. минута кога Шмицер го постигна израмнувачкиот гол за елиминација на Италија. Вториот ваков случај беше пред четири години кога Данска и Шведска очекувано одиграа 2:2, па голот на Касано во 89. минута за победа над Бугарија од 2:1 немаше никакво значење.

“Не мислам дека ова е најубавиот момент во мојата кариера, но сигурно задоволството е големо. Морам да признаам дека имавме многу среќа на овој натпревар, повредата на Рибери, исклучувањето на Абидал и голот на Де Роси, но мислам дека ја заслуживме. Воопшто не мислевме на дуелот меѓу Романија и Холандија оставивме работите да одат како што треба. Го повторувам она што го кажував во последните шест месеци: ова Европско првенство е најдобра можност за младите фудбалери да се подготват за следниот Мундијал”, изјави италијанскиот селектор, Роберто Донадони.
Со неговата констатација се согласи и Лука Тони, кој во исто време се пожали на лошата среќа со неговата ефикасност.
“Не знам што ми е, но не можам да го погодам голот. Неколкупати излегов сам и шутирав непрецизно. Но, добро е што другите се ефикасни”, рече Тони, кој, сепак, го изнуди пеналот за својата репрезентација по што и Абидал доби црвен картон.
Во четвртфиналето Италија ќе се сретне со Шпанија, која е една од репрезентациите што најмногу покажаа на ова првенство.
ЛЕГЕНДА:
Не може да им се забележи на борбеноста - италијанските фудбалери слават
ЛЕГЕНДА:
Поздрав од Италијанците за француските навивачи
ЛЕГЕНДА:
Лидер на новата генерација на “аѕурите” - Де Роси во дуел со Макелеле
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|