
|
 |
Спорт / Фудбал
РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ НА ГАНА И НИГЕРИЈА ЌЕ ГИ ОСВЕЖУВААТ РЕДОВИТЕ НА НАЈТРОФЕЈНИОТ МАКЕДОНСКИ КЛУБ Иди Баба од Гана во нападот на Вардар!
Покрај ангажманот на 26-годишниот Ганец поранешен член на Ахен и Макаби Тел Авив, и младинскиот репрезентативец на Нигерија, Метју Ифеани ќе биде на проба меѓу “црвено-црните”
Поранешниот младински репрезентативец на Гана, Иди Баба треба да биде новото освежување во напаѓачките редови на најтрофејниот македонски клуб на патот кон остварувањето на новите шампионски амбиции. Покрај Иди Баба “вардарците”, кои од вчера се наоѓаат на подготовки на Златибор, наредниве денови треба да добијат уште еден фудбалер од африканскиот континент, младинскиот репрезентативец на Нигерија, Метју Ифеани.
“И двајцата фудбалери од Гана, односно Нигерија до крајот на месецов очекуваме да се приклучат на подготовките на тимот на Златибор. Се работи за фудбалери кои играат во нападот, односно средниот ред”, ни ја потврди вчера информацијата за новите ангажмани и Дејан Чекаров од раководството на Вардар.
Според најавите, 26-годишниот напаѓач Иди Баба сосема извесно, согласно препораките и сопственото фудбалско минато, треба веднаш да биде ангажиран во редовите на “црвено-црните”. Се работи за офанзивец кој бил член на младинската репрезентација на Гана, а во својата кариера претходно на европскиот континент настапувал и за германскиот второлигаш Алеманија Ахен, но и за еден од најдобрите израелски клубови, Макаби Тел Авив.
Иди Баба во периодот од 2000 до 2003 година кога го носел дресот на Алеманија Ахен на вкупно 67 официјални натпревари постигнал 38 погодоци за својот тим. Од 2003 до 2005 година е член на Макаби Тел Авив, а потоа по малезискиот Перак се враќа во својата земја од каде, пак, сега се наоѓа пред трансфер во нашиот најтрофеен клуб.
За разлика од Иди Баба, 20-годишниот Нигериец Метју Ифеани, кој игра во средниот ред, е без позначајно клупско искуство, меѓутоа сепак и податокот што е член на младинската репрезентација на Нигерија веројатно укажува на извесните фудбалски квалитети. Ифеани, сепак, по приклучувањето на подготовките на Вардар ќе мине извесен период со црвено-црниот состав пред да следи и официјалниот потпис за негов ангажман во претстојната сезона.
По преземањето на Вардар од страна на групацијата “Гофи”, односно Трифун и Коста Костовски, двајцата африкански фудбалери Иди Баба и Метју Ифеани треба да бидат новите засилувања на тимот од “Градски” по веќе реализираните трансфери на Тони Мегленски и репрезентативецот Артим Положани.
В.Булатовиќ
|
|
| Квалитетно засилување во нападот - Иди Баба | | И двајцата ќе се приклучат на Златибор
И двете новонајавени засилување на “црвено-црните”, Ганецот Иди Баба и Нигериецот Метју Ифеани на подготовките на тимот на Златибор треба да се приклучат до крајот на оваа недела.
Од вчера Вардар предводен од шефот на стручниот штаб Ратко Достаниќ веќе ги реализира подготовките на Златибор каде е планирано одигрување на три пријателски натпревари, со ОФК Београд (28 јуни), Будуќност и Зета. На Златибор отпатуваа вкупно 24 фудбалери, од кои 17 од минатогодишниот состав на шампионот Работнички К, пет од досегашниот состав на Вардар и новите имиња Тони Мегленски и Артим Положани.
КЛУБОТ И НАТАМУ ЌЕ СМЕТА НА СВОИТЕ НАДЕЖИ КОИ ЌЕ БИДАТ ОТСТАПЕНИ ВО РАБОТНИЧКИ
Младите “вардарци” на “калење”
Од новото раководство на Вардар потенцираат дека и натаму ќе сметаат на своите млади фудбалери кои го понесоа комплетниот товар во последните три кола од минатогодишниот шампионат, откако првотимците се одлучија да ги бојкотираат официјалните натпревари, при што со единствена цел добивање што поголема минутажа ќе бидат понудени за отстапница во Работнички или во некој друг клуб од домашната Прва лига.
“Подготвен е список на сите млади фудбалери кои ќе имаат разговори за отстапување во Работнички. Доколку не се најде заеднички јазик со Работнички, околу финансии или било што друго, тогаш ќе следи позајмица во некој друг клуб, се со цел да имаат што поголема минутажа а ќе бидат под наше будно око”, велат од раководството на Вардар.
Иван Ковачевски, Дарко Стојанов, Трајче Стојковски, Петар Стефановски, Марко Костенцовски, Мартин Јанушев, Ниметуља Ајдари заедно со Ангелковски, Крстиќ, Стојановски понесоа огромна тежина изминатите два месеци во одбрана на црвено-црниот дрес, оставајќи печат дека сепак се работи за фудбалери на кои мора да се смета во иднина. И минатогодишните првотимци Борче Ристовски, Филип Спасески, Пеце Коруновски, според најавите ќе бидат позајмени на Работнички.
Од 16 јули во Охрид
По враќањето од Златибор на 5 јули, фудбалерите на Вардар од 16. до 26 јули ќе реализираат уште едни подготовки надвор од Скопје, овој пат во нашиот најголем туристички центар Охрид.
Неопходноста од нови подготовки надвор од главниот град доаѓа откако во моментите на трансформација “црвено-црните” сепак малку порано го почнаа тренажниот процес за новата сезона.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|