
|
 |
Спорт / Фудбал
ТУРЦИЈА НЕ УСПЕА ДА СЕ НАДМИНЕ УШТЕ ЕДНАШ И ДА У СЕ ИСПРЕЧИ НА ГЕРМАНИЈА НА ПАТОТ ДО ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ Германците им покажаа како се игра до 90. минута!
Едно време англискиот фудбалски репрезентативец Гери Линекер рече “Фудбалот е проста игра. Играат 11 фудбалери против 11 други, а на крај секогаш победуваат Германците...”
Овој пат Германија успеа да им покаже на жилавите турски репрезентативци како се игра до 90. минута. Победувајќи на минута пред крајот и обезбедувајќи си прво евро-финале по пауза од 12 години.
 Германија е прв финалист на ЕП 2008. По голема фудбалска драма на “Ст Јакоб Парк” во Базел, “панцирите” ја враќаат сликата за 1996 година и нивното шампионско однесување во Англија. Ако пред 12 години успеаја на пенали да ја минат Англија, овој пат во претпознатлив стил успеаја да го решат полуфиналето во последната минута од регуларните 90 на натпреварот. Сега останува само финалната пресметка, па “Елф” да се врати на европскиот престол. Автор на победничкиот гол на Германија беше дефанзивецот Филип Лам, кој само неколку минути откако направи грешка по која Турција израмни на 2:2, успеа да ја поправи грешката и со еден прекрасен погодок да го трасира патот на својата селекција кон големото финале. Германците и на овој меч покажаа типична германска волја за игра и желба за успех. Во ниту еден момент не потценувајќи го противникот и не дозволувајќи му премногу да ја користи топката пред противничкиот шеснаесетник.
Многумина во своите коментари по мечот рекоа дека Турција, сепак, беше подобриот тим на средбата.
“Германија беше надиграна во сите елементи од фудбалската игра. Германците имаа голема среќа. Тие покажаа типичен германски дух и затоа победија. Турците оставија силен впечаток, особено по досега одлично завршените минати две средби. Фудбалерите на Фатих Терим ја натераа цела Европа за нив да зборува со голема решителност”, напишаа руските весници, кои многу повеќе внимание му даваат на дуелот на нивната репрезентација, не заборавајќи дека Германците, сепак, остануваат најголемиот фаворит за освојување на европското злато.
За разлика од европските медиуми, кои им даваат предност во играта на Турците, германските се задоволни од момчињата на Лев, кои се потрудија да го реализираат потцртаниот план и да & овозможат на германската нација радост по повторниот пласман во завршницата на едно големо натпреварување. Весникот “Билд” во коментарот за средбата напиша:

“Истовремено, ова е толку чудесно, но беше и толку ужасно. Фантастично е како нашите момчиња постојано се враќаа во игра и се бореа за секоја топка, за секој напад. Головите за 1:0 и 2:2 беа вратени за само неколку минути. С$ беше како во сон. Неверојатно беше како Лам погоди во последната минута. Господи! Ни отидоа нервите. Со ваква борба и морал ќе станеме шампиони. Момчиња, го посакуваме шампионскиот пехар”.
И останатите германски весници не криеја зборови за да го опишат задоволството кое им го приредија нивните миленици. Весникот “Кикер” истакна дека Лам е човекот херој на Германија. Иако имавме слабо претставување, сепак, отидовме во финалето, вели коментаторот на “Кикер”.
И останатите медиуми споменуваат дека ова беше можеби најслабиот меч на Германија на ова ЕП, послаб и од оној во кој загубија од Хрватска. Иако сите очекуваа продолженија, Германија се избори за решение во регуларниот дел. Овој пат, сметаат медиумите во Германија, конечно, среќата ги напушти Турците, кои овој пат немаа можност во завршните моменти да се изборат за нова европска сензација.
Турците ги остварија своите соништа. Иако не успеаја да се најдат во финалето, сепак, Терим и неговата војска успеа да стигне во големата евро-четворка. Ова е голем (најголем) успех на турскиот репрезентативен фудбал. Најавија дека оваа земја и на следните настапи на големите натпреварувања ќе биде голем тим. Тим за успеси. Пред Германија е и последниот чекор до престолот. Останува да се подготви за последната битка, овој пат на мегдан во Виена.
ПО ПОРАЗОТ ОД ГЕРМАНИЈА
Рушту најави повлекување, Терим го предомислуваат
Голманот на турската фудбалска репрезентација, Рушти Речбер, најави дека ја завршува својата кариера во националниот дрес. На средбата со Германија Рушту го доигра својот 118. меч за Турција, но за негова несреќа заминува во пензија по пораз и елиминација на неговата земја на ова европско првенство.
“Ја завршувам својата кариера во националната селекција, во која настапував со гордост и срце цели 14 години. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ме поддржуваа и ми помогнаа. Се гордеам со момчињата од мојата селекција, знам дека и во иднина можат да постигнат многу”, изјави Рушту.
За разлика од него, Терим иако најави дека по поразот од Германија си заминува од кормилото на турската селекција, сепак, претседателот на Федерацијата, Доган, најави дека ќе го премислува. Тој веќе му закажал состанок со играчите и со членовите на Федерацијата на кој ќе разговараат за негово останување на кормилото на селекцијата. Терим најави дека сака следната сезона да седне на клупата на некој европски тим.
Турскиот претседател горд на репрезентативците
“Можеме да бидеме горди и задоволни од начинот на кој нашата земја се претстави на ова европско првенство. И покрај тоа што отпаднавме од натамошните натпревари, Турција играше видна улога на овој шампионат”, изјавил турскиот претседател Абдулах Ѓул за националната телевизија.
Тој го следеше полуфиналето во Базел од свечената ложа заедно со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на УЕФА, Мишел Платини.
Германците палеа дуќани и турски знамиња
Група германски момчиња на возраст околу 18 години запалиле два дуќани во градот Дрезден веднаш по победата на Германија од 3:2 над селекцијата на Турција. Двајца работници биле повредени.
Други 20 до 30 фанови на бундестимот во саксинската област, пак, запалиле неколку турски знамиња. Во градот Кемниц полицијата морала да се појави на улиците со зголемени сили за да ги запре евентуалните инциденти во напнатата атмосфера меѓу навивачите на двете репрезентации. Шестмина полицајци биле повредени, а неколку автомобили на полицијата се искршени.
Во Базел се собраа над 100.000 фанови на двата тима. Полицијата не јави за сериозни нарушувања на јавниот ред, освен 21 уапсен навивач во обид да предизвикаат инциденти пред стадионот. Деветмина се примени во болница поради нарушено здравје.
ИЗЈАВИ ПО МЕЧОТ :
Оливер Бироф (спортски директор на Германија):
“Бевме многу напнати и под голем притисок, но покажавме силни нерви. Успеавме да се вратиме по лошиот старт и дури да дојдеме до победа на крајот на средбата. Се гледа дека шест дена одмор на се одразуваат добро на екипата. Се губи ритамот. Во финалето мора да играме подобро, ако сакаме да победиме”.
Гокхан Зан (Турција):
“Тоа беше еден од нашите најдобри натпревари под раководство на Фатих Терим. Покажавме пред цела Европа што можеме и покрај сите проблеми кои ги имавме на играчки план. Немавме среќа на крајот”.
Торстен Фрингс (Германија):
“Играта денеска не ни одговараше, но, сепак, успеавме да ги искористиме нашите шанси. На најдобар начин се пласиравме во финалето. Ми реков на селекторот Лев дека ако има потреба од мене да ме стави во игра. Му благодарам и на господ затоа што издржав и јас и моите соиграчи”.
Бастијан Швајнштајгер (Германија):
Ова беше исклучително напнат меч. И времето беше доста непријатно. Требаше многу да трчаме, затоа што Турците ја држеа топката во своите нозе. Многу се заморивме, но успеавме. Успеавме да ги победиме на нивен начин. Не ми е јасно, сепак, зошто толку тешко игравме”.
Сених Шентурк (Турција):
“За жал, загубивме во меч во кој ние го имавме главниот збор. Имавме и повеќе време да ја држиме топката и да смислиме уште некоја шанса. Овој пат загубивме на начинот на кој ние победувме на послендиот меч. Многу сум несреќен”.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|