
|
 |
Спорт / Фудбал
КОНЕЧНО ВЧЕРА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РАБОТНИЧКИ, ДРАГАН ПОПОВСКИ, ГО ПОТПИША ДОГОВОРОТ СО ХОЛАНЃАНИТЕ “Practical Solutions” е новиот спонзор
Станува збор за фирма од Амстердам која е основана во далечната 1897 година, претставникот на таа фирма, г. Сандер Милер, е лицето кое го стави потписот на засега едногодишниот договор. Инаку, “Працтицал Солутионс” има тесни врски со Ајакс
”Секако дека сум задоволен што конечно успеавме да го потпишеме овој историски договор. Холанѓаните ќе спонзорираат и управуваат со Работнички”, изјави Поповски
Готово е. Од вчера шампионот и официјално доби нов спонзор. Тоа е холандската фирма “Practical Solutions” од Амстердам. Основана е во далечната 1987 година, прво била печатница а во меѓувреме бизисот го проширува и “е вмешана” во повеќе стопански гранки. Главна е консалтингот и инвестирањето. Значи конечно Македонија добива и директна странска инвестиција во фудбалот, во спортот воопшто.
Договорот, како што беше најавено, е потпишан вчера од страна на претседателот на Работнички, Драган Поповски, и претставникот на холандската фирма, г. Сандер Милер. Прво стои дека договорот е во траење од една година со назнака дека ако двете страни се задоволни соработката ќе потрае уште подолго. По ова не се остварија најавите на некои злобници дека сето ова е “приказна за мали деца” и дека всушност Слободан Вујчиќ - Брацо или УФА Медија (во меѓувреме екс спонзорот на Вардар се пресели во Победа) е тој што стои во заднина во целата оваа “операција”.
Кога сме кај Холанѓаните да кажеме и тоа дека оваа фирма и тоа како има големи врски со големиот, фудбалскиот гигант Ајакс. Имено, еден од “газдите” на фирмата (за жал името не успеавме да го дознаеме) е во раководството на повеќекратниот холандски и европски шампион. Поточно тој бил главен за односи со јавноста во клубот од Амстердам.
За детали од договорот говори претседателот на шампионот, Драган Поповски.
“Со големо олеснување можам да кажам дека конечно го потпишавме тој фамозен и историски договор. Секако дека сум задоволен од сето ова. За деталите нема што премногу да се коментира. Засега договорот важи една година, но јас сум убеден дека Холанѓаните ќе останат уште долго, долго кај нас. Со овој договор Холанѓаните ќе спонзорираат, но воедно и ќе управуваат со клубот. Ќе се спонзорира во сите сегменти во клубот, а акцент ќе биде ставен на работата со младинските категории. Се надевам, очекувам, поточно сигурен сум дека сите заедно ќе работиме европски за доброто на Работнички, брендот “Работнички” како трикратен шампион уште повеќе да го подигнеме на уште повисоко ниво”, ни изјави Поповски.
З. Ѓоршоски
*** Што добиваат Холанѓаните???
Скептиците можеби со право се прашуваат зошто токму Работнички и каде е интересот на Холанѓаните во целата оваа приказна. За оние, пак, добро упатените не е тајна дека клубот е актуелен освојувач на двојната круна, трикратен шампион и е редовен учесник во фудбалска Европа. Работнички (еден од нашите најстари клубови кој е основан во далечната 1937) има можност да се шири во позитивна насока, особено тука се мисли на младинската академија. Холанѓаните инвестираат во клубот можеби најмногу поради тоа да го применат и тука кај нас рецептот на Ајакс. Работа со младите категории и продавање играчи. Значи чисто бизнис интереси. За возврат на дресовите ќе се рекламира името на нивната фирма, потоа кога ќе игра Работнички ќе се рекламираат и нивните фирми придружнички покрај теренот. Можеби и преку Македонија ќе посакуваат да се шират и на овие наши балкански простори.
*** Што добива пак Работнички???
Само благодарение на Драган Поповски и Бобан Бабунски и се разбира новиот спонзор шампионот има шанси да остане на ова ниво (зошто да не оди на повисоко). По заминувањето на “Кометал”, клубот добива повторно моќен спонзор. Ако сето ова не се случеше можеше многу лесно Работнички да згасне, да се врати во Третата лига (каде беше пред 12-13 години) и засекогаш да исчезне од фудбалската мапа на Македонија. Ако се остварат најавите тогаш Работнички би можел да му парира на Вардар во секаков аспект. Можеби не оваа сезона (Кометал си ги однесе сите играчи во Вардар) но зошто да не во наредниот период конечно и ние не добиеме вистинско, големо и вечно соседско дерби.
*** БАБУНСКИ ГО ЕКИПИРА СТРУЧНИОТ ШТАБ
Марковски, Здравков, Илиќ, Бошковски...
Кога конечно се потпиша договорот се обелоденија и имињата на соработниците на тим - менаџерот Бобан Бабунски. Нема никакви сензационалности. Сосема очекувано со оглед на тоа во кого Бабунски има најголема доверба. Во стручниот штаб на шампионот ќе бидат се познати и екс легенди на (крајно интересно) ФК Вардар. Тоа се Љупчо Марковски - Калц, Гордан Здравков, Саша Илиќ, Зоран Бошковски - Чоко и Вујица Живковиќ. Да кажеме и тоа дека Бабунски, Марковски, Илиќ и Бошковски се некогашни репрезентативци на Македонија а Здравков е фудбалер на Вардар во златните години на “црвено - црните” кога беа шампиони на екс СФРЈ.
Марковски и Здравков директно ќе му помагаат на Бабунски во работата со првата екипа, додека Саша Илиќ ќе биде задолжен за работа со голманите. Зоран Бошковски - Чоко, пак, ќе биде еден вид на скаут, тој ќе има задача да ги следи противниците на Работнички и да му ги “открива” тајните на ривалите на тим - менаџерот. Додека, пак, Вујица Живковиќ ќе биде задолжен за исхраната и физичката подготовка на фудбалерите. Инаку, Живковиќ е професор и член на едукативниот центар при ФФМ.
*** Денеска се стартува во 18 часот
Од денеска и официјално шампионот стартува со подготовките. Прозивката е закажана за во 18 часот на помошното игралиште на Работнички, а потоа веднаш ќе се одржи и првиот тренинг. Денеска исто така ќе се знае и самата програма на подготовките која најверојатно од страна на тим - менаџерот Бабунски е веќе изготвена. Големо прашање е дали екипата ќе оди некаде надвор од Скопје со оглед на тоа дека веќе на 15/16 јули, значи за нешто повеќе од две недели нашиот шампион ќе ја игра првата средба од квалификациите во Лигата на шампионите.
*** Преговори со Аломеровиќ, Нухиу, Тунески
Вистина е дека освен Баже Илијоски “романтичарите” и немаат фудбалери. Тоа јавно го кажа на прес претседателот на Работнички, Драган Поповски. Освен Илијоски денеска на прозивката треба да се јават и останатите фудбалери на Работнички како што се Крсте Велкоски, Бојан Михајловиќ, Емир Шабани, Горан Богдановиќ и др. Низ чаршијата се шпекулира дека Работнички (немаме потврдна информација) преговарал и со Кемал Аломеровиќ, Ардијан Нухиу, Владимир Тунески, Марјан Белчев, Милан Илиевски и со уште десетина други фудбалери. Исто така се очекува и дел од младинците на Вардар на кои не смета Ратко Достаниќ да се преселат кај соседот. Факт е дека Бабунски ќе има големи проблеми со играчкиот кадар, зошто искрено има малку слободни, но и квалитетни фудбалери на пазарот. Ќе мора да го донесе она што му е понудено, веројатно ќе мора да мисли и на засилувања од страна.
*** Ќе има и други спонзори
Поповски ни напомена дека покрај Холанѓаните тој очекува во клубот да дојдат и други спонзори. Како од страна така и од нашата земја. Се разбира добредојден ќе биде секој што ќе сака да помогне, што ќе го најде својот интерес и на крајот што ќе најде заеднички јазик со раководството на клубот. Работнички, односно Поповски посакува шампионот да остане и натаму при врвот на мак - фудбалот а за тоа свесен е дека треба доста финансиски средства.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|