
|
 |
Спорт / Фудбал
КЛАСИФИКАЦИЈА НА НАЈГОЛЕМИТЕ РАЗОЧАРУВАЊА НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО Голгетерите ја урнаа репутацијата
По традиција, по секое големо фудбалско натпреварување и проценките на аналитичарите за успешноста и квалитетот наприкажаното. Од многуте настани кои ќе останат запаметени на овој шампионат, весникот “САН” ги објави десетте најголеми разочарувања на првенството. Најголемиот број актери во оваа интересна класификација се самите фудбалери, но има и неколку други настани кои оставија “темна” дамка на целото првенство. Еве што се се најде меѓу најголемите “промашувања” на шампионатот...
1. ЛУКА ТОНИ
Италијанскиот фудбалски репрезентативец се претвори во најголемото разочарување на првенството. Тони по фантастичната сезона во Бунделсигата и постигнатите 31 гол во дресот на Баерн (М) се најавуваше како кандидат и за најдобар стрелец на шампионатот. Лошата игра на Италија, а особено бавниот Тони, не можеа да го покажат вистинскиот потенцијал на овој фудбалер. Тони тотално ги урна надежите на фановите на “азурите”, а Италија заедно со него се претвори во големо разочарување на ова првенство.
2. ПЕТР ЧЕХ
Беше меѓу најдобрите светски голмани. Се наметна како незаменлив на голот на Челзи, но петнаесетте кошмарни минути и за него и за цела Чешка на средбата со Турција го претворија во вистински губитник. Чех направи еден голем гаф кога ја испушти чистата прифатена топка во рацете и им подари гол на Турците. Половина минута подоцна топката уште еднаш се најде во неговата мрежа и Турција успеа да се најде во четвртфиналето. Чех ја презема вината на свој грб, но и тој ќе сака што побргу да го заборави овој европски шампионат.
3. ЕРИК АБИДАЛ
Да се најдеш во дуел со светскиот шампион во натпревар на живот и смрт, никогаш не е лесно. Освен лошите игри на првите две средби во групата, Абидал се претвори во вистински трагичар откако заработи црвен картон уште во првото полувреме против Италија. Така, освен кризата која го имаш фатено францускиот состав, ги остави своите соиграчи на цедило. Франција немаше сила за добра игра на оваа средба и го заврши мечот со пораз од 2:0.
Абидал изгледаше смешно на теренот.
4. ГРЦИЈА
Европскиот првак од 2004 година си замина дома по старо и добро познато сценарио. Ниту една победа, едвај еден постигнат гол, без освоен бод. Вакво враќање и одбрана на титулата можат само Грците.Наликуваа на настапот кој го имаа на СП 1994 година, кога си заминаа дома со полна вреќа голови, но тогаш не постигнаа ниту еден. Грците со играта која ја прикажаа потсетија на најлошите фудбалски денови и средби. Нивниот (не)фудбал кај многу гледачи и на стадионите и покрај тв-екраните предизвика “фудбалско гадење”.
5. ТИЕРИ АНРИ
Голгетерот на Франција си замина дома по само три средби. На првата не се појави поради повредата, на следните две едвај успеа да постигне еден гол. Од него се очекуваш да ја врати “свежината” на “триколорите”, откако на стартот се виде дека нешто во тимот на Доменеш не функционира како што треба. По лошата сезона во редовите на Барселона, Анри само дополнително се претвори во разочарување на сезоната. На ова ЕП, голгетерот, беше далеку од најдобрите фудбалски денови. Се вклопи во фудбалското сивило на “петлите”.
6. МАРИО ГОМЕЗ
Уште еден “промашен голгетер” на овој шампионат. Германците се појавија на ова ЕП со тактика со два напаѓачи. Гомез во партнерство со Клосе беше незабележлив, а згора на тоа ја намали и улогата на Клосе, кој мораш да се враќа и поназад, само за да му овозможи повеќе простор во нападот на својот колега. Но евидентно е дека понудите од Баерн (М) и Барселона “му удрија в глава”, па прерано влезе во улога на светска фудбалска ѕвезда. За да биде уште потрагичен, промаши гол од само еден метар!?
7. АВСТРИЈА И ШВАЈЦАРИЈА
Барем еден да минеше во четвртфиналето. Домаќините разочараа со тоа што ги оставија домашните фанови без можност со ист жар да продолжат да го следат средбите од нокаут-фазата. Австријците и немаа многу шанси на средбите со Хрватска, Германија и Полска, но затоа Швајцарците имаа огромни шанси да се најдат меѓу селекциите кои продолжија во четврфиналето. Швајцарија беше на чекор до нерешен резултат со Турција, но прими гол во 92. минута, а тоа и дефинитивно и ги урна надежите за место во следната фаза. Потоа само за престиж победи со Португалија.
8. АДРИЈАН МУТУ
Романската ѕвезда “потемне” при изнедувањето на пеналот, кој се покажа како клучен за елиминацијата на Романија уште по првата фаза. Муту беше најавен како најголемата сила на Романија на ова ЕП заедно со Киву, но Муту на првите средби беше очаен, без шанса за гол, а и она што го направи како шанса не успеа да го реализира. Муту разочара со играта, па сега останува во новата сезона во Италија да ги убедува своите фанови дека ова ЕП беше само еден лош период од кариерата.
9. КАРИМ БЕНЗЕМА

Напаѓачот на Франција имаше фантастична репутација пред стартот на турнирот. Сите тврдеа дека ова момче ќе ги засени сите останати на шампионатот. Дури најавите одеа дотаму дека Бензема ќе биде најдоброто нешто што фудбалски се појавило на последните три европски првенства. Од сите најави со фанфари, зад Бензема остана една голема нула. Се појави на две средби во фазата по групи, не одигра ништо и двапати беше заменет.
10. МЕЃУНАРОДЕН ТВ-ЦЕНТАР
Една грмотевица ја остави цела Европа без слика цели 15 минути од најинтересниот меч на првенството, полуфиналето Германија - Турција. Милиони фанови крај тв-приемниците се чудеа што се случува во Базел, а Австријците и неколку дена по инциденот се вадеа на природните појави. УЕФА најави дека детално ќе го преиспита случајот за да ја утврди вината, но јасно е дека и овој настан ќе остане забележан меѓу “црните” моменти на 13. европско фудбалско првенство.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|