Спорт / Фудбал
РАБОТИТЕ ШТО ЌЕ ОСТАНАТ ВО ПАМЕТЕЊЕ ОД ЕУРО 2008 ПОКРАЈ ТИТУЛАТА НА ШПАНИЈА “Бомбата” на Балак и солзите на Чех
Минатите три недели беа за фудбалско уживање. На стадионите во подножјето на швајцарско-австриските Алпи се играше врвен фудбал, а натпреварите донесоа феноменално навивање, одлични тактички потези, драматична неизвесност, маестрални голови и пацерски утки. Сето тоа беше ЕУРО 2008.
НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР: ЧАВИ ХЕРНАНДЕЗ
Веројатно никој пред почетокот на ова европско првенство не претпоставуваше дека ќе експлодира фудбалерот на Барселона. И пред финалето сите очи беа вперени кон Фабрегас, Касиљас, Торес, Балак..., но Чави без многу помпа си ја вршеше својата работа и на крајот за тоа ја доби заслужената награда.
НАЈУБАВ ГОЛ: БАЛАК ПРОТИВ АВСТРИЈА
 Гол со удар од 110 километри на час - Балак на дуелот со Австрија
Во конкуренција на повеќе убави погодоци, “бомбата” на Балак против Австрија сигурно го одбележа овој шампионат. Беше тоа удар со брзина од 110 километри на час со кој Германија освои три бода, а Балак изгледаше како од себе да го извадил сиот бес за слабите игри во претходните две кола. Сигурно во сеќавањата ќе останат и погодокот на Ибрахимовиќ против Грција, како и оној на Весли Снајдер против Франција од околу 25 метри.
НАЈГОЛЕМО ПРОМАШУВАЊЕ: ГОМЕЗ ПРОТИВ АВСТРИЈА
На неколку минути пред крајот на мечот против Австрија, Марио Гомез не успеа да ја затресе противничката мрежа од само неколку метри. Шутираше од неколку метри кон празниот гол, но место топката, во него заврши Гарик кој сепак стигна пред неа. Во конкуренција беа уште утката на Олиќ на почетокот од дуелот со Турција во четвртфиналето како и Хакан Јакин кој исто така против Турција пропушти можност да постигне уште еден гол.
НАЈУБАВ НАТПРЕВАР: ЧЕШКА-ТУРЦИЈА
Натпреварот меѓу Турција и Чешка, УЕФА го вброи меѓу најубавите натпревари во историјата на европските првенства. На 15 минути пред крајот Чесите имаа водство од 2:0, а на крајот Турците славеа со 3:2. И во следниот натпревар против Хрватска, селекцијата на Турција на сличен начин стигна до победата.
НАЈДОБРА ОДБРАНА: БУФОН ПРОТИВ РОМАНИЈА
Во второто коло од групата “Ц”, на десетина минути пред крајот на мечот против Романија, Џанлуиџи Буфон му го одбрани пеналот на Адриан Муту и со тоа практично ја одведе својата репрезентација во четвртфиналето. Бодот од тој натпревар беше прв за “аѕурите” кои со победата над Франција во последното коло обезбедија пласман во следната рунда.
|
|
| Се уште не знае што му се случи - Петр Чех | |
НАЈГОЛЕМ ГАФ: ПЕТР ЧЕХ
Голманот на Турција, Речбер Рушту беше кандидат за овој примат поради излетите во дуелите со Хрватска и Германија, но уште долго никој нема да може да го заборави киксот на Чех против Турција. Еден од најдобрите голмани во светот во моментов на необјаснив начин ја испушти топката од своите раце, Нихат го искористи тоа за гол и ја одведе Турција во четвртфиналето.
НАЈДОБАР СЕЛЕКТОР: ФАТИХ ТЕРИМ
Во конкуренција на Марко ван Бастен и Луис Арагонес, сепак цела Европа му оддаде признание на Фатих Терим. За разлика од Холандија и Шпанија, Турција во својот национален тим нема големи европски ѕвезди, па пласманот во полуфиналето и фактот што ја намачи Германија е нешто што никој не го очекуваше дури и во земјата која ги спојува Европа и Азија.
НАЈГОЛЕМО РАЗОЧАРУВАЊЕ: ФРАНЦИЈА
Репрезентацијата со напаѓачи како Бензема, Анри, Анелка и Рибери на европското првенство постигна само еден гол од три натпревари што предизвика бес кај сите љубители на фудбалот во Франција. Јасно е дека на “триколорите” им е потребен ремонт, но исто така е јасно дека имаат добра фудбалска иднина бидејќи својот ред го чекаат Насри, Бен Арфа, Бензема итн.
НАЈЛОШ НАТПРЕВАР: ФРАНЦИЈА-РОМАНИЈА
Французите и Романците имаа катастрофален двобој на својот прв натпревар на првенството, без ниедна изгледна шанса, а камоли гол. Во конкуренција беше уште дуелот меѓу Шведска и Грција, но поради два постигнати гола не беше прогласен за најлош.
НАЈУБАВА ПРИДРУЖНИЧКА НА ФУДБАЛЕР: САРА БРАНДНЕР
Германската манекенка и девојка на Бастијан Швајнштајгер го доби признанието за најубава придружничка поради тоа што беше на трибините на сите шест натпревари што ги одиграа Германците на првенството. Во конкуренција беа уште сопругата на Клод Макелеле, Ноеми Леноар како и поубавата половина на Рафаел ван дер Варт, Силвиа Мајс.
|