Спорт / Фудбал
РАБОТНИЧКИ ДОБИ ТЕЖОК РИВАЛ ВО 1. КВАЛИКАЦИСКО КОЛО ВО ЛШ, АКО ГО МИНЕ ИНТЕР БАКУ ГО ПРЕЧЕКУВА СРПСКИОТ ГИГАНТ ПАРТИЗАН Шампионот патува во Азербејџан...
”Според мене шансите се 50-50%. Посакувавме во оваа фаза послаб ривал но добивме респектабилен тим. Сепак не се предаваме, ќе дадеме се од себе да ја минеме првата пречка” вели тим - менаџерот на Работнички Бобан Бабунски
Азербејџанскиот шампион Интер Баку е противникот на Работнички во 1. квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Првиот меч се игра во Баку (15/16 јули) а реваншот во Скопје, на “Градски” (22/23 јули). Во случај нашиот шампион да ја мине оваа пречка тогаш на 29/30 јули во Скопје доаѓа белградски Партизан. Тоа ќе биде евентуално втората пречка на Работнички во квалификациите во ЛШ. “Романтичарите” не е тајна дека посакуваа далеку понеквалитетен тим. Се стравуваше од Бате Борисов или Интер Баку, а токму овој вториот е нашиот ривал. Во случај да не се случеше она што се случи во минатиот месец можевме слободно да кажеме дека Интер Баку ќе беше лесен залак за Работнички а Партизан достоен ривал. Но и сега не треба да бидеме песимисти, особено зошто реваншот се игра во Скопје.
“Според мене шансите се 50-50%” вели тим - менаџерот на Работнички Бобан Бабунски и продолжи во нему својствен стил-” Посакувавме во оваа фаза да добиеме послаб ривал но добивме респектабилен тим. Сепак не се предаваме, ќе дадеме се од себе да ја минеме првата пречка. Ова ќе биде за нас голем предизвик. Во детали за Интер Баку не можам да се 'впуштам' зошто немам речиси никакви информации. Сега приоритет е изградба на нашиот тим”.
Вредно е да се спомене дека ова за Работнички е трет “излет” во квалификациите во Лигата на Шампионите. Традицијата вели дека “романтичарите” имаат далеку поголемо искуство (вкупно 20 официјални европски натпревари) за разлика од Интер Баку кој оваа сезона ќе дебитира во Европа, ако не се сметаа четирите натпревари во Интер - тото Купот од времето на Хазар. Исто така традицијата вели дека Работнички никогаш не загубил во 1. коло (Сконто и Дуделанж беа елегантно елиминирани). Да се надеваме дека Работнички ќе успее да ја продолжи традицијата и дека на 29/30 на “Градски” ќе има спектакл. Имено ако на Партизан лани не му беше дозволено да гостува (Зрински беше ривалот поарди казната на белграѓани) тогаш време е сега да го пречекаме овој тим.
З. Ѓоршоски

Момци, добивме силен ривал - Бабунски со играчите
ДВОЈКИ ЗА 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ВО ЛШ
1. Линфилд (С. Ирс) - Динамо Загреб (Хрв)
2. Валета (Млт) - Артмедија Петржалка (Свк)
3. Динамо Тбилиси (Гру) - Рунавик (Ф. Остр)
4. Санта Колома (Анд) - Каунас (Лит)
5. Мурата (С.Мар) - Гетеборг (Шве)
6. Ланели (Вел) - Вентспилс (Лет)
7. Анортозис (Кип) - Пјуник (Ерм)
8. ИНТЕР БАКУ (АЗБ) - РАБОТНИЧКИ (МАК)
9. Тампере (Фин) - Будуќност (Ц. Гор)
10. Дуделанж (Лук) - Домжале (Сло)
11. Динамо Тирана (Алб) - Модрича (Бих)
12. Актобе (Каз) - Шериф (Мол)
13. Дрогеда (Р. Ирс) - Левадија (Ест)
14. Бате Борисов (Блр) - Валур (Исл)
*Првите средби се играат на 15/16 јули а реваншите на 22/23 јули
ДВОЈКИ ЗА 2. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ВО ЛШ
1. Глазгов Ренџерс (Шко) - Санта Колома/Каунас
2. Бран (Нор) - Ланели/Вентспилс
3. РАБОТНИЧКИ / ИНТЕР БАКУ - ПАРТИЗАН (СРБ)
4. Тампере / Будуќност - Валета / Артмедија Петржалка
5. Анортозис / Пјуник - Рапид Виена (Авс)
6. Дуделанж / Домжале - Линфилд / Динамо Загреб
7. Панатинаикос (Грц) - Динамо Тбилиси / Рунавик
8. Мурата/Гетеборг - Базел (Шва)
9. Актобе / Шериф - Спарта Прага (Чеш)
10. Дрогеда / Левадија - Динамо Киев (Укра)
11. Андерлехт (Бел) - Бате Борисов / Валур
12. Беитар (Изр) - Висла Краков (Пол)
13. Фенербахче (Тур) - Мтк (Унг)
14. Алборг (Дан) - Динамо Тирана / Модрича
*Првите средби се играат на 29/30 јули а реваншите 05/06 август
*** БАЖЕ ИЛИЈОСКИ:
Ќе биде интересно
“Во секој случај ќе биде доста интересно. Ако сме во нешто во предност тоа е фактот е дека реваншот ќе го играме во Скопје на 'Градски'. Можевме да добиеме полесен ривал но што е тука е. Најважно во овој момент е да се доведат квалитетни играчи и во Баку да патуваме во што поквалитетен состав. Имаме голема шанса во 2. квалификациско коло да играме со Партизан. Ако минатата сезона белграѓани ни 'избегаа' тогаш овојпат нема” ни изјави капитенот и најдобриот фудбалер на шампионот.
*** СПОРЕД ИФФХС
Работнички е 81. во светот
Нашиот шампион и натаму скока на листата на најдобрите клубови во светот. Па така според Интернационалната Федерација за статистика Работнички за месец јуни се наоѓа на 81 место (скок од три места зошто за минатиот месец беше на 84 -ти). Интересно е тоа што ривалот на “романтичарите” за 1. квалификациско коло Интер Баку го нема меѓу рангираните 350 клубови во светот.
*** Слога Ј во 1999 го мина Капаз Ганџа
Ова е втор македонско - азербејџански двомеч. Во 1999 во летните квалификации во 1. коло во ЛШ тогаш нашиот шампион Слога Ј успеа да го победи шампионот на Азербејџан. Во Скопје “гулабите” славеа над Капаз Ганџа со 1:0 а во реваншот беше 1:2 за домашните, но поради голот во гости Слога се пласира во натамошните натпревари.
*** Интер Баку има 8.000.000 долари буџет!!!
ФК Интер Баку е основан во 1997 година, а важи за еден од најбогатите. Има буџет од 8.000.000 долари а спонзор му е Интернационлана Банка во Баку чиј прв човек е Гаханџир Гаџиев. Инаку овој човек е и претседател на Градскиот фудбалски сојуз на Баку. Претседател на клубот пак е многу интересно Бугаринот Ѓорѓи Николов. Името Интер Баку го добива во 2004 година, претходно од 1997 тимот се вика Хазар. Натпреварите се играат на стадионот “Шафа”, кој собира 15.000 места. Теренот е од вештачка трева, а бојата на дресовите е сино бела. Во клубот има доста странци. Горан Арнаут и Милан Загорац (Србија), Тракис, Гедгаудас и Разнаукас (Литванија), Червенко (Чешка), Златинов (Бугарија), Алегбе (Нигерија), Гужемон (Украина). Додека голманот Хасанзаде, Абасов, Имамалиев, Гурбанов и Мамедов се репрезнетативци на Азербејџан. Моментално Интер Баку е на подготовки во Турција а во првата контролна средба ја поведи Сиваспор со 2:0.
*** ВАЛЕНТИН ХОДУКИН:
Ѓоко ќе ми каже се!?
За азербејџанските медиуми своја изјава даде и и тренерот на Интер Баку, Валентин Ходукин.
“Искрен да бидам немам доволно сознанија за Работнички, за мак - фудбалот воопшто. Знам дека досегашниот тренер бил од Србија и дека постојано игра во Европа со успех во последните 4-5 години. Немам информации но затоа тука е мојот голем пријател Ѓоко кој ќе ми каже нешто за Работнички. Тој знае се, за сите клубови, ха,ха,ха”.
***
ЃОКО ХАЏИЕВСКИ:
Работнички доби квалитетен противник!
Нашиот најтрофеен тренер и екс селектор е во центарот на вниманието како во нашата фудбалска јавност така и на онаа во Азербејџан. Имено тој моментално е тренер на ФК Баку, пред извесно време беше и в.д. селектор на оваа земја. Затоа вчера даде безброј интервјуа како за нашите медиуми така и за оние во Азербејџан.
За тамошните медиуми Хаџиевски истакнал дека Интер Баку е за нијанса поквалитетен тим само поради фактот што Работнички е со ново раководство, нови играчи и слично. На прашањето за кого ќе навива Хаџиевски посочил дека не знае. Работнички е тим од неговата земја но во Интер Баку има голем број пријатели.
А еве што ни изјави во телефонскиот разговор неполни пет минути откако се дозна ривалот на Работнички:
“Интер Баку е сериозен клуб. Во последното коло со многу среќа станаа шампиони. Имаат голем буџет и голем број квалитетни фудбалери. Украинскиот тренер Валентин Ходукин игра во формација 4-4-2. Цврсти се во дуелите, не брзаат и ја чекаат својата шанса. Имаат 4-5 репрезентативци од времето кога јас бев селектор. Во нападот доминира Хагани Мамедов кој е најдобриот стрелец во Лигата со 19 голови за минатата сезона, потоа од главните играчи би ги споменал Махмуд Гурбанов кој игра во средниот ред, па двајцата Абасови кои играат во одбраната. Би го понела Бугаринот Златинов кој е полушпиц, па тука е србинот Горан Арнаут. За шансите на нашиот тим не би сакал да говорам но факт е дека реваншот се игра во Скопје. Инаку од Истанбул до Баку авионски се патува 2.5 часа што не е баш далеку како што се мисли”.
|