
|
 |
Спорт / Фудбал
И ПОКРАЈ УБЕДЛИВИОТ ПОРАЗ НА КЛУПСКИОТ РЕФЕРЕНДУМ Лапорта преживеа!
Претседателот на Барселона, Хоан Лапорта ја загуби довербата кај членовите на клубот, но само поради чудниот статут ја задржа претседателската функција. Опозицијата предводена од Ориол Гирал освои нешто помалку од 24 илјади гласови од можните 37.294 колку што се појавија во неделата на референдумот или околу 60,6% и секаде во светот со такви резултати би дошло до смена на претседателот. Но, од пред десет години, поточно од доаѓањето на чело на клубот на Луис Нуњез, кој исто така мораше да победи на референдум за да остане на функцијата, тогашниот претседател го смени статутот и сега место 50%, за евентуална смена на првиот човек на клубот на ваков начин потребни се две третини односно 66,6% од вкупниот број излезени гласачи. Тогаш токму Лапорта беше човекот што ја водеше битката против Нуњез, но најуспешниот претседател во историјата на клубот несакајќи му направи огромна услуга на својот голем ривал. За поддршка на Лапорта сега гласаа нешто помалку од 15 илјади членови или околу 37,75%. Останатите околу 1,5% беа неважечки ливчиња.
“Многу сум задоволен од бројот на гласовите што ги добив на овој референдум. Ситуацијата е очигледна. Мислам дека владејачката гарнитура во клубот би требало да размислува за нашиот резултат и за тоа дали треба да продолжат со работа кога толку голем број од членовите на Барселона се против нив. Сепак, од позиција на навивач на Барса сакам да верувам дека за неколку месеци победник од ваквиот развој на настаните ќе биде клубот. Јас сум легалист и никогаш нема да побарам од Лапорта да си поднесе оставка, но да сум јас сега на неговото место и да загубам на ваков начин, веднаш и без размислување би се повлекол”, изјави Гирал.
Голем дел и од обичните навивачи на Барселона побараа оставка од Лапорта како морален чин од големиот пораз. Го направи тоа и поранешниот претседател Луис Нуњез кој рече дека референдумот јасно ја покажал желбата за промени кај фановите. Сепак, сегашниот прв човек на каталонскиот клуб под чие раководство Барселона во последните пет години освои две титули во Примера и една во Лигата на шампионите и се промовираше во една од најатрактивните екипи во светот, смета дека нема морална обврска да си замине иако мнозинството од членовите гласале против него.
“Сакам да изразам огромен респект кон оние 24 илјади “социоси” (членови на клубот) кои гласаа против мене. Таа бројка покажува многу. Но, во исто време ги почитувам и оние 15 илјади кои ме поддржаа и уште 80 илјади кои сметаа дека не е нужно во моментов да излезат на референдум. Тоа зборува уште повеќе за тоа што мисли мнозинството од навивачите на Барселона. Останувам бидејќи референдумот за изгласување недоверба на водството на клубот со мене на чело беше неуспешен. Сепак, ова ќе го сфатиме како опомена и казна, па со уште поголем жар ќе се посветиме на преродбта на клубот ио смирување на ситуацијата”, изјави Лапорта.
И покрај оптимизмот и среќата кои зрачеа од зборовите на претседателот, јасно е дека опозицијата во клубот е се посилна, а последното засилување стигна во ликот на Сандро Росел. Тој беше потпретседател на Лапорта на почетокот од првиот мандат, но нзадоволен од неговата работа го напушти во 2005 година. Росел е најпознат по тоа што во 2003 година од ПСЖ го донесе Роналдињо, а една година подоцна и Деко од Порто и токму тие двајца беа лидери на Барса која беше доминантна во Шпанија на средината од оваа деценија.
Актуелното раководство на клубот претрпе многу критики од навивачите поради тоа што фудбалскиот тим не освои ниеден трофеј во последните две сезони иако во своите редови имаше дел од најдобрите светски фудбалери. Имаше поделби и во самата екипа, па фановите повеќе пати го повикуваа претседателот или да ја смири ситуацијата или да поднесе оставка. Лапорта возврати со отпуштање на Франк Рајкард, а за следната сезона веќе ангажира четири засилувања и тоа Дани Алвес, Сејду Кеита, Жерар Пике и Мартинс Касерес, а во план е да се донесе уште еден квалитетен напаѓач. Она што е уште поважно по неуспехот на референдумот е што Лапорта има “одврзани” раце да продолжи со реновирањето на тимот бидејќи во случај на негов дефинитивен пораз Барселона немаше да може да купува и продава фудбалери до изборот на нов претседател за што би биле потребни околу два месеци. На местото на Рајкард дојде легендата на клубот Пеп Гвардиола кој ќе се обиде во претстојната сезона да ја вати Барселона на победничките патеки.
Со оглед на “довербата” што ја доби на овој референдум, Лапорта може да остане на чело на клубот до јуни 2010 година кога му истекува мандатот и ќе бидат организирани редовни избори.
РЕЗУЛТАТИ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ
За смена на Лапорта: 23.870 (60,6%)
Против смена на Лапорта: 14.781 (37,75%)
Празни ливчиња: 540 (1,37%)
Неважечки ливчиња: 108 (0,27%)
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|