Спорт / Фудбал
ВАРДАРОВИТЕ ФУДБАЛЕРИ НЕ БЕА ПОМИЛУВАНИ ОД КОМИСИЈАТА ЗА МОЛБИ И ЖАЛБИ ПРИ ФФМ ФФМ ги потврди суспензиите на “штрајкувачите”!
Георгиевски, Богатинов, Бојовиќ, Перендија, Леповиќ, Станковиќ, Мојсов, Савиќ и тројцата Бразилци ќе бидат под суспензија во следните шест месеци, а парично се казнети и со по 5.000 евра
По долго одложување на расправите, Комисијата за молби и жалби при Фудбалската федерација на Македонија вчера ја потврди одлуката на Дисциплинскиот орган на ФК Вардар за суспензија на 11 фудбалери кои во финишот од минатогодишниот шампионат одбија да настапат на официјален првенствен натпревар во црвено-црниот дрес.
Според одлуката на Вардар, која вчера беше потврдена од страна на ФФМ, Јорде Георгиевски, Мартин Богатинов, Раденко Бојовиќ, Милан Перендија, Милош Леповиќ, Славен Станковиќ, Ѓорѓи Мојсов, Душан Савиќ и тројцата Бразилци Фабио Да Силва, Роберто Карлос и Пименте Соуса ќе бидат под суспензија без право за настап во следните шест месеци, а парично се казнети и со по 5.000 евра. Наведените фудбалери според статутарниот правилник на ФФМ по потврдата на дисциплинските мерки добиваат и раскин на договорите на штета на фудбалер, при што по завршувањето на шестмесечната суспензија ќе имаат аматерски статус во клубот.
“Да, точно е дека Комисијата за молби и жалби ги потврди дисциплинските мерки за наведените фудбалери изречени од страна на ФК Вардар”, ни ја потврди одлуката портпаролот на ФФМ, Зоран Николовски.
Пред донесување на одлуката вчера на состанокот на Комисијата за молби и жалби претходеше соочување на претставниците на Вардар со суспендираните фудбалери, по што следеше и можеби очекуваниот епилог.
“Ова е единствената логична одлука. Тие фудбалери прекршувајќи го дисциплинскиот правилник го оставија клубот на цедило”, ни изјави вчера по дознавањето на одлуката спортскиот директор на Вардар, Саше Милошевски, притоа дополнувајќи:
“Место разговори, договори и со поранешното раководство тргнаа по свој пат притоа тврдоглаво бојкотирајќи натпревари па мора да ги сносат последиците. Ние како нова управа имавме и морална обврска спрема поранешното раководство овие играчи да ги сносат своите казни, но секако ова е и еден вид патоказ и јасен знак кој го покажува и ФФМ дека сепак правилата мора да се почитуваат, а фудбалерите не може да диктираат политика на еден клуб”.
Инаку, во мај оваа година покрај спомнатите фудбалери настапот за Вардар, наводно поради само десетдневно доцнење на исплатата, го бојкотираа и Агиналдо Брага и Бурхан Емурлаху, чии суспензии беа отстранети откако се извиниле и договориле со новото раководство за настап во црвено-црниот дрес за следната сезона. Суспензиите се отстранети и за Владимир Секуловски и Димче Ристевски откако Работнички за двајцата успеал уште во јуни да добие исписници, кои подоцна се активирани при пријавувањето на фудбалерите за настап во квалификациите од Лигата на шампионите.
Од раководството на Вардар потенцираат дека по потврдената суспензија, поединечно ќе биде разгледуван статусот на секој фудбалер. ФК Вардар е единствениот кој ќе одлучува околу идните трансфери на играчите, чии суспензии завршуваат во декември.
В.Булатовиќ
 *** Фудбалерите со жалба до Суд, УЕФА и ФИФА
По дознавањето на вчерашните одлуки од ФФМ суспендираните фудбалери најавија дека понатаму своето право ќе го бараат по судски пат, но и преку УЕФА и ФИФА.
Во текот на вчерашниот ден пред одржувањето на состанокот на Комисијата за молби и жалби фудбалерите до ФФМ испратија и едно поопширно писмо во кое детално ги објаснуваат причините за својот бојкот на клубот притоа уште еднаш истакнувајќи ги сите проблеми со кои живеел клубот од март до мај, но и постајаните навреди кои ги доживувале од тогашното раководство.
“Ние понатаму своето право ќе го бараме по судски пат, но и преку УЕФА и ФИФА. За нас е изненадувачки што суспензиите и казните се бришат според желбите и потребите на новото раководство. Па така Брага и Емурлаху продолжија во Вардар а Секулоски и Ристевски добија исписници за да минат во Работнички. Несфатлива е помислата дека новото финансиски силно раководство на ФК Вардар предводено од Трифун Костовски, инаку потврден помагател и финансиер на спортот, ја гради вардаровата перспектива врз приходите од изречените парични казни или висината од евентуалните обештетувања од нашите трансфери”, истакнуваат суспендираните фудбалери.
Извисија Работнички и Победа
Како што е познато, одлуката околу суспензијата на фудбалерите изминативе денови со големо внимание ја очекуваа и Работнички и Победа, кои во своите редови очекуваа пристигнување на дел од фудбалерите, а кое сега дефинитивно нема да се случи.
Брацо Вујчиќ изминатиов период финансиски го одржуваше тренинг процесот на суспендираните фудбалери. Георгиевски, Перендија, Савиќ и Мојсов претходно се спомнуваа со трансфер во Работнички доколку им бидат отстранети суспензиите, додека останатите во Победа каде следната сезона ќе финансира токму Вујчиќ.
|