
|
 |
Спорт / Фудбал
МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОН СО ПОЖРТВУВАНА ИГРА НА ЦЕЛИОТ ТИМ УСПЕА ДА ОСТАНЕ СО НАДЕЖ ЗА МИНУВАЊЕ НА 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛШ Златна “0” од Баку!
Од Баку, Азербејџан
Владимир Булатовиќ
Сумирајќи ја целокупната ситуација во која се наоѓа клубот а дополнета со отворената скепса со која беа испратени од Скопје нашите фудбалери, сепак, како победници се враќаат од брегот на Каспиското езеро сега зголемувајќи си ги шансите за продолжување на европското лето

ИНТЕР БАКУ - РАБОТНИЧКИ 0:0
Национален стадион “Тофик Бахрамов”. Гледачи: 15.000. Главен судија: Сирил Цимерман. Помошници: Антонио Луис Фернандез и Томас Хабергер (сите од Швајцарија).
ИНТЕР БАКУ
Симеонов /
Исмаилов 2
Гурбанов 2
(61' Шишкин 2)
Абасов 2
Червенка 2,5
Имамалиев 2,5
(71' А. Мамадов /)
Златинов 3
Левин 2,5
Петровиќ 2,5
Мамадов 2
(90' Хусеинов /)
Гуглеман 2
РАБОТНИЧКИ
2,5 Кметовски
2,5 Лукмон
2,5 Крстевски
2,5 Лазаревски
2 Аксентиев
2,5 Михајловиќ
2 Муарем
(2 Ристевски 50')
2 Османи
(/ Нухиу 80')
2 Итуа
2 Велковски
(2 Љамчевски 67')
2 Илијоски
Стрелци: Ж. картони: Шишкин (И); Илијоски, Итуа, Лукмон, Михајловиќ (Р)
Играч на натпреварот: Петар Златинов
Очекувано концентрирани на одбраната како единствена надеж за резултатски натамошен живот, фудбалерите на македонскиот шампион благодарение на среќата која синоќа ја имаа на своја страна, максималната пожртвуваност во одбранбените редови, но и азербејџанската неефикасност, успеаја да извлечат и тоа како поволни 0:0 од гостувањето во Баку на првиот натпревар од 1. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Со оглед на целокупната ситуација во која летово се најде Работнички, промената на носечкиот состав но и речиси без подготвителниот период малку кој очекуваше некаква сензација на националниот стадион во Азербејџан. Сепак, “бункерот” на нашите фудбалери издржа, издржаа и самите тие под налетот на искусниот објективно вчера далеку поквалитетен противник резултатски радувајќи ја и веројатно изненадувајќи ја нашата спортска јавност, а на крајот во секој случај заминувајќи како победници од брегот на Каспиското море.
Без повредените стандардни првотимци кои отпаднаа во последен момент, голгетерот број еден во азербејџанскиот шампионат Хагани Мамедов, но и искусниот дефанзивец Србинот Горан Арнаут, домаќините сепак уште од почетната минута демонстрираа дека нивното отсуство нема да биде олеснување за нашите фудбалери. Силниот притисок во првите 20 минути, како што и претпоставуваше нашиот тим-менаџер Бобан Бабунски главно по азербејџанската лева страна, а предводен исклучиво од извонредниот бугарски интернационалец Петар Златинов, кој пред само две недели од Литекс дојде во Интер Баку, а вчера демонстрираше исклучителни квалитети, на крајот успеаја да го запрат во дефанзивата Крстевски, Лазаревски, Лукмон, Михајловиќ.
По воведната трема македонскиот шампион воспостави контрола на теренот реализирајќи и неколку безопасни напади кон голот на Азербејџанците, меѓутоа с$ до последните минути од првото полувреме кога во само неколку секунди Златинов за среќа, но и поради интервенцијата на Кметовски по вторпат успеа да го погоди само дирекот од нашиот гол.
Во второто полувреме првата закана ја имавме ние преку Османи. И толку... Од 55. минута повторно стартуваа “торпедирачките” напади на домашните фудбалери сега од двете страни откако се разбудува и нивниот репрезентативец Енин Имамалиев. На нападите во налети, постојано “темпираната бомба” пред голот на Кметовски буквално во секоја ситуација ја отстранува крајно борбениот Адекунле Лукмон, на кого подоцна во спасувачката мисија му се приклучуваат и Кметовски, Михајловиќ како и Димитрија Лазаревски кој вчера беше принудното решение на Бабунски на стоперската позиција.
Избраниците на Бобан Бабунски на напад секако не размислуваа, низ текот на целата средба упатувајќи вкупно два удари. Секако на крајот се покажа дека целта ја остварија.
Сумирајќи ја целокупната ситуација во која се наоѓа клубот, а дополнета со отворената скепса со која беа испратени од Скопје, притоа согледувајќи ги и случувањата синоќа на теренот во Баку од кој можеа да заминат и со два-три погодоци во мрежата, сепак нашите фудбалери како победници се враќаат од земјата на нафтата сега зголемувајќи си ги шансите за продолжување на европското лето. Јасно е. За да се мине Интер Баку остануваат уште 90 минути и многу, многу подобро издание од она на “Тофик Бахрамов”. Но сега во Скопје...
*** ИНТЕР БАКУ РАБОТНИЧКИ
6 корнери 1
14/6 удари/ во 2/1
19 прекршоци 20
/ офсајди 5
1 ж. картони 4
Минута по минута...
2' - По изведениот корнер Левин највисок во скокот испраќа удар со глава, но за малку покрај десниот дирек на Кметовски
5' - Петровиќ од левата страна одлично нафрли на спротивниот дирек каде Имамалиев од само неколку метри шутира во надворешниот дел од мрежата на нашиот гол
10' - Златинов директно од корнер го погодува дирекот од голот на Работнички
17' - Уште еден извонредно изведен корнер на Златинов, но за среќа топката во мешаницата само профуче покрај вториот дирек
20' - Златинов сега се обидува од слободен удар од околу 20 метри но над голот на Кметовски
35' - Одличен контра напад на Лукмон по десната страна, нафрла на 16 метри каде Илојоски веднаш шутира, но сепак од офсајд позиција
36' - Златинов во одлична ситуација шутира од 16 метри, но Михајловиќ во последен момент блокира со лизгачки старт
40' - Муарем поведува акција на нашиот шампион по средината од теренот, го проигрува Османи по левата страна, чиј центаршут за малку пребрз за Велковски
45'+ - Повторно незапирливиот Златинов шутира од 20 метри, но Кметовски сигурен
45'+ - Во само неколку секунди уште еден топовски удар на Златинов, и кога сите ја видоа топката во нашата мрежа Кметовски со извонредна интервенција под самата пречка спасува сигурен погодок одбивајќи ја топката која завршува во дирекот
51' - Османи шутира од 25 метри но покрај голот
55' - Имамалиев по една случајна топка сам пред Кметовски по десната страна, но Лукмон во последен момент расчистува
56' - Имамалиев сега шутира силно од 16 метри, но нашиот голман на место
57' - Гуглеман по нафрлањето на Златанов, иако осамен, со глава сепак испраќа удар над пречката од нашиот гол
74' - Љамчевски со удар од околу 30 метри од слободен удар се обидува да го изненади Симеонов, но голманот на Интер Баку сигурен
79' - Уште една пожртвувана интервенција на Михајловиќ, кој на гол линијата го спречува силниот удар на Червенко
86' - Лукмон спасува пред нашата мрежа по продорот и ударот на Асиф Мамедов од десната страна
90' - По корнерот на Златинов Левин сам од 5 метри упати удар со глава но над голот
*** Огромно полициско обезбедување
Пратен со зачудувачки огромно полициско обезбедување мина вчерашниот дуел во Баку на нашиот претставник во ЛШ. На стадионот “Тофик Бахрамов” според информациите од организаторот биле ангажирани неверојатни 840 припадници на полициските сили.
“Тоа е останато од претходниот систем како наследство од Советскиот Сојуз. Се уште во Азербејџан нема некои промени од тој аспект, демократските размислувања се уште се далечни. На трибините мора да има безусловен ред”, ни прокоментира колегата од “Азери Спорт”.
Инаку, со оглед на тоа да Интер Баку нема свои верни навивачи, трибините на националниот стадион, чиј капацитет е 30.000 седишта, сепак беа исполнети до половина.
ОД ТРЕНЕРСКИ АГОЛ:
БОБАН БАБУНСКИ:
Интер подобар, ние машки до реми
“Мора да кажам дека Интер покажа дека е извонредна екипа. Искрено, како тренер би посакал мојот тим да игра како противничката вечерва. Но, морам да им честитам и на моите фудбалери кои покажаа голема пожртвуваност. Резултатски сме задоволни, меѓутоа од играта секако не. Ни останува дополнителна подготовка на овој тим, а за реваншот ќе имаме и нови фудбалери на располагање. Постои уште едно полувреме, ќе биде тешко, но сега шансите се 50:50%”, истакна на прес-конференцијата по средбата Бобан Бабунски.
ВАЛЕНТИН ХОДУКИН:
Јас сум тренер, јас одговарам
“Игравме добро меѓутоа не знаевме да реализираме. Голем хендикеп за нас беше отсуството на главниот голгетер Хагани Мамадов. Како очекувавме како се надевавме сигурно не минавме задоволително. Некои нови фудбалери како Белкевич не ги ставивме во игра затоа што не е подготвен како што посакуваме. Тој игра на име, а сега нема таков квалитет... А, ако сакате вие бидете тренери повелете, а сега јас одговарам за овие 0:0. Не сакам повеќе да ви одговарам на глупости кои ги прашувате”, се обрати тренерот на Интер кон своите новинари од кои доби рафални напади по синоќешното реми.
РАДОСТ И ТАГА ВО ДВЕТЕ СТРАНИ ПО НАТПРЕВАРОТ
Илијоски: “Отпишаните се вратија...”
Баже Илијоски: “Сите нe отпишаа при заминувањето од Скопје, нафрлувајќи дека тука останале старци и инвалиди. Но среќни сме што на сите скептици им докажавме дека овој состав не е за отпишување. И со ваков краток период на подготовки остануваме во трка за натамошен пласман и со искусниот состав на Интер”.
Димитрија Лазаревски: “Жал ми е што им ги расипавме сметките на сите кои слушам во обложувалниците играле на сигурна победа на Интер Баку. Одигравме крајно пожртвувано сите.
Александар Крстевски: “Знам дека не одигравме реално квалитетно. Меѓутоа, нашата цел беше да останеме непоразени во Баку. На тоа бевме концентрирани. Сите ги исполнивме својата задача и ја остваривме целта”.
Патер Златинов: “Тажни сме затоа што бевме многу подобри, а не успеавме да ја крунисаме апсолутната доминицаја. Овој состав на Работнички нема квалитет кој би парирал на нашиот, но ние немавме среќа.”
 ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РАБОТНИЧКИ КАТЕГОРИЧЕН ДЕКА ХОЛАНЃАНИТЕ СЕ ЕДИНСТВЕНИТЕ ФИНАНСИЕРИ НА “РОМАНТИЧАРИТЕ”
Ако не ни помагаат, барем да не ни одмагаат
Претседателот на “романтичарите”, Драган Поповски, револтирано во Баку ја дочека информацијата лиферувана во Скопје дека Работнички наводно веќе постигнал договор со Слободан Брацо Вујчиќ за преземање на финансирањето на клубот.
“Категорично го демантирам тоа. Холандската компанија е единствениот финансиер на нашиот клуб”, вели Поповски, додавајќи:
“Апсолутно немаме никаков контакт со Вујчиќ. Упорно некој ја форсира таа приказна која не е вистинита веќе подолго време, и тоа за жал на еден ден пред нашиот европски настап. Не знам зошто, само поради нашата заинтересираност за некои фудбалери од минатогодишниот состав на Вардар тоа се поврзува со Брацо Вујчиќ”, истакнува Поповски, кој е разочаран од целокупниот однос кон шампионот.
“Ние не наидовме на никаква помош од македонскиот фудбал пред ова наше европско претставување. Не знам кога апсолутно никој не ни помага, зошто некои упорно се трудат да ни одмогнат. Меѓутоа, за сите овие случувања последниот период детално ќе ја запознаеме јавноста на прес-конференција која планираме да ја одржиме в петок”.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|