
|
 |
Спорт / Фудбал
ГОЛЕМО ЗАСИЛУВАЊЕ ЗА “СВЕТЦИТЕ” Жули три години во ПСЖ
Поранешниот фудбалер на Лион, Монако, Барселона и Рома, Лудовик Жули од вчера официјално е нов играч на ПСЖ откако со “светците” потпиша договор на три сезони за годишна плата од 2,5 милиони евра. Во татковината тој се враќа по четири сезони минати како интернационалец, но по само една во редовите на Рома каде пристигна минатото лето и не ги оправда очекувањата од раководството на клубот и навивачите.
“Многу, многу сум среќен во Париз. Од клубот и тренерот има големи очекувања за претстојната сезона, а мене ќе ми биде добро тоа што ќе можам да ја вратам самодовербата по релативно слабите две години. Претседателот ми даде збор дека ќе направи силен тим и јас ќе направам сè да му помогнам на клубот да се врати во врвот на францускиот фудбал. Сепак, мора да се има предвид дека јас не сум спасите, дека сам не можам ништо и дека ми е потребна помош од навивачите”, изјави Жули на вчерашната промоција.
За поранешниот француски репрезентативец, кој во националниот тим одиграл 17 натпревари, ПСЖ е трет клуб од татковината, а во домашното првенство има и една титула освоена со Монако во 2000 година. Сепак, врвот на кариерата тој го доживеа во редовите на Барселона каде настапуваше три сезони и освои две титули во Примера и една во Лигата на шампионите. Лани се пресели во Рома и беше најавен како големо засилување за “волчицата”, но најчесто беше во втор план кај тренерот Лучијано Спалети.
ПСЖ имаше разочарувачка сезона во која едвај го обезбеди опстанокот во францускиот шампионат иако успеа да стигне до титулата во Лига-купот. За “светците”, Жули е второ засилување за претстојната сезона по интернационалецот од Бенин, Стефан Сесењон, кој минатата недела дојде од Ле Ман.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
WEBmail |
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|