
|
 |
Спорт / Фудбал
Елиминација со пресврт!!!
Уште долго, долго ќе жалат фудбалерите на Милано за испуштената шанса која ја имаа вчера на реваншот против Омонија од Купот на УЕФА. Македонскиот вицешампион имаше водство, имаше игра, во добар период од мечот го надигра противникот, ја проби и одбраната, но немаше завршница, немаше среќа да им го зададе и вториот удар на Кипраните, кои се спасуваа во последните моменти. За само девет минути постигнаа два гола и го елиминираа кумановскиот тим уште во првото коло.
А лош беше почетокот за Милано на вчерашниот меч. Во 4. минута противникот можеше да постигне гол, што ќе значеше крај на нашите надежи. Меѓутоа, Нурединоски го остави својот тим во игра бранејќи го пеналот на Дуро. Потоа текот на натпреварот се одвиваше онака како што само Милано можеше да посака. Во 17. минута Статовци носи водство, носи надеж дека предноста од два гола разлика може да биде стигната... Милано беше трпелив, чекаше нова шанса за постигнување на втор гол, на задавање на тежок удар на противникот, но само среќата и Бангура, кој во 27. минута се појави на гол линијата спасувајќи ја кожата на својот тим по ударот на Маневски. Веднаш ќе стигнеше казната и израмнување, меѓутоа Нурединоски одлично интервенираше неколкупати.
Храброста на Милано во вториот дел траеше само пет минути, кога кумановци имаа две шанси да дојдат до тој толку посакуван втор гол но и да примат откако се тресеше нивниот дирек. Потоа Омонија ги презеде работите во свои раце. Екипата од Кипар паметно чекаше Милано уште повеќе да се отвори, а потоа од контри да постигне еден гол со што ќе го потврди пласманот понатаму. Ерсен Сали е трагичарот кој во таа 76. минута се проби по лево, и место да го протигра Маневски, тој се реши да дрибла и шансата отиде... И кога сите играчи на Милано се држеа за глава не знаејќи што се случува по испуштената голема шанса, Христофи добива долга топка на десно и рутинирано ја тресе мрежата на Нурединоски носејќи студен туш во Куманово. Во таа 76. минута отиде во вода сето она што беше градено во текот на целиот меч. Збунетоста од примениот гол во редовите на "црвено-црниот" тим повторно ја користи Христофи, кој беше незапирлив, додаде до Кафу за запечатување на радоста и елиминицијата со пресврт на Милано.
Кумановци не се посрамотија во првиот свој настап во Европа. Може да минат со силната Омонија, меѓутоа се гледа дека во нивните редови недостасува искуство. Можеби следниот обид ќе биде подобар...
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|