Спорт / Фудбал
Тешка задача за Андерлехт и Ренџерс
 Шкотскиот и белгискиот вицешампион Ренџерс и Андерлехт ќе имаат тешка задача на реванш-натпреварите од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите да обезбедат пласман во следната фаза и да го продолжат својот престој во Европа најмалку за уште два месеци. Двата тима имаат за противници екипи од поранешниот СССР кои во последните сезони бележат перманентен развој, па тоа им ја прави ситуацијата уште посложена.
За нијанса работата му е потешка на Андерлехт бидејќи минатата среда на домашен терен доживеа пораз од белорускиот БАТЕ Борисов со 2:1. Најтрофејниот белгиски тим се претстави во катастрофално издание, очигледно го потцени противникот и на крајот доживеа заслужен пораз. Но, една недела подоцна ситуацијата е малку поинаква. По петочната ждрепка за третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, стана јасно дека победникот од овој двомеч во следната фаза ќе игра против бугарскиот вицешампион Левски, па Андерлехт ќе има релативно лесна работа да обезбеди дури и пласман во фазата по групи. Токму поради тоа и мотивацијата кај фудбалерите на белгискиот гигант е на многу повисоко ниво отколку пред мечот на домашен терен.
"Уште минатата недела ги предупредив сите фудбалери дека нема слаби противници во ова натпреварување. Тие не ме послушаа, очигледно го потценија БАТЕ Борисов и на крајот мораа да ги трпат критиките од домашната јавност и навивачите. Сега имаат можност за поправен, ждрепката во петокот не послужи и се надевам дека сериозно ќе влезат во мечот", изјави тренерот на Андерлехт, Ариел Јакобс.
Ренџерс и минатата година имаше проблеми во квалификациите од Лигата на шампионите, со големи проблеми обезбеди пласман во фазата по групи, но потоа стигна до финалето од Лигата на шампионите. На првиот меч против Каунас на домашен терен одигра без голови, па сега во Литванија ќе се обиде да стигне до третото коло каде најверојатно ќе се сретне со данскиот првак Алборг кој во првиот меч против Модрича славеше со 5:0.
"Ова е голем тест за нас пред почетокот на сезоната и меч на кој треба да стигнеме до резултат без разлика на играта. Притисокот не е проблем, лани покажавме дека можеме да соочиме со него, имавме одлична сезона во Европа и знаеме што пропуштаме со евентуален неуспех во Каунас", вели помошниот тренер на Ренџерс, Али МекКоист.
Многу интересно се очекува да биде и на уште неколку натпревари. Пред се, тоа се однесува за оној во Белград каде на Партизан му гостува Интер Баку, а според прикажано во првиот меч, "црно-белите" немаат многу право на оптимизам. Рапид има невозможна мисија во Виена да ја надополни негативата од три гола во дуелот со Анортозис, а Висла има гол помалку од Беитар пред реваншот во Краков.
ДВОЈКИ
ВТОРНИК:
ВЕНТСПИЛС - БРАН 17 ч. (0:1) КАУНАС - РЕНЏЕРС 19.05 ч. (0:0)
СРЕДА:
БАТЕ БОРИСОВ - АНДЕРЛЕХТ 18 ч. (2:1) ДИНАМО Т. - ПАНАТИНАИКОС (0:3) ДИНАМО К. - ДРОГЕДА (2:1) РАПИД - АНОРТОЗИС 19.30 ч. (0:3) МОДРИЧА - АЛБОРГ 20 ч. (0:5) ПЕТРЖАЛКА - ТАМПЕРЕ 20.15 ч. (3:1) СПАРТА - ШЕРИФ (1:0) БАЗЕЛ - ГЕТЕБОРГ (1:1) ДИНАМО З. - ДОМЖАЛЕ 20.45 ч. (3:0) ВИСЛА - БЕИТАР (1:2) МТК - ФЕНЕРБАХЧЕ (0:2) ПАРТИЗАН - ИНТЕР Б. (1:1)
*Во заградите се резултатите од првите натпревари
|