
|
 |
Спорт / Фудбал
Роналдо: Останувам!
Кристијано Роналдо и идната сезона дефинитивно ќе го носи дресот на Манчестер Јунајтед. Крајот на сагата за неговиот евентуален трансфер во Реал Мадрид го објави тој самиот во интервју за португалскиот весник Публико за кое рече дека ќе игра за акуелниот англиски и европски првак само уште една сезона. Шпекулациите за неговата иднина траеја цело лето, уште од завршувањето на првенството во Премиер-лигата, а завршија на десетина дена пред стартот на новата сезона.
"Разговарав со Фергусон и му ги изложив своите аргументи, тој ми ги кажа неговите и на крајот постигнавме договор за кој сметам дека е најправеден и за мене и за клубот. Затоа, можам официјално да потврдам дека и идната сезона ќе бидам член на Манчестер Јунајтед. Но, пред да почнат шпекулациите дека останувам против својата волја, сакам да кажам дека тоа се најобични инсинуации. За Манчестер ќе играм со сето срце и душа, ќе се борам и ќе го почитувам дресот на клубот на еднаков начин како што тоа го правев и досега", рече Роналдо во првиот дел од интервјуто.
Португалскиот репрезентативец ја прифати вината за влошените односи меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид затоа што неколкупати јавно изјави дека сака да се пресели на Сантијаго Бернабе.
"Јас бев тој што изрази желба за трансфер во Реал Мадрид, па затоа ја прифаќам и одговорноста за актуелните односи на двата клуба. Јас и натаму имам желба да го облечам дресот на Реал, но можеби не требаше тоа јавно да го изјавувам. Навистина се надевав дека Манчестер ќе ја прифати понудата и ако кажам дека не е така, ќе се излажам и самиот себеси и навивачите на мојот сегашен клуб", додаде Португалецот кој постојано изјавуваше дека сака да си оди од Јунајтед иако има договор со овој клуб до 2012 година. Реал Мадрид за него беше подготвен да плати цело богатство, па последната понуда изнесуваше 80 милиони фунти.
Роналдо веќе еден месец заздравува од операцијата на скочниот зглоб, повреда што ја влечеше подолго време, а најмногу проблеми му создаде за време на европското првенство во Австрија и Швајцарија. Клупските доктори очекуваат во текот на идната недела да се приклучи на тренинзите на својот тим, но за комплетна рехабилитација ќе му биде потребен најмалку уште еден месец.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|