
|
 |
Спорт / Фудбал
Три бода од Шкотска и Холандија
На Кејот на Вардар, комфорно расположен, како ретко кога барем кога се наоѓа пред блицевите и камерите, македонскиот селектор Среќко Катанец вчера во "Картел" низ неформалната средба со домашните медиуми го најави можеби и официјалниот почеток на комплетните наши поактивни подготовки за квалификациите за пласман на СП 2010 во Јужна Африка кои за нас почнуваат со дуелите на "Градски" со Шкотска на 6 септември, односно со Холандија на 10 септември.
Националниот тим претходно на 20 август го очекува пријателскиот натпревар со Луксембург, меѓутоа Катанец веќе од сега насочен со мислите кон квалификацискиот циклус.
"Стартот на квалификациите е многу важен за нас, не велам пресуден, но и тоа како значаен", го започна разговорот македонскиот селектор, притоа веднаш и со очекувањата за првите дуели со Шкотска и со Холандија.
"Ние мора да победиме барем на еден натпревар и освојувајќи три бода од двете тешки први средби со дополнителен мотив да ги продолжиме квалификациите. А, ако се изгубат двата натпревари се знае што значи тоа за натамошникот тек од квалификациите".

Веројатно, трите бода ќе се бараат од натпреварот со Шкотска...
"Не би калкулирал, важно е да има минимум три бода... Секој кој малку го прати фудбалот добро знае за квалитетите и на двете селекции. Холандија, заедно со Шпанија, најмногу покажа на неодамнешното Европско првенство. Шкотска, пак, која е на 16. место во светот, низ претходните квалификации во последен момент отпадна по поразот од Италија. Но, ние играме дома, пред нашите навивачи мора да се даде максимумот, ги почитуваме двата тима, но ќе играме без пардон со секој противник, па без разлика кој бил тоа".
Катанец, без размислување очекува нов напредок, од секој аспект, на нашата селекција во однос на претходниот циклус.
"Ние сме незгоден противник, имаме квалитет меѓутоа на тоа треба да се надодаде уште и вербата во себе, цврст карактер, многу повеќе заеднички интернационални тешки дуели, повеќе 'тестови' како оној со Полска за да би се комплетирала и вистински победничка целина. Мора и оние кои се избрани во националниот тим да носат со себе победнички дух. Јас верувам дека сега голем напредок ќе има во овој состав кој повеќе од две години работи заедно", истакна на вчерашната средба со новинарите македонскиот селектор.
Катанец: "Ако некој ви вети пласман на СП, јас заминувам"
Долго време македонската фудбалска јавност очекува наше резултатско помрднување на репрезентативен план. Скалило погоре на табелата во однос на некој претходен циклус, или барем некаква конкурентна надеж за пласман на завршниците до самиот крајот од квалификациите се очекувањата на домашната јавност.
"Јас резултати некакви спектакуларни не можам да ветам... Ако вие може да најдете селектор кој ќе ви вети пласман на СП 2010 јас веднаш ќе го напуштам селекторското столче", вели, пак, Катанец, притоа дополнувајќи:
"Јас само посакувам тимот да игра добро, да создава шанси и на секој натпревар да постигнува голови. Резултат ќе има кога ќе се даде гол. Не знам што вие разбирате под резултат? Па, Македонија сега е на 54. место на ФИФА листата, а каде беше пред да дојдам јас? Јас сум презадоволен од тоа што досега го сработив со македонската репрезентација. Јас сум таков човек и селектор, се додека нешто функционира, како треба и како замислувам, не се откажувам. Ќе се откажам тогаш кога ќе видам дека тимот навистина не функционира под мое водство, и веќе нема што да му понудам. А, македонската репрезентација во моментов функционира како треба".
Луксембург не е никаков "тест"
"Луксембург не е никаков 'тест' , од играчки или резултатски аспект, за тоа што не очекува со Шкотска и со Холандија. Лично сакав да имаме многу посилен пријателски натпревар во овој термин, но бидејќи сите се договориле претходно, а силните селекции од Македонија не може финансиски да профитираат, тоа е тоа што ни остана. Но, по неколку месеци добро е сега да се собереме, натпреварот со Луксембург да биде уште еден вид проверка на нашата игра и да им укажеме на фудбалерите во тие десет дена кои преостануваат до стартот на квалификациите индивидуално што да работат пред се на физички план", вели македонскиот селектор.
Терминот за Шкотска не е во ред, но...
И Среќко Катанец се согласува дека терминот на квалификацискиот натпревар со Шкотска е апсолутно неприфатлив, но...
"Да се игра од 15 часот навистина не е в ред. Не дај боже временските услови да се вакви како што е во моментов во Скопје, но како и да е ќе мора да се прилагодиме, сакале или не", вели нашиот селектор.
Подготовките за квалификациите во Скопје
Место досегашната база Охрид, македонската репрезентација од 1 септември за квалификациските дуели со Шкотска и со Холандија ќе се подготвува во Скопје.
"Во Скопје ќе се подготвуваме со цел фудбалерите подобро да се аклиматизираат на временските услови под кои и ќе се играат натпреварите. Сепак, Охрид е на околу 700 метри надморска височина, со сосема поразлична клима од Скопје", истакнува Катанец.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|