вторник, 07.09.2010

  IDIVIDI Мени
Спорт / Фудбал

Денеска на “градски” против Шкотска за пласман на СП 2010

Дојдовте во “ПЕКОЛОТ”!!!

”Ќе ве победиме. Не затоа што ќе играме на топло време туку затоа што ние имаме сили да ве надиграме”, им порачува Илчо Наумоски на денешните ривали

Тргнуваме!!! Македонија го почнува четвртиот квалификациски циклус за пласман на СП 2010. Почнува новата надеж, и тоа на “Градски” денеска од 15 часот каде ќе се судриме со секогаш незгодните и непријатни фудбалери на Шкотска. Помина времето на воигрување, тестирање, експериментирање. Денешниот меч ќе покаже колку сме силни и дали имаше шанси за подвиг. Фудбалската Македонија долго време очекува битка до последен здив и затоа овој прв меч со Шкотска е премногу важен. Ќе навиваме на победа, ќе се надеваме со реми. На пораз не ни сакаме да помислиме, такво нешто - “не, благодариме”.

Овие наши момци ја имаат потребната зрелост, знаење, но на теренот треба да докажат дека мора да се има верба во нив. Долго време се заедно, го почнуваат вториот циклус со Катанец и созреаја на меѓународната сцена играјќи по екипите од Италија, Германија, Австрија...

Македонија се очекува да ја има поддршката од домашната публика, но и од сонцето. Високи 35 степени се очекуваат за време на одигрувањето на средбата.
“Ќе ве победиме. Дојдовте во 'пеколот' и на теренот каде паднале многу посилни селекции од Шкотска”, им порачува Илчо Наумовски на своите ривали.
Колку Македонија ќе успее? Колку ќе ја искористиме домашната трева и високата температура. Илчо Наумоски е еден од адутите за гол во мрежата на Гордон.

“Топло време како за нив така и за нас. Мислам дека Шкотите се свесни што ги чека па затоа со денови бараат алиби за можен дебакл на Градски. Хрватска ја 'бутнавме' на калла, а Шкотска ќе ја 'стопиме' на сонцето. Со три бода на стартот ќе ја почнеме битката за позициите кои водат на СП”,  се оптимистичките зборови на Наумоски.

Фудбалерот на Матерсбург заедно со Пандев и Гроздановски беа нашите стрелци на последниот тест во Луксембург (1:4).
“Да ја повториме играта од првиот дел од тој меч. Очекувам голема поддршка од трибините, а ние, фудбалерите, ќе им се оддолжиме на нашите навивачи. Сите посакуваме старт со победа. Ќе го дадеме срцето на теренот затоа што ова е најважниот меч во квалификацискиот циклус. Победа над Шкотска ќе значи и еуфорија пред Холандија. Ајде сега и ние да се радуваме...”, е завршниот коментар на Наумоски.

Нашиот фудбалер од нападот се наоѓа во исто расположение како и пред дуелот со Хрватска кога најавуваше триумф и стигнавме до победата.
Тука вреди да се напомене дека оптимизмот со денови е актуелен кај сите наши момци. Составот на Среќко Катанец е уверен дека во овие квалификации треба да се направи нешто повеќе, а атмосферата ќе зоврие само доколку денеска во Скопје успееме да ја победиме Шкотска.

И. Д. Ивановски

ЧУВАРОТ НА МРЕЖАТА СО СВОЕ ВИДУВАЊЕ

Милошевски: Нема да биде лесно

Нашата “единица” ќе биде еден од најискусните во тимот на Катанец и воопшто на теренот. Петар Милошевски досега учествувал на многу битки. Освен на дуелите со Исланд тој ја има чувано мрежата на дуелите со Англија и Република Ирска.
“Навикнавме на островскиот фудбал, посебно на оние дуели со Англија кои треба да ни бидат од огромна полза токму сега во овој циклус. Треба да веруваме во себе и во текот на сите 90 минути да бидеме максимално претпазливи. Нема да ни биде лесно затоа што Шкотска е репрезентација со висок рејтинг и состав кој во Скопје не доаѓа да загуби”, рече Милошевски на еден од последните тренинзи пред денешната средба со гостите од Островот.

Пандев тргнува во лов на Христов

Нашиот најдобар фудбалер со 13 голови е најефикасниот фудбалер во составот на Македонија. Неговиот збир на голови е корегиран па така сега му недостигаат уште четири за да го сруши рекордот на Ѓорѓи Христов. Со двоцифрен број голови е и Горан Мазнов, кој досега десетпати ги тресеше противничките мрежи. Нашите голгетери денеска се пред нов и тоа голем предизвик. Мора да се тресе мрежата на Шкотска доколку сакаме триумфален старт. Се надеваме дека Пандев и со новиот број на дресот - “10” ќе продолжи во ист стил да ги тресе мрежите.

На “јужна” нема место за “килт”

Редарските служби на “Градски” имаат строга наредба. На Јужна не смее да влезе ниту еден навивач од Шкотска па макар тој имал и билет. Ако дојде до ваква случка билетот ќе биде одземен, а против препродавачот ќе следат судски мерки.

ФФМ со денови најавуваше дека нема да се продаваат билети на гостинските навивачи за нашата најголема трибина. Од наша страна беа почитувани сите правила на ФИФА и Шкотите добија 998 билети за источната трибина.
Според најавите, во Скопје денеска ќе има најмалку 2.000 шкотски навивачи, а половината од нив се без билети.

Блиц, Блиц, Блиц

*Гоце Седловски со 85 настапи ќе биде фудбалерот од двете селекции со рекорден бројот на одиграни натпревари за државниот тим.
*Дарен Флечер е најзвучното име кое ќе се појави на “Градски” затоа што е актуелен освојувач на европската клупска круна со Манчестер Јунајтед.
*Според статистиката на ФФМ, Величе Шумуликоски денеска по јубилеен 50 пат ќе го носи дресот со државниот грб.
*Капитенот Гоце Седлоски и Петар Милошевски денеска го почнуваат седмиот од вкупно осумте квалификациски циклуси кои ги игра селекцијата на Македонија.
*Капацитетот на “Градски” е намален поради изградбата на новата “северна” трибина.
*Билети за средбата има и истите се продаваат по 1.000 денари на билетарницата пред “Градски”.
*Во квалификациите на СП имаме одиграно 30 натпревари со 8 победи, 6 нерешени средби - 11 порази и гол разлика 37:50.


СРЕЌКО КАТАНЕЦ ПРОТИВ ЏОРЏ БАРЛИ - ДВЕ РАЗЛИЧНИ ФУДБАЛСКИ ПЛАНЕТИ

Ќе нападнеме со тројца

Гостите со дефанзивна тактика и без силно темпо, а ние со веќе видениот рецепт кој треба да донесе полн погодок

Нема големи мистерии околу стартните “11” на Среќко Катанец за денешниот дуел со Шкотска. Веќе видено и веќе проверена формација која на тест средбите носи позитивни резултати. Со три напаѓачи Пандев-Наумоски-Мазнов. Делува премногу офанзивно, но само на хартија. Мазнов и Наумоски се очекува да бидат нашата најдобра “одбрана” затоа што од првата минута ќе треба да го прават притисокот на противничката половина. Еден од нив ќе изгине во првиот дел па така во вторите 45 минути ќе ја спуштиме топката затоа што во игра треба да биде уфрлен Тасевски. Шкотскиот селектор Барли ќе се обиде со сите сили да го сопре Горан Пандев. Тоа треба да биде шансата за Наумоски и Мазнов, кои во една таква игра би имале повеќе простор за игра. Шкотите во офанзивата ќе тргнат “затворено”. Само со Милер како истурен напаѓач и Мек Фаден, кој ќе делува од позадина. Токму од таа втора топка или вметнувања од втор план стравува нашиот шеф кој со денови ја подготвува одбраната на таков стил на игра. Седлоски, Митрески и Новески имаат капацитет да ги сопрат налетите на гостинот, а пред нив се очекува партнер на Шумуликоски да му биде Гроздановски. Добро функционираа со Хрватска, но и на последниот тест со Луксембург.

Ние можеби најголемите грижи ги имаме на бочните позиции. На левата го нема Попов, но се враќа Петров, кој имаше повреда, долга пауза... Повеќе делува дефанзивно и ретки се неговите вметнувања. На десната страна Владе Лазаревски. Има серија лоши настапи, а во клубот не ја игра таа позиција.
Во составот на Шкотска проблематична е одбраната и затоа истата ќе биде густа.

Кој ќе ја добие битката!? Катанец или Барли. Две сосема различни фудбалски планети во стилот на игра и во формациите на селекторите. За очекување е дека гостинот поради горештината нема да форсира. Ќе почне со бавно темпо и долги топки. Нема да се опушта и ќе се обиде што е можно поради да се ослободи од стартниот притисок на Македонија.
Ќе бидеме блиску до триумф само ако реализираме во првите 20 минути и ако успееме да ја спуштиме топката на земја, да ја рашириме играта.
“Само први да забиеме...”, тоа е желбата на Катанец и желбата на целата наша нација. Ајде...

И. Д. Ивановски

СИТЕ НАШИ ПОЧЕТОЦИ

Без пораз кога тргнуваме од “Градски”

Македонската репрезентација низ досегашните седум квалификациски циклуси нема пораз кога натпреварите ги стартувала на нашиот најголем стадион.
Четири дуели од седумтте циклуси започнавме на домашен терен при што со три победи а само едно реми во првиот квалификациски циклус за ЕП 1996 година против Данска (1:1). На стартот од квалификациите Македонија досега има само еден пораз и тоа од Словачка на гостински терен (2:0) во квалификациите за СП 2002. На гостински терен во првите натпревари одигравме без победник (1:1) со Лихтештајн во 2002 година, а триумфиравме со Естонија во претходниот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2008 во Талин со 1:0 со голот на капитенот Гоце Седлоски.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 1996
07.09.1994 Македонија - Данска 1:1
12.10.1994 Македонија - Шпанија 0:2
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 1998
24.04.1996 Македонија - Лихтенштајн 3:0
01.06.1996 Исланд - Македонија 1:1
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2000
06.09.1998 Македонија - Малта 4:0
14.10.1998 Хрватска - Македонија 3:2
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2002
03.09.2000 Словачка - Македонија 2:0
06.10.2000 Македонија - Азербејџан 3:0
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2004
08.09.2002 Лихтенштајн - Македонија 1:1
12.10.2002 Македонија - Турција 1:2
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2006
18.08.2004 Македонија - Ерменија 3:0
04.09.2004 Романија - Македонија 2:1
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2008
16.08.2006 Естонија - Македонија 0:1
06.09.2006 Македонија - Англија 0:1


ШКОТСКАТА СЕЛЕКЦИЈА ВЧЕРА ГО ПОЧУВСТВУВА ТЕРЕНОТ И ТЕМПЕРАТУРАТА НА “ГРАДСКИ”

Барли: “Македонците ќе одат на брз гол”

 “Македонија има одличен тим кој посебно добро игра на домашен терен. Но, и ние секако дојдовме по позитивен резултат без разлика што ни недостасуваат неколку фудбалери”, вели селекторот на Шкотска

Селекторот на шкотската репрезентација, Џорџ Барли, откако пристигна вчера во Скопје, сепак, и покрај првичното префрлување на фаворитската улога кон Среќко Катанец, веќе најавува дека во Македонија, без разлика и на топлото време и на неколкуте отсуства поради повреди, допатувал по позитивен резултат.
“Дефинитивно не посакувавме вакво време какво што н$ пречека овде. Свесни сме за незгодниот термин за игра и нема потреба тоа постојано да се потенцира. Играме квалификациски циклус и мора да бидеме подготвени, доколку сме сериозна селекција, да играме под секакви услови”, одговори вчера пред тренингот на “Градски” Џорџ Барли на прашањата на шкотските новинари, веднаш потоа дополнувајќи за очекувањата во пресрет на денешната средба.
“Македонија има одличен тим кој посебно добро игра на домашен терен. Последните шест месеци имаат добри резултати на пријателските натпревари и тоа со различен тип на национални селекции. На ДВД ги следев нивните дуели со Хрватска, Полска, Србија, Луксембург... Согласно тоа очекувам тежок натпревар и за двете селекции”, истакна Барли.
“Мислам дека Македонците ќе се трудат да постигнат брз гол. Наш адут е средниот ред. Доколку успееме да ја преземеме контролата на играта на средината од теренот мислам дека нема да имаме никаков проблем за победа. Да не се залажуваме, ние секако дојдовме по позитивен резултат без разлика што ни недостасуваат неколку фудбалери”, ги соопшти очекувањата селекторот на Шкотите веднаш потоа насочувајќи се кон тренингот на својот тим.

В.Булатовиќ


Морисон отпадна, Мек Манус игра

Според последните вчерашни информации од шкотскиот табор, фудбалерот од средниот ред Џејмс Морисон, член на англискиот ВБА, поради повреда и дефинитивно не е во комбинација за денешниот дуел. Како што велат Шкотите, во средниот ред сериозно ќе им недостасува и Фергусон. Во негово отсуство погледите се насочени кон членот на Манчестер Јунајтед, Дарен Флечер, кој треба да го носи средниот ред.
Капитенот, Стефан Мек Манус, пак, е 100% подготвен за дуелот и ќе биде во првиот тим.
“Очекувам тежок дуел. Но, како што вели селекторот, единствено сме концентрирани на нашата игра. Доколку одиграме како што се договоривме, нема да има проблем да дојдеме до добар резултат кој го посакуваме”, вели Мек Манус.

Повторно потенцирани неопходните 17 бода

Џорџ Барли вчера повторно ги нагласи неговите калкулации дека ќе им бидат неопходни 17 до 18 бода за пласман на СП 2010.
“Да, мислам дека 17 до 18 бода ќе бидат доволни за пласман на СП. Ако ме прашувате што очекувам од Скопје, тогаш само ќе кажам дека доколку сакаме да ја видиме Јужна Африка јасно е дека мора три бода од тука”, краток а јасен е гостинскиот селектор.




Наjновo од Спорт
„Гревовите“ на Доменек
Победа против Ерменија, императив за македонските фудбалери
И Спорт тврди дека Фабрегас догодина доаѓа во Барса
Заврши меѓународниот турнир во борење „Кочани 2010“
Јонуз од трибините против Ерменците
Алвес ги откри вистинските причини за заминувањето на Ибра
Победата на Педроза во сенка на смртта на Шоја Томизава видео
Претепан потпретседателот на Фудбалскиот сојуз на БиХ
Белорусија ја победи Франција во Париз
Шалке го има најскапиот тим во клупската историја
Големите ѕвезди не сакаат во Сити
Мурињо и Гвардиола се "скараа" за Златната топка
  IDIVIDI Сервиси
Едукација
Multibox
Мое видео
Chat
Фото
MAXarena
Webmail
Download
E-cards
Форум
Games
Именик
Огласи
Речник
ТВ програма
Пребарување
Пребарување по клучен збор во содржина
 
 
WEBmail
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
IDIVIDI™, сите права задржани : Македонски Телеком - 2004
преземи