
|
 |
Спорт / Фудбал
|
|
ФФМ ќе ја спасува Ренова!?
Нема враќање назад. Инцидентот е направен, натпреварот е прекинат, а Македонија Ѓ.П ќе добие службени 0:3. И повторно таму, во Тетово!!! Веќе е докажано дека Македонија станува рекордер во Европа по бројот на прекинати средби. Секоја сезона се полошо и полошо, а тие кои треба да ги преземат конкретните мерки поради свои лични причини, долгови и "кирии" немаат сили да излезат на крај со ваквите проблеми и тепачки.
И што се случува сега!? Скандалот се случи, но за зачудување е односот на Македонија Ѓ.П. Тимот од "Ѓорче" е во тотален молк. Забрането е да се дават изјави, да се зборува јавно за инцидентот во Тетово. Зошто!?
"Македонски спорт" дознава дека неколку часа по прекинот е почната операцијата "Спас на Ренова". Во никој случај клубот од Тетово нема да добие ригорозна казна за последните случувања на полувремето на дуелот со Македонија Ѓ. П. Станува збор за "пријателски" клуб на ФФМ и екипа која има добар "медијатор" за овие работи - Мирсад Јонуз. Селекторот на репрезентацијата до 21 година е единствената допирна точка на трите страни. Близок со двата клуба и со фудбалскот врв. Сега не се во прашање принципи или правилници туку други работи кои немаат врска со фудбалот и интереси кои во иднина треба да ја кројат табелата и местата за евро-куповите.
Ренова!? Мирниот клуб од Тетово во оваа сезона тргна многу турбулентно. Има најдобар старт во една сезона, но затоа, пак, има три скандалозни средби.
1. Тепачката на "Градски": Ренова е главната причина за казната на Вардар кој од ФФМ беше "репнат" со 4 средби играње пред празни трибини поради тепачките во ложата и пред "Градски" каде играа и пиштолите.
2. Инцидентот со Милано: Раководството на кумановци обвини дека било нападнато на полувремето од страна на претставникот на Ренова. Исто така Милано обвинуваше дека Ренова ги платила судиите на чело со Кипријановски да судат во нивна корист.
3. Прекин со Македонија Ѓ.П: Во ходниците на полувремето удрен е фудбалерот на гостите Амбурует, кој е префрлен во болница, а "лавовите" не го продолжија натпреварот.
Во меѓувреме беше и дуелот со Пелистер на кој тетовци добија три "судиски" бода затоа што ФФМ го казни судијата Спиркоски од Прилеп кој со грешките влијаел на резултатот, но да не се крева прав таа вест не е обелоденета.
Значи Ренова станува проблем!!! ФФМ го толерираше инцидентот со Милано, затоа, пак, строго го казни Вардар и што сега!?
Зачудувачки е и тоа што вчера ФФМ е без никаква реакција. Па добро бе!!! Зарем требаше да има жртви па тогаш да има став од "куќата на фудбалот". Инцидентот доаѓа само три дена по оној смешен состанок на УО на ФФМ и идејата да се тргне во борба против насилствата на стадионите.
Која ќе биде казната!? За ваков инцидент според правилникот треба да следи автоматска парична казна од 5.000 евра и забрана за играње во Тетово од 2 до 12 средби. Сепак, на Ренова ова & е првпат и затоа за казната ќе биде најминимална, колку да се рече дека има казна, а тоа најдобро го знаат "комесарчињата" во ФФМ. Смешна е вчерашната најава дека ФФМ бара лекарско уверение од удрениот фудбалер. Тие се сомневаат, а човекот беше во кома и заврши во болница.
Како тргнало лошо ни се пишува. Оваа сезона има горчлив почеток, а каков финиш ни следи, ќе покаже времето. Ако има жар за водечките позиции, ќе има и крв по терените. Така се игра фудбал во Македонија.
|
|
|
 |
|
 |
 |
Пребарување
|
|
|
|
|
|
 |
IDIVIDI Речник
|
|
|
|
| Powered by MagnumPRO |
|
|
|